The Lord Of The Rings: The Extinction Of The Smrads
Се случуваше некаде на Средната Земја… Југоисточно од Мордор, царството на злото.
Поминаа векови откако Саурон ја загуби својата моќ, а легендата за Прстенот остана само легенда. Се пренесуваше од колено на колено…
Да напоменам, во овие времиња со Средната Земја раководеше Заедницата на Гондор и сојузниците. Во тие сојузници од териториите југоисточно од Мордор спаѓаа единствено Мандраците, кои беа еден зол народ. Но Пактот не беше доминанта светска сила. Кралството на Конкерите беше тоа кое ја наметна својата власт над Западната, Средната и Источната Земја.
Во овој период повеќето народи на Средната Земја живееја во мир и благосостојба. Но не сите. Токму југоисточно од Мордор постоеше земјата на Смрадовите. Смрадовите беа чудна раса – личеа на луѓе, но имаа многу поинаква психа. Беа малку глупави, инатливи, и себични. Завидливоста им беше својствена дури и на малите Смрадчиња.
Нивната земја беше голема територија, но не излегуваше на Големото Море. Претежно планинска земја беше земјата на Смрадовите, а низ неа течеше познатата Сплинтерова Река. Почвата беше плодна, а преку цела година имаа едно годишно време: пролет. Имаше живописни глетки, а стариот мудрец Гандалф оваа земја ја опишуваше како најголем парадокс: божји дар во рацете на еден народ кој не заслужува такво нешто.
Смрадовите не беа силен народ. Нивната војска беше слабо опремена. Но поради божемниот мир кој владееше во Средната Земја, ним не им требаше војска. Позагрижувачки делуваше неслогата на народот и лакомоста на племенските водачи. Имено, двете главни племиња (Тениите и Сифилите) постојано беа закрвени и се караа кој има поголем имот. Беа доста богати, но во нивните очи се гледаше желбата за повеќе. Заслепени од својата лакомост и не беа свесни за големата опасност која им се закануваше.
На територијата на Смрадовите живееше уште еден народ – Планинците. Така беа наречени бидејќи живееја на планините. Но откако брзо се намножија, излегоа од Шумата и се симнаа во рамнината да живеат меѓу Смрадовите.
Планинците беа чуден народ. Беа мешавина меѓу Хобити и Орки. Мали по раст, но силни и крволочни. Воопшто, изгледаа како Голум. Не беа злобни, но времето ги направи такви… и суровоста на Смрадовите. Имено, Планинците се хранеа исклучиво со месо, а најмногу сакаа месо од еднорог елен. Смрадовите неосновано ги штитеа елените како да се некоја светост само за да ги провоцираат понемоќните Планинци. Така Планинците започнаа да им ги крадат коњите на Смрадовите, како одмазда. Но, во тоа време коњите беа бесценети, така што овој потег на Планинците беше тепање на мува со меч. Впрочем взаемната инаетливост и омраза која постепено растеше меѓу Смрадовите и Планинците навестуваше судир…
Смрадовите продолжија со нивната арогантност и не сакаа да им дозволат на Планинците да ги јадат еднорогите елени, кои и онака беа пренамножени и премногу за нив. Планинците продолжија со коњокрадството.
Судирот беше неизбежен. Еден ден, Планинците почнаа да ги напаѓаат мартолозите на Смрадовите. Кога дознаа за ова, племенските водачи испратија илјадна војска во напад. Коњицата јуреше и косеше се пред себе, а пешадијата напаѓаше на тврдините на Планинците. Битките се водеа насекаде низ земјата на Смрадовите, а за малку ќе дојдеше и до ненадеен напад на главната тврдина, Опида Реа, каде што се засолнија многу жени и деца Смрадови.
Кога се расчу за ова крвопролевање, целата Средна Земја стана на нозе. Гандалф и уште неколку придружници беа испратени од страна на раководството на Пактот да ја смират состојбата. Тие пристигнаа во замјата на Смрадовите и се сретнаа со племенските водачи. На крајот се спогодија при што Планинците добија право да јадат еднороги елени колку што сакаат.
Внатрешната состојба во земјата се смири, но само навидум.
Набргу настапи Црното Време, период од историјата на Смрадовите со кој се означува почетокот на крајот на нивното постоење… Време во кое соседните народи ги дотолчија разнишаните бедеми на Опида Реа.
