Ножниот палец на Лабина е клучот за името
Не постои рационално и епистемиолошки издржано гледиште за спорот помеѓу Македонија и Грција – тој спор е базиран исклучиво на емоции, а зад него се кријат различни интереси – од одвлекување на вниманието од реалните проблеми (Грција: социјални, малцински, економски а Македонија: секакви, а капак на се’ се Хашките случаи за кои никој не говори). Не постои ни исправен став, ниту неисправен став, затоа што секој поединечен став е излишен – ова е спор помеѓу племиња. Не постои ниту избор за Македонија – изборот е направен – военото присуство на САД во земјава мора да се легитимира преку сојузништвото кое го нуди НАТО. Единствено може да се дојде до некој призрак на вистинитоста само ако за таа цел се користи идеалната илузија – филмот (и индустријата позади него).
Милчо Манчевски и Лабина Митевска се “Сенки”-те на овој спор. Идеалниот спој помеѓу некрофилија и логореја, надополнето со сеприсутниот претприемачки дух, се огледалото на официјалните политики и резултатите од истите. Делата на овие двајца даваат основа да се предвиди исходот од големата брканица, исто како што можеше да се предвиди дека Лабина на крајот ќе го бутне шкафот, дотолку повеќе што сизифовски го дотурка до врвот.
“Пред дождот” се случи наметнување на референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, а паралелно со неговите премиери и успеси ширум светот и промената на знамето и отпочнувањето на преговорите во Њу Јорк. Но, тоа беше само почетокот.
После деценија и пол, уследи големото помпезно претставување на “Сенки” како симбол на режијата на македонската политика и “Јас сум од Титов Велес” како симбол на главната улога која народот ја има, доделена од режисерот кој е во блага роднинска врска со главниот актер (или Македонија на Македонците).
После деценија и пол, “спорот” е пред решение. Судејќи според нивото на чемер и јад видени во а и предизвикани од споменатите два филма, консеквенците не ќе се на добро по благосостојбата на гледачот / граѓанинот.
После деценија и пол, Лабина (народот) е сеуште на истото ниво на глума, т.е. однесување. Никакво подобрување, никаков напредок, никаква промена – старите знамиња, старите песни, и игнорирање на реалноста.
Посадата на Груевски, веројатно беше свесна за “баучот кој надвиснал од кино салите”, па се обиде да излезе од “Сенките” на Милчо, и се обиде да го смени текот на историјата, спонзорирајќи го со директна културна инвестиција од пар стотини илјади евра, во име на лобирањето за толку посакуваниот Оскар. Оскарот за нас стана Фалусот, Жезлото, Пендрекот, симболот на моќ. Оскарот за малку ни се слизна во 1995, но само замислете како ќе се одвиваа настаните доколку Милчо во неделата излезеше среќен на бината, размафтан со златната статуетка, па вели Македонија, Македонци, Македонско.. не ќе имаше ниту потреба ниту ефект од било каков протест. Никому немаше да му биде гајле за името. Ќе се викавме “Милчодонија”. Воедно, се’ како совршено ќе се вклопеше во пропагандата која оваа Влада ја спроведува од првиот ден.
Лобирањето за Оскарот доживеа пораз, овој пат тотално депласирачки и импотентно – “Сенки” не влезе ниту во најтесниот избор. Во истиот период, лобирањето и на македонските патриоти и платеници доживеа пораз. Договорот понуден од медијаторот Метју Нимиц за многумина е нешто слично на хорор сообраќајката по која филмот стана препознатлив, која симболично се случува, пред Владата на Република Македонија.
Затоа мораше да се смисли нешто оригинално – во најмала рака, поинакво – и се дојде до идејата за протест, кој временски се совпадна со премиерата на филмот на сестри и брат Митевски – “Јас сум од Титов Велес”.
Уште од самиот наслов може да се уочи потенцирањето на Егото, “сеништето на комунизмот” и Велес, кој уште од првата сцена пак го поврзуваме со топилницата под стечај (стечајците кои протестираат на исто место каде што беше и големиот протест за името), топилницата која е сурогат на Контаминаторот и Глобализаторот (НАТО кој на десетина километри од Скопје фрлаше радиоактивни бомби, а сега сака да не’ вклучи ко сојузници).
Би вметнал една жижековска “финта” во поглед на анализата на овој филм: трите сестри Велешанки се всушност психичкиот апарат на Македонецот, односно Македонката (својствени за овдешниот идентитет се Фројдовите “женски карактеристики”: комплекс на осакатеност – барање на фалусот – возможно решение е Крсот на Водно; и хистеријата). Егото, Афродита, е тотално оттуѓена и психотична, во залжништво на нестабилната Славица или како и да се викаше и на мртвиот татко наизменично (дуално супер-его, повторно некрофилија, неприфаќање на реалноста и сегашноста), додека “спонзорушата” Сафо е Ид-от кој гледа да се снајде во безмилосниот црн капитализам. Гркот е повторно засегнат – егото и Ид-от носат грчки имиња, едната на божица, другата на сензуалната лезбијка. Лезбијскиот Ид пак психоаналитички би се толкувал како инвертираност на “Македонката” при нејзиното себеостварување, што не е баш ветувачки профил во смисол на постигнување на некој внатрешен мир (психоаналитичка претпоставка). Значи: Македонката е крајно изгубена, живее со товарот на мртвите татковци (Александар, итн), во заложништво е на големата сестра (останатите словенски народи кои го спорат идентитетот), а во меѓувреме се фрла на донкихотска борба со капитализмот, чиј врвен дострел, парадоксално, е добивањето грчка виза.
