Вистината за спорот со Името, затоа што Васко Ефтов нема да ви ја каже

Демостен во “Филипиките” ги нарекувал Македонците варвари (веројатно тоа и биле)

Агонично препелкање и трескање од земја, епилептични напади, колитични реакции и намалена деловна способност, се само дел од последиците кои “спорот со името” ги остава кај просечниот Македонец; сето тоа е подриено од страна на неспособните македонски политичари и дипломати кои со крајно дефанзивна стратегија, повлечени во сопствениот шеснаесетник, чекаат на судиска одлука во полза на правдината.

Она што ме фрустрира сиве овие години тупење на оваа тема, е инерцијата со која Македонецот се фаќа за името, Павловиот рефлекс – Гркот ѕрн, Македонецот устата широко отворена. Поентата која што сакам да ја остварам преку кафански муабет (изморен сум од академски израз аман више), во овој пост, е дека проблемот со името е далеку подлабок од само пар збора со голема буква; и дотолку повеќе тоа е проблем кој нам ни е наметнат, но поради несмасноста и општо, немањето искуство, прифатен како наш, и истовремено издигнат на највисокото скалило на кое може да биде.

Но, неколку поставки, за да не бидам протолкуван погрешно. Зборувам во прво лице множина, не поради будењето на “патриотот” во мене; патриот во смисла на човек кој сака да си го лицка дворчето секогаш сум бил; туку поради тоа што сметам дека ова е проблем кој го засега народот околу мене, луѓето за чија подобра иднина би сакал да се борам, со фрлањето (метафорички) молотови коктели и газејќи на пепелта од Државните институции, корпорациите и верските заедници. Меѓу-народниот проблем кој го обработувам во овој текст, сметам дека е пресензитивен, и премногу влијателен на идентитетот на голем број од припадниците на овој народ; а во неговите натамошни и далеку поконкретни пројави влијае и на остварувањето на основните права (еуфемистички кажано “некоректниот” однос на грчката страна, кој е очигледен).

Во исто време не би сакал да бидам оној кој повикува на омраза и линч кон Грците; мојот став по ова прашање оди и во насока на сочувствување со грчкиот народ, поради тоа што живеат потиснати од страна на еден перверзен режим, милитантна теократија во настанување (со генеза од воената хунта); режим кој се обидува да генерира национален интерес преку романтична индоктринација, повикувајќи се на историски права и се’ што оди во пакет со тоа. Тврдам, грчкиот идентитет, е екстремно лабилен и затоа му треба константна поткрепа и себепотврдување – современа Грција, како проект на големите европски сили, во себе носи многу малку автентичност и покрај френетичното тупање во гради со антиката и Православието. За аргументирање на ова би се осврнал накусо само на симболиката – грчкото знаме потекнува од баварското (првиот владетел на независна Грција е баварски кнез); и на јазикот – проблемот со диглосијата (употреба на два различни јазика, еден народен-демотски и еден чист јазик) е решен дури во 1976 година, кога е кодифициран грчкиот стандарден јазик.

Згора на тоа, грчката современа нација е наследник на еден Метаксас, на ѕверствата по граѓанската војна, на воената хунта; кои и не се баш лесен багаж за носење. Токму дел од тоа мрачно минато, е и една од основите за оној спор кој денес се води помеѓу Македонија и Грција.

Грчкото инсистирање на отфрлање на зборот “Македонија” од името на нејзиниот северен сосед не е само заради Александар Македонски и античката историја (иако, кај масите, китењето со империјалистичките перја игра голема улога). Името “Македонија” всушност, означува една поголема територија, од која, најјужниот, приморски дел, е во составот на нејзините административни граници, и фигурира како регион кој го носи токму тоа име. Со самото тоа што другиот дел од таа, ајде да ја наречеме “етничка” Македонија е независен, веднаш се става под знак прашалник континуитетот на првиов дел (егејска Македонија) под грчка власт. Која е “вистинската”, “автентичната” Македонија, Македонија-државата или Македонија-регионот?

