Македонски превод на говорот што го држев во Јанина на 23.06.2008
Filed Under: Activities, Contemplative, Macedonia, Nationalism, NATO, Politics, Recommendations, Society, Solidarity
Kalispera
Добар ден
Buna dzua
Пред да продолжам понатаму со говорот, би сакал да ви се заблагодарам за организирањето на овој настан, и да ја нагласам важноста од продолжување со вакви активности и во иднина.
Како што чувте, ве поздравив на 3 јазици – реков Калиспера во чест на домаќините и сите Грци присутни овде; реков Добар ден во чест на Македонците и за да биде чуен и Македонскиот јазик; но реков и Буна ѕуа, што е влашки поздрав, во чест на Власите, кои се народ кој живее и во Македонија и во Грција; а колку што знам, токму Јанина е место од каде што потекнуваат многу Власи.
Влашкото малцинство во Грција, исто како и македонското и како и сите други малцинства пател од режимот низ времето, и тоа за мене е неправедно – затоа инсистирам јазиците на малцинствата да бидат чуени во сите прилики, особено на јавни настани како нашиов. Малцинствата треба да бидат признаени и прифатени, а нивните права треба да бидат еднакво дистрибуирани; но треба да бидат преземени и афирмативни акции. Мислам дека солидарноста со сите помали заедници кои не можат слободно да го изразат културниот идентитет, е важно прашање за сите нас и е добар потег како за почеток.
Некој можеби ќе рече дека се работи за полиберален став, отколку левичарски, но јас доаѓам од земја која е тотално шаренолика, и не гледам друг начин на градење на здраво општество, ако нема соживот на сите тие различни идентитети заедно. Правото на само-определба е основата на граѓанскиот идентитет; и повторно би нагласил дека тоа треба да биде еднакво дистрибуирано до сите, нагласувам, не само на етничките малцинства: мора да се солидаризираме со сите дискриминирани индивидуи и групи на луѓе поради нивниот идентитет – ЛГБТ, верски малцинства, имигранти, бегалци – тоа е широка тема; најважното нешто што произлегува од тоа е постигнувањето ТОЛЕРАНЦИЈА.
Значи, првата задача е – отфрлање на сите предрасуди, стереотипи и вредности сервирани од мејнстримот. Веќе сме угнетени од Државата и капитализмот – првиот чекор е да прекинеме да се угнетуваме меѓу себе. Не треба да си лингвист за да сфатиш дека постојат други јазици. Не треба да си историчар за да сфатиш дека некои луѓе делат различни митови и сеќавања од другите. Не треба да си генетичар за да сфатиш дека постојат разлики меѓу секој човек на планетата. Животот е прекус за занимавање со такви непродуктивни активности. “Живеј и остави ги да живеат” е убава поговорка, која треба да си ја повторуваме од време на време. Го споделуваме овој свет, живееме под истото небо и го дишеме истиот воздух од двете страни на границата.
Надоврзувајќи се на последново, би сакал да продолжам со конфликтот меѓу Црквите од двете земји, пред се поради влијанието кое тие го имаат на ситуацијата.
Луѓето во Македонија константно ја судат Грчката Православна Црква и нејзините свештеници дека биле националисти и сл. Да, сум чул за тој Антимонис, чии изјави се навистина на работ на лудило. Да, можам да се согласам со тоа дека тој е националист. Но дали некој всушност чу што Архиепископот на Македонската Православна Црква, Стефан, кажа пред некое време? Тој му одговори и повеќе од еднакво на грчкиот колега, предизвикувајќи еуфорија од националистички чувства дома, а во исто време, обележувајќи ја МПЦ како националистичка, исто како и ГПЦ.
Епа, кај е Христијанството во ситуацијава? Сигурен сум дека и ГПЦ и МПЦ всушност говорат за истиот Бог, истиот Рај, истиот морален кодекс, и ги споделуваат истите вредности. Зар не треба сите да бидеме браќа и сестри во нивната реторика? Каде е толерантноста и сочувствувањето, како едни од основните хрисијански вредности? Да, им упатувам своевидна христијанска критика на институциите на Христијанството. Колку христијански е да го обвинуваш и покажуваш со прст твојот соверник, само затоа што доаѓа од друга земја? Има добри поенти во Библијата, за свртувањето на другиот образ и прошката. Им препорачувам на верските лидери од обете земји да почнат да читаат повеќе таква литература, отколку коловкијалните и профани зборови на злобните политичари.