Смрадовите за најголеми непријатели ги сметаа Планинците… но на нив доволни им беа еднорогите елени и украдените коњи. Испадна дека тие се најмалиот проблем. Народите кои беа населени околу територијата на Смрадовите ги демнеа и се спремаа за нешто големо. Со нив Смраовите имаа проблеми и во минатото, но во интерес на благосостојбата на Средната Земја, постепено ги заборавија.
Смрадовите на југ граничеа со Мандраците. Тоа беа припадници на раса слична на Смрадовите. Само што беа посложни и беа многу поблиску до човечката раса. Токму затоа и членуваа во Пактот. На север од Смрадовите пак беа Гарваните. Тие всушност и не се разликуваа од Смрадовите по ништо, но егзистираа како засебен народ ама беа непријателски расположени. На исток беа Урук – Хаите, народ кој од дамнешни времиња му служел на Саурон. Суштества направени од кал, злобни и подли, агресивни и крволочни.
Распадот на земјата на Смрадовите беше долгоочекуван. Како да имаа самоуништувачки нагон… сите пасишта и шуми им ги отстапија на Мандраците за малку минерали (во тој период златото го заменија минералите). Урук – Хаите добија поддршка од Тениите, а Гарваните од Сифилите. Племињата веќе не беа насочени кон разговори, туку кон војна. Капак на се беа Планинците… бараа се повеќе еднороги елени за да можат да го задоволат својот нездрав апетит.
Еден ден опашест кондор прелета на набото над Опида Реа. Како да навестуваше несреќа…
Истиот ден, темпларот Пафла изврши велепредавство. Тој поттикнат од Мандраците и Гарваните истури мелени нокти од змеј во изворот на Сплинтеровата Река. Смрадовите имаа природна одбојност кон оваа супстанца. Така сега водата која мораа да ја пијат беше за нив загадена. Веднаш го фатија Пафла и го затворија. Како реакција на ова Гарваните и Мандраците им објавија ултиматум – да го ослободат темпларот и да ја пијат водата бидејќи треба да се прифатат нештата такви како што се.
Смрадовите не ни се потрудија да одговорат на ултиматумот.
Непријателите пак, како само тоа да го чекаа. Гарваните испратија петилјадна тешка пешадија право на ѕидините на Опида Реа. Во тие моменти и Мандрачките змејови летаа кон Опида Реа… Но Смрадовите на помош ги повикаа долгогодишните непријатели – Планинците и успејаа да го одбијат првиот напад со здружени сили. Три дена и три ноќи Смрадовите око не склопија. Многу јунаци паднаа во бојот, многу деца останаа сираци и многу жени станаа вдовици.
Во екот на борбата на исток се забележа огромен црн облак…
Тоа беа Урук – Хаите. Јаваа на бикондри, мавтаа со секирите и испуштаа застрашувачки звуци. На Смрадовите не им преостануваше ништо освен да се предадат или храбро да загинат.
Но, Конкерите и Пактот не дозволија оваа војна да продолжи. Набргу Гандалф и дружината дојдоа во Опида Реа и се сместија во Стариот Замок.
На една огромна маса се одржуваше заседание на кое се одлучуваше иднината на земјите од Средната Земја. На чело седеше Гандалф, покрај него седеа неколку хобите, самовили, џуџиња и луѓе. До нив седеа Мандраците, а на поголемо растојание Гарваните и Урук – Хаите. Смрадовите и Планинците стоеја.
По неколку дена макотрпно расправање советот се реши да му ја довери конечната одлука на белиот волшебник – Гандалф. Галејќи ја својата долга бела брада мрдаше со веѓите во недоумица. После неколку часа мудрување тој одлучи на Смрадовите да им даде уште една шанса. Но и самиот знаеше дека прашање на време е кога ќе дојде до уште еден судир по кој Смрадовите ќе станат само дел од минатото.
„Само вие ќе знаете што да направите со времето кое вам ви го дадов“ додаде тој на крајот на својот исцрпен монолог.
Судбината на Смрадовите за прв пат беше во нивните раце… тие можеа да одлуќат како ќе ги проживеат последните години од нивното постоење.
No related posts.
1 Trackback(s)
- From Martin Markovski | Dec 23, 2009


