October 20, 2007

Ослободување од етикетите – илузии за почетници

Секој човек, кој што живее во определена општествена заедница е свесен за вредностите што таа заедница ги негува, за значењето на сите симболи и симболички структури, и следствено на тоа, помалку или повеќе несвесно дел од нив ги интерпретира како критериуми на сопственото однесување во истата таа заедница. Или поедноставно кажано, неминовно е секој поединец да тежнее кон прилагодување на културата која го опкружува (директно или индиректно).

Критериумите и култивизирањето на еден поединец се изводливи само во ситуација на позитивна слобода, слобода за сопствено реализирање во услови на траен мир, социјална сигурност и загарантирани човекови права. Таа слобода, т.е. „состојба вон“ стравовите од репресијата, егзистенцијата и непријателот, започнува да се доближува до обичниот граѓанин во последната четвртина од дваесеттиот век, тоа сеуште е привилегија која ја ужива определен процент од целокупното човештво, кој како и да се набљудува, е малцинство.

Слобода за сопствено духовно, социјално и воопшто, културно реализирање, шанса за потрагата по среќа (во не-материјална смисла), можат да уживаат само луѓето кои живеат во поголеми урбани средини и притоа не се наоѓаат на работ на егзистенцијата, и режимот кој ги владее се одликува со што е можно пониско ниво на тоталитаризам. Со релативизирањето на овие поими, кои инаку страшно звучат (тоталитаризам! од логори/затвори/бесилки до суптилни мерки на репресија –или пак раб на егзистенција! од глад/жед/скапување од болештини до социјална несигурност или недоволна сигурност), може да се дојде до заклучок дека во многу општествени средини луѓето се ослободени/се ослободуваат да дејствуваат позитивно (иако сметам дека поприземно би било да се каже дека „луѓето се послободни од порано“). Тоа значи дека погореспоменатите вредности на заедницата, односно критериумите на дејствувањето, се однесуваат на се` поголема група на луѓе: порано биле само кралските семејства, аристократијата, крупната буржоазија и сл.; денес слободата е пренесена и на припадниците на средната класа.

Скопје (барем неговото потесно централно подрачје) го сметам за општествена средина каде што поголемиот дел од населението ја ужива таа позитивна слобода; население ослободено (или послободно во однос на жителите на останатите градови и села во Македонија) од стравовите за сопствената егзистенција (затоа што стравовите од режимот или од војна се горе-долу еднакви за сите). Се разбира, и во останатите урбани средини во Македонија постојат малцинства кои што се исто така растеретени од стравовите и можат да си дозволат „позитивно делување“; Скопје го споменувам прво затоа што е град во кој живеам, а од друга страна е и најнаселен и најголемиот дел од капиталот во Македонија е сконцентриран токму овде.

Од друг аспект гледано пак, позитивната слобода е типичен пример за привилегија „за која се бореле и жртвувале нашите татковци, а плодовите ги береме ние помладите“ (иако југословенскиот социјалистички авторитаризам бил многу помека варијанта, од на пример сталинизмот). Сепак, позитивната слобода, во контекст на моделот на економски либерализам и демократско уредување (што е малтене општоприфатен глобален дискурс, сакале или не) е придобивка која што е обратнопропорционална со возраста: колку помлад, толку послободен (сепак и ова е груба генерализација, затоа што не секогаш одговорностите и обврските одат паралелно со стареењето – всушност во голем број случаи економскиот фактор, а не возраста, е клучен за намалувањето на слободата за сопствено реализирање; сепак препоставуваме дека во најголемиот дел случаи важи правилото за „слободата на младите“, поради тоа што сите нивни грижи се и грижи на нивните родители; кога полека остаруваат, нивните родители ги нема да им ги амортизираат проблемите, а згора на тоа и тие треба да бидат амортизери на сопствените деца).

Паралелно со степенот на ослободеност од големите стравови (глад, војна, затвор) и со тоа зголемената слобода за делување, младиот човек се соочува со круцијалното прашање на тој вид на слобода: што да се прави?! Во услови на тоталитаризам, војна, сиромаштија, тој не би се двоумел за своите дејствија затоа што би бил притиснат до работ на своето достоинство или вооптшто своето постоење; тогаш би се борел за сопствената слобода. Но, под претпоставка дека слободата е веќе извојувана, т.е борбата наречена ослободување станува позитивна, се поставува прашањето, што понатаму? Што кога ќе победи „револуцијата#? Што кога ќе заработиш доволно пари?

