Back To The Future
Нова Македонија, број 614991, 22 април 2072
Историјат на ВУНА во куси црти
(денеска Анастас I Шепард полни 85 години)
2009: Основачот на концернот ВУНА, Анастас I Шепард, на почетокот на овој век започна сосем незабележително, влегувајќи во текстилната индустрија. Логичен потег, знаејќи за бизнисот на татко му и неговата бизнис позадина. А и името се вклопува, земајќи в предвид дека акцентот во производството е ставен на зимска гардероба.
2011: ВУНА започнува со производство на сопствена облека – без видливи апликации. Започнува популаризација меѓу младото население. Особено важно е што продажната цена е само 5% поголема од трошоците.
2012: Отворена е првата стоковна куќа ВУНА, подоцна преименувана само во „стоковна куќичка“. До крајот на годината, ВУНА во својата продавница продава само своја роба. Започнуваат првите шпекулации за ненадејно големите средства вложени во компанијата.
2014: Ланецот „стоковни куќички“ достигна неверојатна бројка од 26 продавници низ Републиката и соседните држави. Бордот на директори го објави планот, во наредните 2 квартали да се атакува на Јужноамериканскиот и Африканскиот пазар. Цените на производите „облека“, бившата марка ВУНА важат за пример на обратнопропрционалност: висок квалитет за ниска цена.
2015: Шепард започнува со купување на конкурентските марки. До крајот на годината, под вуна се Tommy Hilfieger, Dolce&Gabanna, Ecko, Gucci, Diesel, Replay, Energie, Fubu. Шепард на своја одговорност донесува одлука, да се распуштат одделенијата за лепење марки, а вработените се прераспределуваат. До крајот на 2016 тој почнува во поход на италијанскиот пазар. На Божиќ 2016, Fashion TV станува WTV, кој станува спортски канал.
2018: „Облека“ го купува Nike, а подоцна и Adidas, со што на голема врата влегува во индустријата за спортска опрема. Произведува дресови и патики без логоа.
2021: „Облека“ е веќе глобална марка. Foot Locker и сите поголеми дистрибутери стануваат дел од неа со стратешки план за нивно постепено преименување во WUnrestricted. Менаџерот Ивица Антески свечено објавува дека производните капацитети во Турција ќе бидат основа на идните планови на „Облека“. Подоцна истата година, ВУНА ја проширува својата дејност: влегува во прехрамбената индустрија.
2022: Првобитната цел на „Прехрана“ е локалниот пазар: Насто, Битолска млекара, Агроплод, Лијановичи, ПКБ и сл. Со подмитување на синдикатите, „Прехрана“ ги нагодува земјоделците на безусловна соработка. Подоцна, врши феудализација – го откупува земјиштето, а земјоделците стануваат вработени во ВУНА.
2025: „Прехрана“ го купува концернот Coca Cola за ефтина цена. Овој пат под знак прашалник се аргументите. Шефот на одделот за прехрамбена индустрија на ВУНА, Александар Букарски, изјави: „Им дадовме понуда што не можеа да ја одбијат“.
2026: ВУНА го укинува брендот Coca Cola. Формира оддел за уништување на плакатите и ѕидните реклами, и го распушта одделението за лепење налепници. Шепард наидува на остра критика поради „грдотијата“ на проѕирните шишиња. Во негова одбрана застанува Букарски кој во негов стил изјавува: „Ако не ви се свиѓа, не пијте“.
2029: ВУНА официјално влегува во медиумите, но само во електронските, бидејќи весниците беа одамна поткупени. Нуанда Мозговјанов е назначен за директор на одделот за медиуми. До крајот на годината, ВУНА е мнозински сопственик во сите локални медиуми, и по макотрпен процес ги купува Deutsche Welle, SKY и Fox. Следната година по повторночудни околности, ги купува CNN, BBC, Al Jezaira и Reuters. По комплетирањето на договорот со БТР, сите медиуми на ВУНА се преименуваат во КаналСпорт, КаналФилм, КаналВреме.. се до КаналПорно. Шепард издава забрана за било каков комерцијален оглас на неговите телевизии.
2034: Шепард, а со тоа и мегалоконгломератот ВУНА преживуваат атентат од страна на екстремистичка група, предводена од Јован Петров – Џо. Шепард се одлучува на полежерна политика на ВУНА. Во наредните 10 години ВУНА мирува. Дури и се заборава името ВУНА.
2043: На КаналМузика, излегува преработка на темата Love Me Do
на Beatles, од страна на бендот WNA (Даблју Ен Еј) предводен од познатиот музичар Dwr Budr кој тогаш има 60 и кусур години. На нивниот спот стои дека зад нив стои WNA production, а во наредните денови се дознава дека преку Лала, Шепард се вклучува и во забавната индустрија. За неполн месец сите поголеми музички имиња се приклучуваат кон WNA, а уште во првите две недели Epic, Sony Records и многу други одат во стечај. За шест месеци веќе не постои друга продукциска куќа. Тогаш Шепард ненадејно ја преименува WNA во „културно уметничко здружение“. Секој профит оди во фондацијата за сиромашни при ВУНА, а уметниците добиваат онолку колку што им треба.
2044: Истото се случува во филмската индустрија. Укинат е жанрот „тинејџерска комедија“ поради субјективни причини.
2047: Многу логично, по влезот во забавната индустрија, ВУНА влегува во технологијата. Крилото на ВУНА задолжено за тој пазар е предводено од Moonwatcher. ВУНА понатаму го купува Microsoft, па потоа мирува.
2055: Шепард додека е во посета на македонскиот претседател Моби, е жртва на уште еден атентат, од страна на екстремистичката група „Лопата“. После тоа, Шепард се пензионира. На чело на ВУНА застанува Анастас II Шепард, син од првиот брак со французинката Изабел, инаку постара од Шепард.
2058: Во едно истражување од КаналЛупа (некогашен Ројтерс), заклучено е дека „вуна“ е збор кој се споменува многу ретко, и покрај што е името на најголемата компанија во историјата.
2066: ВУНА се остри да влезе во воената индустрија. Но, третиот атентат, на веќе изнемоштениот Шепард, го предомислува Бордот на Директори.. ВУНА официјално прогласува status quo.
2067: Големите суми на ВУНА, се вложуваат во хуманитарни акции: до денес изградени се преку 10000 болници, милиони километри водовод, платени неброени долгови, а капиталот на ВУНА е сведен на минимум (кој номинално е огромна цифра). Сепак, се смета дека денес повеќе од 66% од паричните средства на Земјаните што се во оптек, се всушност, живите средства на ВУНА.
No related posts.