Споменувајќи ги злобните политичари, првото нешто што ми доаѓа на ум, е спорот со името и гротеските кои го придружуваат.
Ако сега почнеме да теоритизираме по ова прашање, ќе се најдеме во средиштето на нечив туѓ проблем. Затоа што овде никој нема проблем со име – секој може да си се нарече како што сака, и тоа е основното правило во комуникацијата. Не можам да ја разбирам официјалната грчка позиција по прашањето. Не ја гледам поентата, не ги гледам аргументите, не гледам трезно и рационално размислување – гледам само слепило и националистичка треска. Тажно е што грчката официјална политика е остра и офанзивна кон соседна земја; но исто така тажно е што, во последно време, и македонската официјална политика и јавното мислење се поместуваат во иста категорија со грчкото однесување – разликата е што нишанат во спротивен правец. Некои од Македонците пак, си се оправдуваат бидејќи сметаат дека со таквиот однос само даваат соодветен одговор на грчката политика, но не се свесни, дека токму со таквото однесување, стануваат она што го презираат – националисти.
Национализамот е сериозна болест за општеството; тој флертува со чувствата на луѓето и со нивните длабоки сомнежи. Тоа е игра на страв, агресија и демонтирање на индивидуалното рационално расудување; тоа е игра базирана на психологијата на толпата, и способноста да се манипулира со фактите.
Тоа е и суштината на спорот за името. Судир околу симбол, нешто вештачко, тоа е судир поради само еден ЗБОР, збор во најбуквално значење. Но, има позадина. Историја. Се осмелувам да кажам и геноцид. Тоталитаризам. Бегалци. Украдени имоти. Кој знае што се не? Затоа преферирам да кажам историски инженеринг, отколку само историја.
И луѓето се враќаат дури до антички времиња поради тоа. Си ги преуредуваат животите поради тоа. Излегуваат на улиците. Се мразат едни со други. Луѓето се засекогаш поделени поради тоа. Тоа е она што го наложува национализмот.
За мене, вистински акт на анти-национализам е кога човек прекинува да живее во минатото и ја напушта колективната “реалност”, и започнува да мисли на добробитта на непосредата заедница околу него, вклучувајќи го и него самиот. Затоа, мој вистински акт на анти-национализам, не би било да ја декоструирам грчката позиција во ситуацијата со Македонија. Си знаете вие подобро од мене што грчките политичари велат и прават. Тоа е ваша битка и пред вас имате сериозна работа.
Мојот анти-национализам започнува како критика на национализмот што го гледам дома.
Пред некое време, националистите ја нарекуваа мапата со сите три дела на Македонија – “Голема Македонија” или пак “Обединета Македонија”. Сега велат, Голема Македонија е онаа до Египет и Индија, а оваа била “Вистинска Македонија”. Најстрашно е што луѓето на таа мапа гледаат како да е нешто сосем нормално; може да си ја купите како сувенир, а дури е и на големо прифатена во поп културата. Во некои прилики била и дел од формален протокол.
Тажната вистина за македонските националисти во овој случај е фактот што во современата историја, никогаш немало суверен ентитет во тие граници под името Македонија. Не постои легитимно право дури ни да се сонува за обединување на трите дела заедно. Тоа го пишува и во македонскиот Устав, за немањето територијални аспирации. Не го велам ова да ги провоцирам Македонците ниту пак за да бидам политички коректен кон Грците и другите – се е во разумот и трезвеноста. Некои велат дека Македонците треба да бараат ревизија на Букурешткиот договор од 1913, и дека Егејот и Пиринот треба да и се вратат на Македонија. Не гледам поента тука; ако некому веќе му се враќаат територии, тогаш тоа треба да биде Турција, затоа што пред Турците биле овде на власт пред 100 години.
Друг сегмент на автентичниот македонски национализам е Александрологијата. За мене, многу од скорашните откритија за античкиот македонски јазик и кулутра, и за Александар, не се ништо повеќе од шоуата на Докјументари ченел. Некои од нив се дури и апсурдни и дискутабилни. Не се обидувам да ги дискредитирам, но, не гледам поента во злоупотребата на сите тие откритија во процесот на идентитетски инженеринг. Луѓето се осетливи и лесно може да се мобилизираат околу своите историски права, што води кон трагедија.