Младите во Скопје генерално се помирени со условите во кои се наоѓаат и затоа велам дека ја уживаат позитивната слобода. Претпоставуваме дека симулираната „револуција“ водена од нивните татковци победила или сеуште победува (референдум, независност, транзиција, преродба во сто чекори и сл.), и дека заработиле доволно пари (не е важно на каков начин, важно е дека се материјално обезбедени и не треба да се секираат за сопствениот газ). Додека во помалите и позатуцани места нивните врсници се оптоварени со тешка физичка работа, сиромаштија, или едноставно не се доволно описменети за да знаат дека постои избор (значи не го уживаат истиот вид слобода), скопските деца имаат право да си изберат свое креативно хоби (цртање, пеење, свирење, јазици и сл.), свој спорт со кој што ќе се занимаваат и така натаму.

Во својата рана младост нивниот избор најмногу зависи од она што ќе им го понудат (или дури изберат наместо нив) нивните родители. Понатаму, оние кои што биле доволно силни ега успеваат да се оттргнат од родителското влијание (и покрај тоа што се` уште уживаат целосна финансиска поткрепа), додека оние кои не успеале да смогнат сили да се спротистават стануваат заложници на траумите и комплексите на нивните родители, и не служат за сопственото, туку за родителското „себеостварување“.

Но, иако се чини дека ова е некоја голема дистинкција, сепак и двете групи се сеуште многу слични, и тоа по основот на живеењето од туѓ труд и на туѓ грб (доколку може родителскиот грб да се ослови како туѓ). Нивната позитивна слобода е всушност подарок или наследство; а поврзаноста меѓу нив и нивното „реализирање“ е една нишка, која што е тенка или дебела во зависност од дебелината (или тенчината) на родителскиот паричник.

Се’ додека постои таа нишка, макар и да е едно влакненце, тие сеуште имаат право на избор за тоа што ќе прават со сопствената слобода. Всушност, таа нишка е онаа која што ги држи подалеку од борбата за егзистенција и сите оние, многу приземни стравови, како да скрпат крај со крај. Нив им преостанува само да одлучат што ќе прават со својата слобода; а тоа прашање всушност раѓа еден нов страв, стравот од неприфаќање од заедницата.

Прашањето „што“ е премногу комплицирано во својата едноставност. Еден од аспектите на тоа прашање е „со што ќе си го пополнат времето?“ (битен фактор на позитивната слобода покрај намалувањето на стравовите и младоста е и времето кое се има на располагање, како што рековме). Дали ќе слушаат музика, читаат книги, социјализираат, играат видео игри или сл., е дел од изборот за пополнувањето на слободното време. Потоа следи второстепениот избор внатре во секоја од дадените „содржини“ посебно. Какви книги, каква музика, каков вид на дружење и со какви луѓе и сл.

И како сега одеднаш детенцето, односно веќе адолесцентот, при изборот на „активности за пополнување на слободното време“ се соочува со страв?

Во секоја заедница во која значителен дел од членовите ја уживаат позитивната слобода, се сервираат културни вредности кои понатаму го детерминираат однесувањето и развојот на младите. Тоа не би го објаснувал преку некои анахрони социолошки теории, затоа што во современиот контекст, и самата заедница се` полека ги губи своите основно својство – познавање и кохерентност на поединците внатре во неа; а со детериторијализирањето и оттуѓувањето кое е последица на технолошкиот прогрес, веќе слободно можеме да зборуваме за групи, социуми, но тие повеќе не се за-едно, немаат консензус за заедничките интереси и се` помалку се идентификуваат едни со други. Човештвото станува се поуниформирано во својата расцепканост, и токму затоа постои една глобална криза на идентитетот и константно редефинирање на вредностите, паралелно со „позитивното ослобдување“ на се` повеќе и повеќе луѓе ширум светот. Самата суштина е силно изместена, единствено процесот останува ист.

