Говорите од пред Електро и Етнологија/Антропологија, средени во еден

Другарки и другари,
Ви благодарам што денеска присуствувате на овој настан, трет во овој караван по факултетите при УКИМ. Денес повторно сме овде да ја прославиме слободата и слободарската борба и да споделиме по некоја наша, прогресивна идеја.
Симболично насловена “Пред и по нас”, првата ваква трибина се случи на Правниот Факултет каде што беа присутни добар дел и од сега присутните гости, а понатаму бевме на Филозофскиот факултет и пред Електро. Да бидам искрен, бројката на луѓе што дојде ги надмина нашите очекувања, а особено ме радува тоа што на сите настани се створи една непосредна блиска атмосфера која што за мене е добра основа за конкретни акции во иднина, а не само мудрување без поента.
Бидејќи сакаме да бидеме спонтани и неформални, прво би сакал најнепосредно да ви кажам што до сега сме направиле, што сакаме да постигнеме со овие акции и што планираме во иднина. Тоа го правам од причина за подобро запознавање, сепак се гледаме со некои од вас и по четврти пат, а верувам дека и останатите ги интересира како оваа дружина се собрала..
Значи, нашето делување започна со една за тие што не поддржаа храбра, ама за многумина луда невозможна идеја – повлекување на Македонија од војната во Ирак. Нашата реалност тогаш беше, и сега е – не сакавме да бидеме окупатори. Организиравме интернет петиција која за година дена, сепак не успеа да собере ниту 1000 потписи, меѓутоа, со некои ситни активности и делење многу пропаганден материјал, успеавме колку толку да ја разбудиме свеста за тој проблем. Идејата се одржува, и покрај тоа што баш кога земавме најголем залет, во Собранието, без многу дискусија, со седумдесетина гласа за, ниту еден воздржан и ниту еден против, се донесе одлука за дуплирање на бројот на војници во Ирак.
Понатаму, продолживме со антимилитаристички акции и се обединивме во анти-НАТО акцијата со други колективи од Скопје, и организиравме повеќе акции од кои најзначајни беа двата анти-НАТО протести, едниот во очи на Самитот во Букурешт, а другиот и за време на првиот ден на Самитот. Една од нашите цели беше Македонија да не влезе во НАТО – е сега, да бевме сега политичари, ќе ви кажев дека и ние остваруваме по некоја невозможна идеја и нашите акции вродуваат со плод, но за жал, причината заради која Македонија не доби покана за НАТО не е дека ние сме успеале нешто да издејствуваме. На сите ние позната бизарноста околу тој настан и последиците од истото.
Токму “грчкото вето” резултираше со раѓањето на силен антигрчки сентимент по НАТО самитот, и тоа не’ мотивираше да се започнеме и со антинационалистички настани – првиот се случи овде во Скопје, во содејство со наши грчки другари кои нам ни пристапија врз основа на заедничките анти-НАТО ставови и сл., а следните ќе се случуваат во Грција. Звучи невозможно, но реални сме и спремни сме да чистиме и граници и да бидеме бележани ко предавници.
Значи, додека ги тераме овие активности по скопските факултети, не престануваме да работиме на другите каузи. Напротив, во иднина ќе се трудиме да ги интегрираме сите под иста капа, и да ги прошириме со други идеи, како на пример солидаризирање со граѓаните на Велес против рестартирањето на топилницата, поведување кампањи за едукација на граѓаните за нивните права, поведување каравани по сите градови, и така натаму..
Поентата е дека, ние не го правиме ова колку собереме и да издрндаме по некој муабет, да изведеме заклучок и да си одиме дома. Но, да напоменам, ни оддалеку не сме ни толку сериозни и амбициозни и нафурани како што звучат претходните параграф. Сиве наши акции, многу повеќе се артикулација на незадоволството, бунтот, гневот, кој што секој од нас го гаи и секојдневно потхранува секојдневно, насекаде, дома, на факултет, надвор, пред ТВ, на интернет, не знам, дури и во веце.. Нам не ни се допаѓа како стојат работите и сакаме да ги промениме и не сметаме дека правиме нешто големо, туку дека правиме нешто искрено и за многумина полезно. И не сакаме да направиме нешто историско, напротив – во голема мера токму денес само ја одбележуваме историјата преку потсетувањето на тоа како пред 40 години некој знаел да застане за својата слобода.
Да се навратиме на главната тема на трибината.
Како што чувте, Мај 68ма во Париз траеше повеќе месеци. Самата 68ма во Италија траеше 2 години. 68ма на многу европски и светски универзитети, кои беа бастионите на таа револуција, трае до ден денес. Дали се работи за дискриминирање при вработување на младите во Франција, или пак покачување на школарината во Мексико; дали се работи за таканаречени реформи во образованието во Атина, дали се работи за граѓанската опозиција во Албанија, духот на непокорот секогаш се јавува и студентите застануваат први на барикадите.