А центарот на сета таа приказна за славното минато и континуитетот и така натаму, е Александар лично. Се преименуваат јавни објекти, се креваат споменици, се случуваат масовни хистерии.. а Александар, бил војник. Александар бил водачот на најсилната армија на неговото време. Сите знаеме што насилните армии прават. Освојуваат луѓе. Убиваат, поробуваат, измачуваат луѓе. Нивните водачи го преобликуваат светот. Некои велат дека Александар имал хуманистички идеали. Да, Наполеон го делеше еврипскиот сон. Хитлер сакаш чист, најчист свет од сите. Џорџ Буш го води неговата христијанска интуиција. Радикалните терористи имаат големи идеали. Дури и сојузниците во Втората светска војна се бореа за светската слобода и сепак ги сторија оние ужаси во Јапонија и Дрезден.
Националистичката хистерија е надополнета со јак милитаристички зачин во регионов. Херојот на нашите народи (Македонскиот и Грчкиот) е наголемиот крвожеден убиец на неговото време. Друг пример за милитаристичката сенка на национализмот е фактот што климаксот на спорот со името се случи поради македонскиот обид за влез во НАТО – тоа беше всушност судир за влез во воен сојуз кој бомбардираше невини луѓе во 1999, кој го окупираше Афганистан во 2001, и чива прва и основна улога е стимулирање на производството и трговијата со оружје. Тоа е воен сојуз кој што константно го право светот се полошо место за живеење и ние за тоа се тепаме.
Друг пример: од една страна, грчкиот најголем сојузник, Саркози, најсилно изрази поддршка во спорот за време на посетата за зајакнување на воената соработка меѓу вашата земја и Франција. Од друга страна, Македонија си ја заработи во најголем дел поддршката на својот најсилен сојузник САД поради сојузништвото во современиот Виетнам – Ирачката војна.
Значи, додека луѓето се караат дали Александар бил Грк или Македонец, даноците кои ги плаќаат се трошат на Американски и Француски тенкови соодветно (по НАТО стандарди), се трошат на плати за војници во војните во Средниот Исток, на пушки, муниција и останати ресурси потребни за да се победат војните во кои сме вмешани.
Ова е повикот за будење.
Мора да се обединиме во солидарност против националистичката и милитаристичка шизофренија од обете страни на границата. Еден од симптомите на национализмот е да си ја гледаш сопствената нација како жртва – НЕ! Единствената жртва во оваа ситуација се хуманистите, луѓето кои се фокусираат на реалноста и социјалните проблеми. Политичките елити не се до толку антагонизирани околу името и останатите судири – македонската и грчката влада имаат премолчена спогодба дека сите тие спорови нема да се затворат никогаш. Тоа е единствениот начин Дора Бакојани и Антонио Милошоски да останат нашите дневни херои, тоа е единствениот начин луѓето да се задржат во матриксот, тоа е единствениот начин да се прескокнат вистинските проблеми – растот на цените, социјалните нееднкавости, нетолеранцијата и тн. Верувајте ми, за нив е многу полесно да покажуваат со прст и да се навредуваат едни со други, и да будат националистички сентимент меѓу народот. Ќе направат се за да не оттргнат од стварноста. А стварноста е дека, како што чув, Грција врие и е пред социјална револуција. Македонската стварност се растечките цени, растечката невработенст и колонизацијата наречена странски директни инвестиции. Ни доаѓа и криза со храна и енергија, а имаме и еден куп проблеми со животната средина кои сигурно можат на нашите деца да им причинат многу повеќе штета отколку спорот за името. Ни треба генерална заедничка платформа, за трансцедирање на апсурдот на Нациите, и започнување со градба на нов светски поредок, со човечко лице.
Не сум задоволен со ситуацијата и ќе сторам се што треба да се подобри. Дојдов овде да си најдам сојузници. Се надевам ќе застанете до мене.
Да живее слободата!
Related posts:
1 Trackback(s)
- From » Впечатоци од настанот на Антимилитаристичката Антинационалистичка Иницијатива, одржан во Јанина на 23.06.2008 Вуна [б]е пер: кај што има ки | Mar 23, 2009