Условите за градење определна култура во псевдо заедницата се актуелни за секоја помала средина посебно. Скопје, односно неговите жители, особено помладите генерации, паралелно со стекнувањето на позитивната слобода, започнуваат да делат слични вредности, а во исто време постои илузијата дека се развиваат по сопствен пат и дека во поголема или помала мера се уникатни и го живеат својот живот; врв на таа излузија е дека младите водат битка, битка токму на вредности. Се гради култура – но дали култура може да градат поединци или помали групи кои што се целосно алиенирани од останатите сограѓани, со коишто треба да делат заеднички цели и интереси, а всушност го делат само просторот и времето?! Дали култура и вредности можат да бидат генерирани од страна на луѓе чии инстинкти практично никогаш и не биле предизвикани?

Парадоксот на псевдо заедницата која ја ужива позитивната слобода во современиот контекст е што таа всушност не познава (можност за создавање на) културни вредности во изворната смисла на зборот. Вредностите денес се иницирани од една неграѓанска средина, предводена од крупниот капитал, додека сите оние кои ја уживаат позитивната слобода (се обидуваат да) веруваат дека тоа се вредности кои ги сервира фиктивната, илузорна заедница.

Доколку крупниот капитал не би бил доволно суптилен во заведувањето на конзумерите, тогаш тие би почувствувале загрозени по својата слобода за делување, и би морале да влезат во борба за нејзино враќање, односно повторно стекнување. Токму затоа, крупниот капитал е само иницијаторот на определени идеи, кои понатаму фиктивната заедница има потполна слобода да ги интерпретира и модификува и прилагоди на претходно „обработените“ идеи, кои со текот на времето станале вредности и детерминанти на однесувањето на поединците.

Генералниот „вредносен избор“, кој го имаат сите поединци кои уживаат позитивна слобода, секогаш се состои од еден меч, претставен преку своите две острици; но никогаш тоа не се два меча кои би се спротиставиле еден на друг, до степен на исфрлање искри. Така, на пример, највулгарно кажано главниот избор се сведува на „пиво или виски“, евентуално сок, кафе или вода, но вон било кој конвенционален избор е да не се пие ништо (веројатно затоа што така би цркнале од жед, но овдека не зборувам за „пиење за преживување“, туку за „пиење од ќејф“). Уште поеклатантен е примерот со музиката. Секој е повеќе или помалку има определен (не)вкус, дали е Цеца, Дрим Тиатр или рап, но прав куриозитет е да се изнесе тотално анти-музички став. Секако, доколку луѓето би пиеле течност само за да преживеат, или не би слушале воопшто музика и не би купувале плочи или не би оделе на концерти, нема да има профит во тие индустрии.

Човекот е патолошки муштерија. Секогаш кога има вишок на финансии, тој ги троши. Ако финансиската сигурност значи да се има доволно да се живее комотно, тогаш едниот столб на позитивната слобода во капиталистички контекст е токму потрошувачката на се` и сешто. Затоа, потрошувачката иако претставува понекогаш и цел сама за себе, таа се интерпретира како задоволство; како практично остварување на слободата. А конзумеризмот не познава граници: од купување до продавница, па се` до следење на масовни медиуми и нови медиуми, и се` до имиџот и стилот; сексот, убавината, љубовта – сето тоа е објект на купопродажба. Суптилноста на произведувачите, пак, е давање на статус на сите тие задоволства на потреба – денес човекот е зависен од пијачка, вкусна храна, информации, гардероба, музика, сонце, море, снег, скијање.. Спиралата оди во недоглед. Пазарот ги наметнува тие потреби – просто кажано не јадеме да преживееме, туку затоа што е вкусно.

Притоа, паралелно со метастазирањето на конзумеристичкиот канцер, се случува и процес на оттуѓување и разнебитување на заедничкото. Заедницата не се распаѓа поради надворешни фактори или сл. – едноставно нејзини членови се заглавени во своите вештачки потреби и како што веќе рековме, постепено губат чувство за заедничките интереси. Па така, за еден типичен патолошки муштерија е својствено да купи Мерцедес, но тој никогаш не би се заинтересирал да се спогоди со комшиите за да ја закрпат улицата, за да има каде да го вози тој Мерцедес.