Поентата не ми е дека ние веднаш по нивниот урнек треба да го заземеме универзитетот, иако тоа воопшто не би била лоша идеја. Едноставно, сакам да кажам дека работите понекогаш се менуваат, или да преформулирам – на текот на настаните се влијае многу полесно отколку што претпоставуваме – стравовите кои што структурно ни се всадувани, се во голема мера илузија и плод на илузија, а наспроти нив е реалниот потенцијал кој како илјадници студенти го имаме, но за жал, многумина се сеуште заслепени за тоа да го видат. Сега за сега тврдам дека правиме малку – ама најлошото што може да се случи е да престанеме и ова малку да го правиме и затоа мора да продолжиме понатаму. Никој од нас не е запчаник во машината, и мора да трагаме по моментот кога секој ќе стане свесен дека може да направи нешто од тоа малку и со тоа да влијае на својата судбина.
Затоа, првата работа што сакаме да ја смениме со овие настани е да влијаеме на самодовербата на студентите.
А најдобар начин за тоа е соочување со причината која влијаела на губењето на самодовербата – во нашиов случај тоа се, со чест на исклучоци, професорите, кои со свирепост на тирани и арогантност на средновековни кметови секојдневно газат по достоинството на студентите, било да се работи за просто продавање памет или систематско насилство и злоупотреби на моќта. Затоа, односот на потчинетост мора да се редефинира, и да се воспостави нов хоризонтален однос, во кој што професорот наместо его трипови, ќе споделува знаење и вештини. Ниту еден авторитет не е апсолутен, и ниту една вистина не е конечна, макар ја кажал и најпаметниот професор на Правен, Филозофски, Електро, ПМФ, не знам, на било кој друг факултет.
“Сомневај се апсолутниот авторитет на професорот” со голем извичник – ова е една од налепниците со кои го полепивме факултетите кај што бевме. Од она што го видов минативе денови, морам да признаам, убаво изгледа, кога професорот предава, а од некаде ѕирка вакво потсетување за неговиот статус на обичен смртник.
Се надевам дека овие налепници кои што ќе ви ги поделиме и овде, деновиве ќе осамнат залепени на сите страни, јасно и гласно потсетувајќи ги студентите дека ниту еден професор, без оглед на тоа колку е подготвен и влијателен, не е повисока форма на постоење од било кој од нас, и дека дури и ним може да им се спротиставиме доколку има реална основа за тоа.
Вториот проблем кој што сакаме да го посочиме е прчварницата од Студентски сојуз, организација која што наместо да ги штити студентските интереси, ги штети интересите на сопственото лидерство и политичките елити од кои тоа лидерство потекнува. На пример, изминатиов период на Студентскиот сојуз на УКИМ главна преокупација му беше одбрана на идентитетот на нацијата, што е акција својствена за државна институција а не за студентска организација. ССУКМ всушност, секогаш е привезоче на државната политика, цицалче на системот, кое со своето полтронско однесување успева да си го задржи монополот на студентско органзирање. Истите тие фаци додека лепевме плакати на Правен, ни се закануваа со суспензии, ги одлепуваа плакатите, кинеа флаери и што се не. И од луѓе кои се 24-7 спремни за отскок во бирократска кариера, од студентски самопрогласени лидери кои носат партиски обележја, од луѓе кои на избори се спремни да платат пари за секој глас засебно за да се докопаат до функцијата студентски лидер, значи од луѓе без трошка легитимитет, не може да се очекува да се заложат за општо добро. Не знам до кога само ќе го трпиме тоа. Успешната акција за студентски парламент се испервертира во бирократските канали, и ССУКМ повторно остана негибнат. Па не знам, им плаќаме при секој упис, ги трпиме да шетаат како шерифи, ги трпиме нивните изживувања и терање политички кариери, не знам што уште треба?
Еднаш веќе реков, и ќе повторам: Да бидеме реални, разно разните пародии но и накази од студентски сојузи, под итно мора да се распуштат, да им се одземе сиот кеш и бенефиции со кои располагаат, да се разоткријат сите матни игри и некој да сноси одговорност за тоа! Сите тие ретроградни елементи мора да си одат и да не се вратат, затоа што се кочничари на здравата мисла и акција, и на крај краева, противници на младешкиот дух! Старци заробени во кожа на адолесценти, кои наместо со живот, се полни со мртвило, и што е најстрашно, го сеат тоа мртвило и бездушност наоколу!
Конечно, нешто за кое што ССУКМ нема да се заложи, а за што верувам дека многумина не поддржуваат и дека тоа е една од причините што доаѓаат на нашите настани е и иницијативата за укинување на партиципацијата на државните факултети.