Згора на тоа, со појавувањето на државата Македонија, се појавува и македонскиот самостоен посебен, суверен народ. Тоа пак, го повлекува клучното прашање на спорот: ако во Македонија-државата постои македонски народ, дали некогаш истиот тој народ живеел и во Македонија-регионот?

А, во Македонија-регионот, несомнено е дека македонски народ живеел. Но, со малку прочепкување во историјата, ќе дознаете дека тој народ бил жртва на геноцид, на ѕверства и злосторства од најцрн вид (од јазични полиции, пиење рицинус, прогонства, масовни преселби, размени на население до напади со напалм). Затоа, за Гркот, бутањето на македонскиот народ под чергиче е најпрагматичното решение. Доколку Гркот го признае постоењето на македонски посебен народ, ќе мора и да ги признае непобитните злосторства, за кои постојат докази и сведоци. Но, не само што Грција тогаш ќе треба да голтне кнедла како што Турција голтна неодамна за Ерменскиот геноцид, туку ќе мора и да го отвори и прашањето на сопственоста на имотите на изгонетите Македонци во Македонија-регионот.

Значи, и зад овој проблем делумно се кријат материјални причини. Кога не се прифаќа името, не се признава народот. Кога не се признава народот, тој не постои. Кога тој не постои, нема право да си го бара назад имотот.

Воедно, и нема право да ви се меша “у историски штипки”, нема право да го нарушува идеалниот мир при античко-византиската пропагандна мастурбација.

Спорот со името е маска за кажаното погоре. Бесплатна лекција за млади дипломатчиња. Не е само теориски проблем, или пак диспаритет при интерпретирањето на историјата; се работи за многу конкретен проблем, за долг, ги гриза совест, страв им е! Не одат тие на избори со спорот за името само заради популизам (иако да, и од тој аспект грчките политичари успешно ги забушаваат останатите далеку посериозно за нив проблеми, потенцирајќи го овој “дипломатски” спор на сметка на горливите прашања, како на пр. потенцијалните проблеми со албанското малцинство или симптоматичната економија), туку затоа што знаат што може да се случи доколку се најде некој катиљ Македонец кој ќе ги изнесе сиве овие проблеми таму каде што може да бидат чуени и нешто да се преземе, макар и тапкање по рамо (не значи дека јас велам дека треба да се делува во оваа насока, туку само кажувам како стојат работите).

Значи, ова погоре се сериозни обвинувања, кои се разбира, вака изнесени и вака формулирани како официјални, би биле реалполитички автогол на Македонецот, не толку самите по себе, туку поради коренитата промена на дискурсот – од крајно калкулантски однос, проследен со претпазливост, колебливост, неуверливост, во остро истапување, обид за ревизија, за промена на стојалиштата, префрлање на тежиштето, тотален пресврт. (едит) Но, тие, правилно употребени, како sidekicks, може да имаат многу поголем ефект од на пример, преименувањето аеродроми.
Значи дека можеби малку од малку треба да се дејствува во поглед на деконструирање на целиот тој “спор за името”, и бар за мало разоткривање на контекстот од кој тој извира. Понатаму, како прв чекор, победување на мрзата, и наместо ФИРОМ / БЈРМ, секаде јасно и гласно да се говори за ФИР / БЈР Македонија, (ова особено важи за новинарите и граѓаните, да не биде “сам себе го фиромизирал” – како очекувате да ве нарекуваат било-каква Македонија ако самите не се нарекувате така), а второ, да не се оди на дефанзива, затоа што покрај сиве овие мои муабети јас ги ставам во сенка на она што е фактичката состојба – исклучок (а не преседан) во меѓународните односи кој не смее да остане нерегулиран, најмногу од гледна точка на подигањето на самодовербата и повраќањето на чувството на безбедност и припадност на обичниот граѓанин кој во оваа ситуација се чувствува загрозен.

