Ферман за верата
Напомена: долг и сувопарен пост, не е за мрзливи
Себе си се сметам за човек со отворен став кога се работи во врска со верувањето (во натприродни сили, просто кажано). Секоја моја определба како верник или неверник би била непотполна, но не чувствувам потреба дека мора да објаснувам во што конкретно јас верувам/не верувам (Арчи копирајт) – (не)верувањето е пред се` лична работа, и таа треба да си остане во домот и во душата, а единствено да се манифестира преку постапките.
Крстен сум во црква, а именденот ми е на Велигден. Со оглед на моето влашко потекло, не е тешко да се претпостави дека мојата фамилија има голема православна традиција, а и до ден денес си ги негува тие вредности. Згора на тоа, имам и малку црногорска крв во мене. Хардкор. И за сликата да биде комплетна, имам и предци свештени лица.
Овие факти не играат некоја голема улога во поентата што сакам да ја извадам од постов, ама мене ми се битни, бидејќи ја изразуваат мојата непосредна врска со Православието, и општо, Христијанството, и затоа ќе си земам за право малку да продискутирам на таа тема.
Христијанското учење и неговиот антипод – Христијанската религија
Кога зборувам за Христијанство, секогаш правам разлика помеѓу христијанската филозофија на живот и Христијанството како религија (овдека ги ставам топтан сите деноминации).
Христијанското учење, филозозфијата на живеење, го сметам за многу легитимно, од причина што тоа се јавува меѓу поробениот народ, најниските слоеви, сиромаштијата. Христијанството, во својата изворна форма е револуционерно неуниформно движење, спиритуално и пацифистичко, а не милитантно. Во таа своја рана фаза, Христијанството човекот го зема в предвид како позитивно суштество, на него гледа со оптимизам и со верба дека ќе ги достигне идеалите на слободата и еднаквоста. Десетте Божји заповеди, доколку секој би ги почитувал, денес не би имало зло на Земјата. Неминовно. Како такво верување, Христијанството, е сродно со учењето на анархизмот (кој јас лично го доживувам со многу симпатии). Солидарноста, хуманоста, самиот утопизам е нераскинлива врска меѓу нив, а дека двата концепта се споиви, најубаво ќе докаже Толстој. Слична таква доктрина во пракса ќе применат и Ганди и Мартин Лутер Кинг.
Но, револуционерноста и визијата на Христијанството завршуваат во 325 година од нашата ера, кога тоа е прогласено за официјална религија на Римското царство, се унифицира и институционализира и станува средство во рацете на владетелите. Од тогаш, до денес, Христијанството е постанато се` она што самото тоа го презира, вулгарно злоупотребувајќи ги филозофските постулати на едно цело движење, дообликувајќи ги преку разни схоластички малверзации и во моментите не немоќ на населението манипулирајќи со него. Самата шизма од 1054 е јасен индикатор за тоа што Христијанството претставувало уште тогаш. Главните причини за дефинитивниот раскин на Константинопол со Рим биле многуте борби за превласт на свештениците на едната или другата страна, и битката меѓу врховните авторитети. Нешто како расцеп на владејачка коалиција.
Овој пат ќе ги протрчам на кратко крстоносните војни, поради честите аргументации дека тоа е дело на Католиците, и дека тие немаат врска со Православието. Само ќе напоменам дека токму Византискиот император Алексиос Комненос има голема улога во Крстоносните Војни, давајќи му алиби на Католикот – тој по неколкуте порази против Турците, на помош го вика западниот брат; а папата Урбан Втори наместо помош му ја испраќа мобилизирана сета војска од Атлантикот до Јадранот, во име на ослободување на Ерусалим и одбрана на Светата земја; сепак, испратената армија многу повеќе се занимавала со други дејности, отколку со помош на Византија. За крстоносните војни види тука.
За колонистите, Инквизицијата, индулгенциите, па се` до Буш, не ми се ни зборува.
Впрочем, денес Христијанството (овдека мислам на збир од сите верници, владетели кои се повикуваат на Бога, у пакет со Папата, Патријархот, Надбискупот од Кентербери и дури Мормоните), како глобална религија со околу 2 милијарди припадници е истиот демон како и оној против кој се борело – светски хегемон, кој наметнува влијание, извор на нетолеранција, делување основано на стереотипи и предрасуди и плодна почва за виреење на конзумеризмот. Монотеизмот кој изворно бил концепт за создавателот (во служба на идеалот на еднаквоста), а во пракса концепт кој требало да се спротистави на божествената а со тоа и даночната „олигархија“, станува токму основа за втемелувањето на монопол на власта. Вулгаризирањето на теоријата за еден Бог, еден преставник на земјата (Папата) и една вистина доведува до познатата максима Ein Volk, Ein Reich, Ein Führer; за 50-тина години подоцна да започне да доминира идејата за еден пазар.
Православието
Христијанството, особено Православието, повторно добива определена социјално-мобилизаторска и освестувачка улога, кога Балканот го завладејуваат Османлиите. Тоа сепак, не се случува во некој револуционерен контекст, туку како еден вид на механизам за зачувување на идентитетот и автономијата преку милетскиот облик на нетериторијален федерализам. Но, поради тоа што е политички issue, во еден таков централизиран систем со јака хиерархија, Христијанството се сведува на попови и цркви, при што поповите се малтене во служба на султанот, значи отпаѓа било каква претпоставка за христијанска основа на сето тоа. Сепак, камата и кубурот биле поставени на Евангелие, а револуционерите се колнеле во верата, тоа е непобитно. Значи, историската улога како носител на идентитетот никој не ја спори. Впрочем, верата на ова поднебје успева да си се одржи и при условите на присилно наметнатиот атеизам во поранешниот систем. Можеби токму поттикнати од тоа, структурите се решаваат да ја возобноват МПЦ во 1960 и некоја. Во минатото, православната вера на Македонците била фактор, многу повеќе од денес, и тоа е вистина.