Тој процес на оттуѓување и губење на чувството за заеднички интерес, и во крајна инстанца губење на идејата за солидарноста, резултира со промена на перцепцијата на поединецот за останатите луѓе. Сега, она што треба да биде заедница, станува публика. Блискоста станува воајеризам, а наместо соработка, се ствара конкуренција. До вредностите не доаѓаме (или подобро вредностите веќе не доаѓаат до нас) однатре или преку медиумот на Непознатото, туку сурово однадвор, од јавноста во највулгарната смисла на зборот. Јавноста, која во исто време е потенцијален конзумер на масовното производство кое не е рационално, туку нагонски водено единствено кон профитот.

При такви односи, позитивната слобода ја губи својата приватност. Работите веќе не се споделуваат, туку се покажуваат. Веќе не се бара внимателност, солидарност, хуманост во меѓучовечките односи, туку се` повеќе се бара внимание. Сето тоа води кон заложништво во една затворена, многу повеќе фиктивна одошто фактичка состојба на „себереализирање“.

Позитивната слобода всушност би требало да претставува полигон каде што се „вежба“ слободната волја. Кога потребите се наметнати, а кога волјата не е водена од внатрешните сентименти туку од публиката, тогаш поединецот станува марионета, актер и просто кажано, ја губи својата цел, па средствата му стануваат цел сами за себе. Така, одговорот на прашањето „што“иако доаѓа од надвор, се третира како нешто иманентно, на исто рамниште како да доаѓа од внатре. Самата душа станува огледало на вредностите иницирани од големите производственици, а целосно обликувани од она што би требало да биде заедница (вулгаризираната публика). Во исто време она што треба да е приватна работа, станува јавна. Човекот со она што е негова интимност излегува засекогаш надвор и тоа го презентира пред публиката, пред јавноста; но тоа е јавност во која егзистираат поединците, тие немаат своја приватност за повремено да излезат во јавноста; токму затоа велам оттуѓување – сите се случајни минувачи, никој нема свој константен дом каде што би го обликувал својот идентитет и својата личност, за потоа да може да стапи во контакт со останатите. Едноставно, идентитетот се создава преку ноќ во муабет со другите; тогаш не само што поединецот не е, тој не е ни она за што се претставува – тој доброволно станува она што ќе го помислат другите за него. Тој не постои сам за себе, туку за другите. Тој е, оттуѓен од самиот себе си! Воајер и егзибиционист чии постапки немаат никава друга цел освен да го задоволат неговиот фетиш да види и да биде виден.

Оттуѓена природа на поединците станува дополнително испервертирана, на поединецот му препишува амбивалентност во однос на сите социјални односи кои тој ги гради – од една страна, тој е актер кон публиката, но во исто време е и сам дел од некоја друга публика, пред која се играат други претстави со други актери. Така, во исто време, тој гледа кон некој, кој го гледа него, но и двајцата се преправаат дека тоа не им менува многу во животот. И двајцата си судат меѓусебно, и двајцата си даваат „легитимитет“ на пресудата. Сепак, легална е онаа која што ќе ја прифати останатиот дел од публиката.

Публиката, како фиктивна целина (поради нејзината непостојаност), за да може полесно да ги распознава и групира актерите, ги етикетира. Бидејќи актерите самите се дел од публиката, тоа значи дека во најголем дел тие самите себе се етикетираат. Кога човек е воајер, остава сликата да го обземе целосно. Кога човек е свесен дека е набљудуван, сака да остави што е можно посилен впечаток. А силината на впечатокот се мери според скалата на вредностите кои ги прифатила некоја релевантна за поединецот општествена група, публика во публика, жири комисија, која е во исто време и референтен модел, и арбитар за тоа колку поединецот вреди. Тоа е затоа што поединецот (актер) ја посакува таа етикета, и сака да го препознаваат како таков. Неговите постапки, следствено, се детерминирани не од неговата слободна волја (која е драјвот на позитивната слобода во идеалнотипска поставеност), не од неговото рацио, туку од Другиот кој е атомизиран на многу други, со еден збор вулгарната полу-јавна јавност.