ПС. Во малку поинаква ситуација, јас би бил првиот кој е за зачувување на комплексното БЈР Име како уставно, затоа што токму тоа име ни го припишува нам целото југословенско наследство, и наследството на неврзаноста, самоуправувањето и одењето авто-стоп на одмор. Единствено ме нервира “поранешноста” – само Југословенска Република Македонија звучи кул.

No related posts.

RSS Feed for This Post4 Comment(s)

  1. нена | Dec 13, 2007 | Reply

    Дај сеа да се отворам… :)

    1….македонски политичари и дипломати кои со крајно дефанзивна стратегија….
    македонската дипломатија целиот овој период е и советувана, а мислам има и консензуална политичка одлука за дефанзива на подолг рок. Освен тоа, било каков проактивен па и агресивен чекор, ај што тешко би го извеле, него немаат ни лоби грб (не го создале досега) за поддршка. За воља на вистината, еу и нато се јаките грбови на грчката политика и факт е дека маестрално ги користат.
    2….не би сакал да бидам оној кој повикува на омраза и линч кон Грците… поради тоа што живеат потиснати од страна на еден перверзен режим, милитантна теократија во настанување…грчката современа нација е наследник на еден Метаксас, на ѕверствата по граѓанската војна, на воената хунта…..
    абе, не повикуваш, ама малку као да вртиш вода натака? Све супер, но како поттик: на што е наследник македонската современа нација? Какви политички режими во зародиш се свртеа последниве 15 години на мкд сцената? Романтиките на “следни конгреси кои ќе се држат во Солун“ се реал политика или заблуда за масите?
    3.Целиот историски бекграунд е точен и одамна познат. Работава е дека со историја тешко се добиваат дипломатските битки, поготово кога играчите не се со еднаква сила.Тука на грчката дипломатија од профи аспект можеме само да и се дивиме. Од сите ЕУ членки, Грција е меѓу топ фајв во вештината своите слабости или “црна овца“ ставови да ги преиначи у своја полза (политичка, лукративна сеедно). Глеј го само последниов пазар апропо Косово. У таа смисла: и декларацијата на Америчкиот конгрес за ерменскиот геноцид тешко дека ќе е резултат на некој правдољубив конгресмен од Охајо рецимо. Пре би рекла резултат на живото ерменско лоби (кое има и свои јаки колумнисти во еден NY times).
    4.Прашањето за имотите е отворено, барем правно, пред Европскиот суд, иако не предвидувам блескав исход. Нешто друго е интересно- наводно, рани девеести, грчката влада има оформено специјални фондови за субвенции за грчките бизниси во Македонија….али дај да не влегувам до толку у кооперација муабети :)
    5…..доколку се најде некој катиљ Македонец кој ќе ги изнесе сиве овие проблеми таму каде што може да бидат чуени и нешто да се преземе, макар и тапкање по рамо…. не знам каде би било ова место? Судот на правдата? Имало и такви идеи од стручната јавност…. ОН Собрание? Оваа идеја со години си стои како таква, али политиката не е право, за жал…

    Иначе поздрав. Знаеш дека имаш мој риспект. И кога ќе станеш буџа, на внуците ќе им раскажувам како овој чичково у темно одело од вести некад ги слушал Сајпрес хил и РАТМ, замисли! :)

  2. Shepard | Dec 13, 2007 | Reply

    ок, свесен сум за све тоа што го збориш, но мене ме нервира ќе си остане ставот тој (македонскиот став према прашањето), името те името, ко да е само името битно у ситуацијава. инаку, глеј го првиот линк во графата “избор”.

    се сложувам дека не треба агресивност да се покажува, треба вештина, треба издржливост и издржаност и што знам, малце уљудност. не знам вчера некои расправи имаше, и упорно некои луѓе тврдат дека името е целиот проблем. ја се обидувам да кажам дека тоа е перката на кромидот, главчето е подлабоко во земја.

