Неаргументирани врисоци: Слобода за Македонија, Ирак во НАТО

Уште од самиот почеток на иницијативата “Не пиеме нафта!”, очекував дека ќе наидеме на остри противнички реакции. Отворена е дискусија на една тема која 4 години е систематски маргинализирана. Отворена е дискусија која се избегнуваше сиот овој период. Освен некои минорни акции, ниту еден релевантен фактор во оваа земја не го актуелизираше нашето учество во војна. И тоа не било која војна, туку крвавата Ирачка војна, современиот Виетнам. Војна која што ни под разно не е оправдана, ако воопшто било која војна може да биде. Доколку не сте свесни или рамнодушни кон фактот дека вашето национално знаме се вее на бојното поле, и дека најверојатно е испрскано со крв на невини граѓани, дека таму вашата земја е окупатор и соучествува во геноцидот на еден цел народ, доколку со потсмев гледате на овие мои зборови, тогаш поарно не го ни читајте натамошниот дел од текстот, затоа што не сте луѓе, туку безочни ѕверови.
Кога се нафатив на една ваква иницијатива, бев свесен дека голем дел од масата ќе се нафрли кон нас како на еретици. Нормално, ја предизвикавме догмата во која сите тие се колнеа (Американците и ректилното упикување и милување од страна на нашите марионети-политичари како благодарност до нив за третманот кој го имаме). Очекував реакции од типот како оние на Кајгана (по една реченица без прирок), или Багра (наследниците на Александар Велики). Нормално е не сите да аргументираат и да изнесуваат критички ставови.

Исто така очекував да има реакции и од доста сериозни ликови, со поинакви идеолошки определби. Пример, си го замислував Трибун како одлучно застанува против, аналитички, аргументирано и сталожено како што знае.

Но, денес имаме друга ситуација. Трибун, како и гомилата други поддржувачи на војната во Ирак и нашето учество во неа, реагираше со сосема кус пост, составен од четири реченици, од кои четвртата е: ДА БИДЕМЕ ПОГЛАСНИ ОД НЕАРГУМЕНТИРАНИТЕ ВРИСОЦИ НА ОПОНЕНТИТЕ!

Прво и основно, мене лично ме навредува после испишани повеќе постови на неколку блогови, одржана трибина и издаден памфлет составен од многу повеќе од четири реченици некој да ми вели дека моето тврдење е неаргументирано. Згора на тоа, таква изрека доаѓа од блогер кој што во најголемиот дел од постовите му се структуирани со вовед, аргументација и заклучок, и добро знае што е аргумент а што не. Особено ме навредува кога истиот тој човек настапува потценувачки кон целиот труд на една тема, нарекувајќи го “врисок”. Во сајбер просторот врисок е текст напишан со капс лок. Нашата иницијатива е напишана со сосем обичен фонт. Од приложеното, некој друг вреска.

Второ, деснчарскиот кампус во овој пост доби своја контра-иницијатива, олицетворена во банерчето на кое е прикажан кипот на слободата, и слоганот “Слобода за Ирак – Македонија во НАТО”.

Бидејќи освен празни флоскули, друга аргументација за оваа иницијатива не е дадена, останува само идејата на авторот да постигне емотивен ефект (преку епската слика) – збунетиот Македонец да го добие чувството на ослободители и чувството на двојна придобивка – ем Ирачаните слободни, ем ние во НАТО.