Значи, при секој упис, пред или после семестрите, секој студент е должен да донесе црвена уплатница, хартија од вредност, со која ќе потврди дека платил одредена сум на пари која што за повеќето семејства претставува жив изгор, но без која не може да се стекне со правото на образование. Зборуваме за истото тоа образование кое веќе го плаќаме се секоја фискална или друг вид на сметка и за истото тоа право на образование кое е човеково право и загарантирано со Устав, меѓународни договори и декларации.
Така, кој ќе плати ќе учи, а тој што нема – кој го ебе. Универзитетот не гледа кој колку е способен, туку кој колку е спремен да плати. Со таквата политика, типично капиталистичка, тој наместо јавна образовна институција, постанува претпријатие под капата на државата; а дека факултетот е ништо повеќе од обично претпријатие или обид за претпријатие (кое рака на срце дури и лошо стопанисува) сведочи и фактот што на многу факултети, голем број од просториите се издадени на приватни фирми, кои остваруваат профитни дејности, и тоа по далеку повисоки цени, на грбот на студентите а често пати и во соработка со самиот факултет. Или пак, се случуваат некои бизарни моменти, како на пр. модно студио во Универзитетски простории, или туристички агенции, или банки.. уште месарница фали. За систем на јавно образование тоа е недопустливо, затоа што дефиницијата за универзитетот е дека тој е јавен простор достапен за сите негови студенти (и пошироко, граѓаните), за остварување на нивните потреби, а не за туѓи профити.
А трагично е и колку е бирократизирана целата оваа средина. Па колку само врски бркавме за резервирање на простори за овие настани. И пак пред Електро седевме надвор, и пак си поминавме многу подобро одколку што може да се прептостави.
Е сега, да се навратиме на поентата – со тоа што ние директно, најтранспарентно и задолжително плаќаме високи суми за да добиеме право на образование, стануваме не студенти, туку клиенти на овој универзитет. Суштината на нашиот однос не е а приори стекнување со знаење и вештина, туку здобивање со услугите кои оваа фирма нам ни ги нуди – а за многумина тоа е само универзитетска диплома по било која цена, исто како и кај приватните факултети, кои толку и исмеваме и омаловажуваме. Наместо платонски однос на учител-ученик кои се среќаваат во училиштето, ние стапуваме во чист капиталистички однос понудувач-купувач кои се среќаваат на пазарот. И додека целта на учителот му е да пренесе знаење, на понудувачот целта му е да си го максимизира профитот на најлесен начин. Знаењето така станува стока и предмет на размена, достапна за оние кои што имаат да понудат нешто за возврат. И, преку ноќ, наместо индивидуи, личности, сите стануваме одечки банкноти од 200, 600, 800, 1000 евра – универзитетот и државата многу повеќе не’ доживуваат како заработка отколку како студенти. Всушност, статусот “студент” е одреден исклучиво од плаќањето, тоа е основната наша функција. Додека плаќаш, можеш да паѓаш, да не учиш, да бидеш дрво, и да си го задржиш статусот студент. А можеш и да учиш, да се трудиш и да успеваш, но само ако не платиш – ти не си студент. Од друга страна, студентскиот стандард константно опаѓа – се помал е бројот на стипендирани ученици, студентските домови се жива греота, а дополнителните трошоци, како на пример таксени марки во доба на компјутерско пријавување испити и сл. дополнително ја опишуваат грозната ситуација во која се наоѓаме.
Мора да се бориме и за менување на карактерот на УКИМ: прво и основно, укинувањето на партиципацијата мора да повлече и отфрлање на неолибералната реторика на “државно претријатие”. Нам ни треба јавна образовна институција која ќе понуди квалитет, нам ни треба автономна средина каде главен збор ќе имаат студентите, нам ни треба јавен простор каде што ќе може на раат да се изразуваме и остваруваме. Тоа е цел кон која се стремиме, и веруваме дека ќе наидеме на поддршка кај вас и кај сите до кои ќе допре нашиот збор.
Некој апологет на слободниот пазар можеби ќе запраша, сосем легитимно, “каков е тој систем на образование кој ќе понуди квалитет, а притоа ќе му бидат скратени финансиите” – а тоа отвара милион алтернативи, прашајте економисти, тие ќе ви предложат различни модели. Нашиот одговор пак, кој е само една од можностите е следниот: од матно скроениот републички буџет за 2008 од 2 и кусур милијарди евра, за војска одат повеќе од двојно повеќе средства отколку за образование. Истиот тој буџет, на име образование, го полниме со партиципации, дел од даноци, таксени маркици, а се слеваат и немерено многу странски донации. Но, само мал дел му се на располагање на факултетот. Останатото не се знае кај оди, поради нетранспарентноста на институциите. Сепак, настрана од тоа, решението кое го предлагаме е едноставно – скратете ги нашите трошоци, а добар дел од финансиите за војската префрлете ги во образовниот сектор. Наместо плати за војниците во Ирак, стипендии за учениците. Наместо нови тенкови по НАТО стандарди, спроведување на кредит трансфер систем по европски стандарди. Наместо пушки – книги! Наместо примање на клиенти кои плаќаат, изготвување на програма за студенти кои ќе учат. Наместо систем кој ќе фабрикува дипломи преку тестови на заокружување, систем кој ќе образува и обучува критички личности. Да не му робуваме на капитализмот, туку да уживаме во интелектуалната слобода, која што во моментов ја доживуваме многу повеќе како разуздан пир, без “и” од интелектуалност. Мене тоа ми недостасува и мислам дека вреди да го бараме.