    и темно одело само на погреб. вака у посветли варијанти може. ама тоа само за свадби :)

  3. Сатаниел | Dec 14, 2007 | Reply

    Не се сложувам дека Грција се плаши од расветлувањето на Македонскиот „геноцид„ (како единствениот геноцид во историјата на база на рицинус) И од што би се плашела?

    Страв од судот пред историјата можеби? Ретко кој Грк го поштуе Метаксас, убаво се сложуваме по таа точка барем. И да не е така, па одиме да се жалиме кај мистер Буш и Солана дека Грците ни силеле рицинус таму некаде прошлиот век, само тоа чека светот, да се разбере „големата вистина за Македонија„. Во Европа има еден куп историски неправди и гадотии, но поентата е сегашноста да не биде заложник на истите. Затоа мистер Буш и Солана со право ќе ни речат, аманте бе Македончиња, зарем уште ве држи од тоа рицинусот кога одите во ВЦ?

    Дали можеби се плашат Грците од наезда на Егејци од северот во поход по нивните бавчи и ниви? Да, да. Напола умрени, напола клецави. Фино можам да го замислам дедо ми како брка адвокати и турка земјишни спорови со Стразбур сега на 80 години. Го попапала Маца нивјето. Колку што Полјаците ќе им ги вратат имотите на Германците, Германците на Евреите, толку и Грците нам.
    И како тоа името на земјата од која доаѓа ја спречува индивидуата која наводно полага право на некое земјиште да си го добие назад, останува нејасно.

    Нема многу простор за историски правдини во реалната политика. А голиот реален интерес во случајов е правото на културното наследство на регионот Македонија; историските правдини само се (зло)употребуваат за подршка на тоа право. Приметуваш значи дека кромидот ти е наопачки насаден?

    Е сега, не значи тоа дека перките не треба да не занимаат. Напротив, во недостиг на реални политички оружја исправувањето историски (и правни) криви дрини ни е единствениот начин да го одбраниме нашето право на идентитет.

    Инаку се сложувам дека грчкиот национален комплекс со Македонија има корени во нивната дефицитарна национална самодоверба, и дека ние треба да престанеме со самофиромизацијата, затоа што извесно е дека името ќе ни оди во меѓународна употреба со по некоја буква однапред-одзади, па не би било лошо да свикнеме со време.

    подрав,
    Сатаниел

  4. сека | Dec 14, 2007 | Reply

    Кога веќе гледаш во политика од историска гледна точка, треба малку да бидеш внимателен. Не ќе да е дека во тие историските „практики“ на Грција кои овде ги искажуваш, Грција била сама. Пред некој да помисли дека би имал фајде да ги искористи во борбата за името, пред некои горе, треба да се потсети кои се уствари тие горе. Користењето на историјата како аргумент од наша страна е најголемиот автогол што можевме да си го дадеме. Не знам дали Јорк или Амстердам, или секој нов Либан од град во светот е именувам со историско расветлување и накнадно право.
    Плус, можеби тоа што се случувало на некои им е повече од јасно, ама не е најверојатно на мисла дека си има работа со некои кои не се спремни исто така главом и ставом да се спротистави на тоа исто толку моќно.
    Оттука и те како е важно да се следат само и само правно-политичките интернационални поставености денеска. Единствено нешто кое ни оди во прилог вооднос спорот со името, ако се земе во предвид дека ништо друго не ни оди – ни кадарот, ни лобито (кое го нема), ни академијата, ни светската препознатливост и важност – најмалку очекувањата на македонскиот граѓанин кои се се’ само не уединети, се денешните интернационални поставености во однос на овие прашања, кои ние (не ние, туку оние чија работа е ова) за жал се’ уше не сме ги прочитале да ги разглобиме, а не да ги искористиме и делуваме во нивните рамки. И тоа е делот кој нас најмногу не ебе чинам. Наместо анализа на историјата на Грција, и анализирање од тој агол, можеби е попаметно да си направиме една на нашата.

RSS Feed for This PostPost a Comment