Сето тоа укажува дека луѓето не се слободни колку што мислат дека се. Нивниот избор во однос на себеостварувањето е редуциран на изборот кој им го нуди публиката која им се допаѓа. Нивните ставови се омеѓени со етикетата која сами си ја избрале, етикетата која Другите ја дефинирале.

Па така, дел од младите во Скопје избрале да бидат шемаџии. Се покоруваат на определен дрес-код, одат на определени места, слушаат определена музика, зборат на ист жаргон. Ги презираат оние кои што избрале да бидат „храдкор“, и да имаат свој дрес-код, да одат на поинакви места, да слушаат определена музика, и да си имаат свој жаргон. Тие ги презираат оние кои што избрале да бидат турбо-фолк. И тоа оди во недоглед..

Но она што ги обединува и оние во скапа и оние во искината облека не е одговорот на прашањето „што?“, туку непоставувањето на прашањето „зошто?“. Во идеалнотипската состојба на позитивна слобода, прашањето зошто би било излишно затоа што се знае дека сопствената волја е таа која што е таа која одредува што да се прави. Едноставно, причината ја нема, и во тоа е убавината. Кога во таквата идеална слободна состојба би го прашале поединецот „зошто?“, тој би одговорил „така“ и тоа би бил најискрениот и најточен одговор кој може да се добие.

Во исперветираната верзија на позитивната слобода пак, на прашањето зошто може да се добијат палета на одговори, објаснувања, цели фермани. Кога некој ќе каже дека „така сакал и тоа е негова индивидуална сопствена одлука“, звучи апологетски. Како и да е, вистинскиот одговор на голем број прашања „зошто?“, во суштина е „така налага етикетата“, па дури и кога таа е несвесно одбрана. Етикетата е современ пандан платоновската идеја, но нејзиното извориште не е космичко-филозофскиот свет кој за своја ултимативна цел има подобрување на овоземниот свет; извориштето на етикетата е профитот.

За да нема недоразбирања, не велам дека секој одговор, став или поставеност е лага или маска само за човек се допадне некому или на крајот на краевите, да си се допадне себе си со тоа што ќе мисли и делува согласно со етикетата која избрал да си ја залепи. Но, воглавно, секој кој што поаѓа од етикетата, па се ориентира према неа, спаѓа во оние кои што пубертетската криза на идентитетот ја преживуваат цел живот.

Етикетата, како заклучок на сета оваа расправа, е привилегија само на „привилегираните“, односно позитивно ослободените поединци кои можат свесно, но пред се’ артикулирано да го насочуваат своето дејствување бидејќи целото нивно постоење се одликува со определено ниво на комфорт и стабилни услови за живот. Политичките ставови, уметничките изблици и животните филозофии, на овие поединци, во најголемиот дел се неискрени; не само што се неискрени, тие немаат поента, тие се симулации. Човек кој што не успеал да ја почувствува загрозеноста, човек кој не бил притиснат до границата на своите можности, човек кој никогаш не зависел од своите способности, не е креативно способен. Човек кој не бил соочен со стравот генериран од своите животни услови не може да чувствува ништо друго. Човек кој целиот свој живот робува на естетиката, за кој прагматично и рационално трошење на ресурсите претставува само екскурзија и бегање од удобниот пат на секојдневието, не е способен да препознава ниту да прифаќа вредности во права смисла на зборот – вердности кои доаѓаат од душата, од Непознатото. Таквиот човек секогаш му робува на разумот, кој пак функционира на матрицата на вечниот воајер и егзибиционист, кој никогаш не верува во она што го вели или прави, затоа што вербата доаѓа заедно со надежта; животот во кој сите потреби однапред ти се задоволени, и ти едноставно стануваш жртва на системот кој функционира на база на измислување нови потреби е чиста смрт, тој е безнадежен. Човек кој немал шанса и не сретнал ништо вредно, кое не само што ќе му ја вдахне желбата за  живеење, туку ќе го соочи со фактот дека еден ден ќе умре, не знае што е тоа вредност. Затоа тој човек е оттуѓен и смислата ја бара во животите на другите, затоа го проектира својот живот преку другите, затоа таков човек освен што ја урива културноста и културата, ја уназадува и заедницата. Смислата на постоењето, која понатаму еволуира во смислата за креирање, љубење, солидаризирање, не се учи преку примерот на другите. Таа се стекнува со доживување. Таа се стекнува тешко. Кога човек благодарение на суровоста на животот што современото општество се труди да ја трансцедира, ќе се почувствува неизмерно жив, тогаш тој веќе не мора да робува на принципот на актер-публика, затоа што тој почнува да го живее животот кој го глумел или го гледал од дистанца. Тогаш потребата да се купи исчезнува – останува потребата да се граби напред, крајно практично. И тогаш, од таквите крајно практични акции извира онаа несовршена но крајно заводлива естетика, која е погодна за фабрикување. Но, вредностите, практичноста, целите еволуираат – а производот останува ист, барем додека не заврши една лента. Затоа, вистинската вредност секогаш ќе биде моментална, речиси непрепознатлива, крајно субјективна, крајно езотерична, и одлика само на заедницата – додека сите алиенирани зомбија кои нема да можат да ја препознаат ќе се обидуваат да ги купат вешто наџиџаните имитации. Затоа, постојат суштини и етикети.