Затоа, реален сум и ќе повторам: партиципацијата на Универзитетот Кирил и Методиј треба да биде екстремно намалена, а на долг рок, укината. Таква е праксата и на речиси сите државни факултети во светот, дури и во најнеолибералните држави. Таква е праксата и во Европа кон која наводно се движиме, и ние ќе се бориме таква да стане праксата и кај нас. Затоа ве повикуваме да ни се приклучите во таа борба.
Реално е да бараме универзитетот Кирил и Методиј да им овозможи услови за образование на сите оние кои што имаат желба да учат таму, а притоа ги исполнуваат предвидените критериуми кои нема да се однесуваат на тоа кој колку е спремен да плати. Високото образование треба да биде достапно, квалитетно и бесплатно. Тоа е јавно добро, и никој не смее да го погани.
Нашата визија за Универзитетот и сите негови факултети е нивна што поголема автономија – затоа, реално гледано, не смееме да дозволиме во иднина Ректорот да ни го бира Владата. Власт на Универзитетот треба да бидат студентите, а не функционерите.
Универзитет Кирил и Методиј во моментов е далеку од сликата за автономен универзитет, финаснисран од даноци, достапен, на кој студентите се себеостваруваат, и затоа ние сме решени да дадеме се од себе за ја смениме таквата состојба. Затоа мора да се обединиме, и да бидеме доволно реални, за да го постигнеме она што се чини невозможно!
Дојдовте неколкумина, но доволно е уште еден да ни се приклучи за да речеме дека сме успеале. Доколку нашата порака допре до било кој, ќе си одиме дома со кренати глави. А доколку си мислите дека сме радикални, ние тврдиме дека сме само млади и бескомпромисно искрени. За нас, ништо не е готово, битката допрва започнува! Ви закажувам следна средба многу скоро, можеби во Точка, можеби во дворот на Градската библиотека, да покажеме што е автентично револуционерно студентско движење!
Related posts:
4 Comment(s)
1 Trackback(s)
- From Martin Markovski | Dec 23, 2009


Сатаниел | Jun 12, 2008 | Reply
говорот петка.
Него, една услуга да измолам. Нели секаде по блоговите пишува маде бај шепард, па си реков некаква врска може да има со тебе.
Си имам мака со штеточинки.
Знаеш ли како оваа скрипта за заштита од спам да ја прилагодиш да функционира на кодот на блогерај?
// Simple flood-protection
$lasttime = $wpdb->get_var(“SELECT comment_date FROM $tablecomments ORDER BY comment_date DESC LIMIT 1″);
if (!empty($lasttime)) {
$time_lastcomment= mysql2date(‘U’, $lasttime);
$time_newcomment= mysql2date(‘U’, $now);
if (($time_newcomment – $time_lastcomment)
[Translate]
vordan | Jun 12, 2008 | Reply
Вториот дел на „говорот“ е точно погоден и навистина инспиративен, без влакна на јазикот.
За жал, целината е уништена со анархо-хипи-нереални-либералните изјави во првиот дел, каде што непотребно се дроби за Ирак и Нато и дрн-дрн. Можеби и тоа е тема за разговор, ама не во еден говор.
Башка, она „другарки и другари“ дава квази-комунистички призвук, без никакви други слични елементи во самиот говор. Ако си комуњара, биди до крај – „Америка и Енглеска биќе земља пролетерска“, ако не, таков почеток само те етикетира без потреба.
[Translate]
Shepard | Jun 12, 2008 | Reply
обавивме комуникација.. не знам со ова да ракувам..
[Translate]
Shepard | Jun 12, 2008 | Reply
значи в_ордан,
јас, или ај да речам НИЕ пошто не сум сам, во екипата сме антинатовци, хипици, анархисти, комунисти, алтерглобалисти и сл., и јас на овој последен настан од овој циклус сакав да се презенетираме пред луѓето онакви какви што сме, и да ја знаат позадината на нешто делување.
кич, романтично, нереално?! тие сме, и сме отворени за сите, па дури и за крволочните неолиберали.
да живее слободата!
[Translate]