Сега да се навратиме кон “Сенки” – паралелата помеѓу сагата со името и приказната за семејството на Лазар (каде што односите се “меѓународни” и водени од различни интереси): лицемерие (мајка – татко – син – лага наспроти власти – посредници – медии – народи – лага), наивност и неверство (жена му на Лазар по телефон му вели дека го љуби, додека до нејзе седи Пастувот со големи бицепси лично; Метју Нимиц и договорот и двете страни), воајеризам (Лазар набљудува секс на кров, а македонските политичари набљудуваат прес конференции и преговори), некрофилија повторно (директен спој на ерос и танатос – секс со мртовци / секс со духови / завлекување во гроб од љубов – Александар, фаланги, протести, и во Скопје и во Атина), и се разбира мито, корупција и кражба (“врати го она што не е твое” – имоти, имиња, чест, време?! нешто треба да се врати сигурно).
Она што е многу симптиматично исто така, е претставувањето на Албанците во двата филма. Во “Сенки”, Албанците беа претставени како карикатурални објекти на потсмев (значи политичката елита не ги зема сериозно в предвид) – додека во “.. Велес”, единствениот важен машки лик беше толкуван од страна на Албанец, и предизвика две многу важни ситуации. Првата е, бидејќи се занимаваме со приказни околу имиња, токму името на ликот – Ацо. Тоа значи дека во контекст на “спорот”, од големо значење може да биде идентификувањето на Албанците со Александар Велики, како целиот спор околу “историското наследство” би добил една поширока, граѓанска смисла, наспроти досегашната етничка конотација на Александар Македонски. Втората импликација е тоа што, народски кажано “Афродита / Лабина го испуши”. Но фелациото само по себе ќе беше од многу помало значење доколку немаше хардкор детал, односно, доколку во еден момент од историската сцена (чинам прв блоуџоб во македонски “блокбастер”) не беше прикажан дел од Фалусот на Ацо. Таа сцена наговестува, значи, признавање на Косово од страна на Македонија и директната импликација што тоа ќе ја има на спорот со името.
Во следната прилика пак, Афродита без двоумење клекна пред Ацо, што укажува дека претходно споменатото фелацио по се’ било позитивно искуство. Сцената со тепањето пак, е повеќе алегорична – на крајот сепак Афродита и Ацо се гушкаа (иако не беше јасно дали се работи за сон или јаве).
И “Сенки” и “.. Велес” се филмови кои го третираат прашањето на Егејците. И државата, а особено и народот ги засега тоа прашање, а филмовиве веројатно се само почеток на таа жолчна дебата која следи. “Сенки” деновиве се прикажува во Грција. Деновиве започнуваат и “вистинските преговори” како што медиите известуваат. Македонецот упорно ја бара “петицата на Ахил.” Одговорот би го барал таму доле, во стопалата, според начелото на реципроцитет во дипмломатијата; а токму еден од најексплоатираните кадри во “.. Велес” беше дебелиот но сепак правилен и доволно репрезентативен ножен палец на Лабина Митевска. Па можеби, палецот на Лабина е клучот за името. Останува само да се прошета по апостолки по Солунско Поле..
No related posts.



tv-set on blue | Feb 29, 2008 | Reply
без зборови, демотивиран сум!
[Translate]
darko156 | Feb 29, 2008 | Reply
Сега ќе го гледам …Велес со други очи
[Translate]
Џаман | Feb 29, 2008 | Reply
Веднаш симнувам капа
Одлично!
[Translate]
Новица | Feb 29, 2008 | Reply
+1
[Translate]
нена | Feb 29, 2008 | Reply
значи ако тв сет си го демотивирал на тема филмска есеистика, можеш да рачунаш дека си го достигнал врвот!
озбилно, смрзнувачки добро!
[Translate]
Bi | Mar 1, 2008 | Reply
AAA кул! Ептен добро. Браво!
Не си свесен ама и тоа како има вистина во сето ова.
[Translate]
Ta4ka | Mar 1, 2008 | Reply
wow
[Translate]
sale | Mar 1, 2008 | Reply
Одма да пишеш на IMDB!
[Translate]
Алекс Букарски | Mar 1, 2008 | Reply
Не разбрав баш. Молам било кој од тие кои воодушевија да ми појасни накусо за што се зборува во овој текст.
[Translate]
кристина | Mar 1, 2008 | Reply
Не знам што е полошо, дали тегобните филмови за кои се зборува во текстов или менталнава мастурбација за нив.
[Translate]
Филозоф | Mar 5, 2008 | Reply
Шеф! Прувинг д` анпруваб`л!
Апсурдистичко интердисциплинарно (мрзим ову реч!) жонглирање.
Пауер трип, мај мен.
[Translate]
unwritten24 | Apr 13, 2008 | Reply
Bravo, dobra sporedba pomegu dva sosema neslicni filma. Dali ti gi gledase voopsto?! Da, gi zabelezavme site mitoloskite i istoriski elementi, bes i ne ni trebase nekoj kako tebe da ni gi doobjasni. A shto napravi so umetnosta vo ovie filmovi, ne ja zabeleza, ili ne sakase da ja zabelezis. Kade ti izbega fotografijata vo jas Sum od Titov Veles? Labina odigra uspesno zamislena uloga. Ne e leno da ne kazes nisto, a publikata da sfati shto custvuvas. Lesno e da gi sakame Angelina I Brad, ama na nasive makedonski akteri nikako da im dademe moznost i prostor za dokazuvanje, pa ke gi rugame po blogovi i vesnici. A ke gi velicime amerikanskite sranja.
[Translate]