Првиот чекор кон одлепување на етикетата од сопствените очи е искрен плач, и уживање во досадното попладне. Наместо да правите нешто за другите, не правете ништо за себе. Само така ќе откриете што навистина сте.

No related posts.

5 comments for this post.

  1. Comment from Новица on October 20th, 2007 :

    Шепард се врати со текстови. Кул. :-)

  2. Comment from Филозоф on October 20th, 2007 :

    `Али, углавно, свак што поваѓа од етикету, па се усмеруе спрема њума, спада у онија кои пубертетску кризу на идентитет гу преживуев цел живот`

    Све, све, ама овој е џек-пот!

    (извињавам се за мај френч, т.е. кумановски, ама тражи си га превод – ептен легнуе убаво, онакој, ч`к и за на уличан муабет за плеснување у фацу на мудросерци)

  3. Comment from tv-set on blue on October 21st, 2007 :

    Illusion for Dummies ;)

  4. Comment from Сатаниел on October 21st, 2007 :

    „Човек кој што не успеал да ја почувствува загрозеноста, човек кој не бил притиснат до границата на своите можности, човек кој никогаш не зависел од своите способности, не е креативно способен. Човек кој не бил соочен со стравот генериран од своите животни услови не може да чувствува ништо друго. Човек кој целиот свој живот робува на естетиката, за кој прагматично и рационално трошење на ресурсите претставува само екскурзија и бегање од удобниот пат на секојдневието, не е способен да препознава ниту да прифаќа вредности во права смисла на зборот – вердности кои доаѓаат од душата, од Непознатото.„

    - Мене ме интересира колку ти се пронаоѓаш надвор од опишаниов модел? Мама и тато зар не ти дават пари?
    Или, ако си економски зависен, дали тоа нужно те прави „креативно неспособен„?
    Дали тоа значи дека Циганчињата што мијат шофершајбни на улица, дали во нив лежи креативноста во државава? Дали се тие имуни на етикетата? (И како тогаш да се објасни Gypsy-gangsta феносменот во Шутка?)
    Мислам дека престегнато ги врзуваш економската независност и автентичниот идентитет на поединецот. Мене отсекогаш новчаникот сосема комотни ми пасувал в џеб, но ниту еднаш не сум купил мобилен поскап од 1000 ден, ниту пак се сметам нешто за креативно осакатен. Од друга страна, познавам доста момци што сами заработуваат повеќе од 100,000$ годишно, но сето тоа мораат и да го потрошат, и тоа на ништо помалку од Гучи, Прада, Диор и слични гомнарии.

  5. Comment from Shepard on October 21st, 2007 :

    делумно си даваш и сам одговор.

    инаку,

    да ја имаш почувствувано загрозеноста не значи да ја живееш секојдневно.

    за да го имаш животниот порив нужно е некогаш да си се почувствувал загрозен, ама загрозеноста не секогаш повлекува “креативност”.

Leave a Comment