Сепак, кога ќе се земе в предвид дека типична православна теократија е Грција, земја во која бескомпромисно се применувале сите механизми на бришење на разликите меѓу населението, токму со благослов Православната црква; кога на тоа ќе се додаде православниот српски апокалиптичен милитантен национализам (да не заборавиме дека Аркан беше благословен токму од поповите); Бугарија, која пак токму црквата (исто како и Грците) ја користела како средство за остварување на своите мегаломански визии; и Русија како православен џин, кој (го исклучувам повеќедеценискиот комунистички мрак) бескомпромисно грабел и експлоатирал исто така „во име на Бога“, тогаш впечатокот за Православието е дека тоа е прилично агресивна и крвожедна конфесија, која е повеќе потенцијално оружје за масовно уништување отколку било што друго.
Македонија, верата и веронауката
Значи, хаос постов, ама дојдов до самостојна Македонија и сегашната ситуација. Пред да продолжам натаму, би сакал да заклучам дека, ко што се гледа во овој груб преглед на нештата врзани околу Христијанството и Православието, со целата должна почит према Христијанското учење и историската улога на верата во Македонија, денешниот облик на Христијанството општо, и засебно, на Православието, ги сметам за тотално нехумани и зли појави кои не смеат да бидат платформа на општественото уредување; но на индивидуално ниво, секој има право да се чувствува, декларира и однесува како Христијанин и Православен, без за тоа да сноси било каква одговорност или тоа да влијае на неговиот јавен живот.
Субјективниот момент на оваа изјава е дека „тоа се зли и нехумани појави“; но останатиот дел е сосем коректен и во склад со правните норми на земјава.
Она што секој граѓанин на Република Македонија треба да го сфати е дека согласно Уставот:
- има потполно право да се изјасни како припадник на било која религија, или како неприпадник на ниедна
- во Република Македонија сите религии се еднакви пред законот
- во Република Македонија не постои државна религија
- во Република Македонија не постои примарна верска установа
Овие аргументи се доволни за секој да разбере дека со Устав, Република Македонија имплицитно е определена како секуларна, т.е. лаичка држава, каде што верата и државните институции се целосно одвоени, и нема нивно меѓусебно мешање во дејствувањето, а во исто време државата не. Тоа што Уставот напати не е почитуван во досегашната пракса (ај да не навлагам за крстот или Вранишковски, ете просто и едноставно – шо бараат поповите да осветуваат градби од типот на Театар или сл.) е уште еден аргумент во полза на тоа дека во Македонија не владее правото, а и абер нема да завладее.
Тоа што Македонија е (дефинирана како) секуларна држава, исто така не подразбира дека таа треба да води анти-теистичка политика. Концепцијата е јасна – секој со свое право на избор на вера, без можност тој избор било како да се рефлектира на јавното делување или политичкото реализирање на граѓанинот. Секуларноста подразбира верификување и давање легитимност на историската улога на православието и негување на таа традиција, но си има посебни институции за тоа.
Тоа пак, подразбира дека во земјава, е сосема нормално и прифатливо да се предава и учи веронаука, НО, ако и само ако таа си се одржува во верски или приватни училишта. Поп во државно училиште не смее да стапне. Особено што под веронаука (каков оксиморон – вера и наука) во Македонија се мисли токму на верско образование, не религиологија, туку религиска етика, малтене литургии само без пеење, перење мозок и индоктринирање на догми, убивање на било какво критичко размислување и несоздавање на подлога за рационален пристап кон проблемите у живот. Вера, надеж и љубов е супер, ама кога би било плод на социјализацијата во мала кохерентна заедница, каде што нема да се сервираат вистини, туку вредности. А триесет деца наспроти попот, односно триесет овчички наспроти пастирот, е сосем поинаква ситуација. Тие нема да се облагородуваат, туку ќе бубаат религија, нивниот морал нема да биде резултат на нивните морални судови, туку резултат на рестриктивното однесување на авторитетите; кога веќе зборуваме за авторитети, нема подобар начин за стекнување на авторитарна поклоничка свест од тоа да задолжително да слушаш поп на школо.
Ако сево ова се смести пак во една мултикултурна општествена констелација, тогаш проблемот станува уште позаплеткан, бидејќи религијата во Македонија е дополнителен расцеп меѓу доминантниот и вториот по големина етницитет; така, наместо да се премостуваат разликите, јазот ќе се продлабочува. Граѓанскиот концепт на нацијата бара „секуларизација“ на етничкото; ама што правиме кога секуларна држава ја туркаме назад во религизна токсикација преку сместување на верата во школските клупи?!
Можеби не бев доволно јасен, можеби бев премногу конфузен, не употребив ниеднаш „нејсе“ и се надевам некој исчитал до крај.
No related posts.
4 Comments
ete i ne e taka dolg postot,nitu pak nejasen nity pak konfuzen.go iscitav do kraj,poentata e na mesto.i ne bi sakala da baram nekakva logicnost vo implementacija na veronauka vo obrazovniot sistem,ednostavno neli toa e nelogicno.
[Translate]
Soon…
[Translate]
Na ANTI (blogerot) mu preporacav edna kniga za malo prosiruvanja na negovite hristijansko religiski vidici,pa si zemam za pravo da ti ja preporacam i tebe (no ne i sosila da ti ja nametnam,hahaha), knigata nosi naslov NEBESKO SEME (angliski original The Mustard Seed) od Sri Rajneesh Osho.Ako ti e dolga i dosadna,samo prelistaj ja.
[Translate]