Епа јас погнасна порака од таа не би можел ни да замислам. Прво, без трунка грижа на совест, без никакво влијание на христијанските вредности кои Трибуна ги негува, без грам совест која треба да ја има како хуманист, војната во која секојдневно гинат луѓе (до сега официјално ОСУМДЕСЕТ ИЛЈАДИ ЦИВИЛИ – да викам, на глас, врескам! ОСУМДЕСЕТ ИЛЈАДИ!), војната која се води без одобрение од Советот за безбедност, војна која настана откако Коалицијата стапна на ирачко тло, ја поистоветува со ослободување?!!!?! Да, мисијата се вика Слобода за Ирак, исто како што НАТО бомбашката мисија кога настрадаа болницата и РТС во Србија се викаше Милозлив Ангел. Кое црно ослободување?! Слобода не значи само симнување на тиранинот од власт, слобода значи и отсуство на страв да се излезе на улица, слобода значи можност да се гради општеството, а не да се гине и живее во очекување кога комшијата ќе те рокне сосе се’. Мировни мисии вршат плави шлемови, а не до заби наоружени професионални убијци.
Што се однесува до вториот аспект до сублиминалната порака – “Македонија во НАТО”, и тоа е типична манипулација, прво затоа што учеството во Ирак не е дел од НАТО интеграциите, а второ, затоа што никој не кажува зошто треба во НАТО. Добро, до кога ќе одбивате да прочитате она што ние само го преведуваме од странските извори – НАТО не учествува во Ирачката војна. Од вкупно 26 земји членки на НАТО во моментов, во Ирак свои национални армии имаат испратено само 8, и тоа САД, Канада, Британија, Данска (во процес на повлекување, кај и да е и тие целосно ќе си одат), Бугарија (е овие не си одат), Романија, Чешка и Полска. Хрватска, која е понапред од Македонија во НАТО интеграциите, не учествува во оваа војна. И да, повторно “националниот интерес” – НАТО или смрт. Неаргументирано, необразложено, сервирано како апсолутна вистина која не смее да се преиспитува.

Поента: Македонскиот десничарски блогерски кампус предводен од Трибун, заслепен од својата сервилност и поданост на големата светска велесила и хегемон САД, го достигнуваат врвот на својата некритичност на вакви горливи теми, обидувајќи се да ги дисквалификуваат оние кои навистина веруваат и искрено се залагаат за одредени идеи, без притоа да понудат соодветни аргументи и да ја прифатат фрлената ракавица за дебатирање и разменување на ставови. Секое малку поразлично мислење се третира како закана, а во одбрана се приложуваат само фрази кои не сведочат за ништо друго туку за една бесчуствителност, нехуманост, свирепост и злоупотреба на “националните интереси”, фрази и слики кои треба да послужат за гордо удирање во гради, и понатамошно држење на мозокот во тегла.

No related posts.

RSS Feed for This Post8 Comment(s)

  1. Алекс Букарски | Oct 25, 2007 | Reply

    ахам. меѓуостанатото мора да им се честита на десничарските батковци и за дисциплинираноста што ќе ја прикажат при експресното лепење на банерчето на нивните блогчиња и ширење на пропагандата.
    што се однесува до левичарите, “левичарите“, “анархистите“ и се што е накај лево, сложност има само кога ќе се лока пиво во паркот.

  2. Комитата | Oct 25, 2007 | Reply

    Дали ако утре американските и македонските войски напуснат Ирак, убийствата ще намалеят? И ако се увеличат, ти ще поемеш ли отговорността за новите убити?

  3. Shepard | Oct 25, 2007 | Reply

    ако американските и македонските воиски одлучат да напуснат ирак, нема ирак да си остане сам на себе. ште улегнат плавите шлемови и други миротворни организации кои не само што ќе работат на спречување на убиствата, туку и нема да убиваат.

    исто така се потценува и улогата на арапите од целиот регион што може да ја имаат како миротворци.

  4. Бунка | Oct 25, 2007 | Reply

    А кој е најголемиот спонзор на ОН, а со тоа и на сините шлемови? Каква заштита понудија ОН во една земја која ја нарекуваат Босна? Што се случуваше таму во времето кога беа присутни? Примери за „успешноста„ на СИНИТЕ постојат уште, не ме терај да барам линкови, ме МРЗИ! :)

    ЕДИНСТВЕНО самиот себеси можеш да си помогнеш, никој друг.

    Клишето, не е формата битна туку содржината, важи и за Ирак. Битно е дали постои чиста желба(а не лицемерна) на некого да му се помогне, а не кој наводно или реално ја дава таа помош. И да, вистина е, наводноста секогаш преовладува во АмдиБајрамовси проценти.

    Втор пат го пишувам коменатаров, баниран мие никот или случајно ми се изгуби коментот? :)

  5. Бунка | Oct 25, 2007 | Reply

    П.С. да вистина е и дека најголемиот спонзор истовремено е и најголем должник кон ОН. Нонсенс? Не туку е вистинит нонсенс.

  6. Shepard | Oct 25, 2007 | Reply

    не ти е баниран бе, не ти е.

  7. кнсис | Oct 29, 2007 | Reply

    Вчера ти оставив неколку коментари. Што е работава што сум избришан?

  8. Shepard | Oct 29, 2007 | Reply

    не си избришан, падна датабазата. и двата поста ми отидоа.

RSS Feed for This PostPost a Comment