Аксиолошки концепт во служба на крвопролевањето
(нелекторирана верзија на текстот кој беше изложен во Музејот на воени игри „Армитаж“ во Точка)
По падот на Ѕидот, значително се измрда „политичкото магнетно поле“ на планетата. Го снема едниот пол (СССР, плусот ил минусот?!), па остана антагонизмот да лебди наоколу во облик на некаква невидлива материја.. Другиот пол, УСА, навидум посилен од било кога, се обиде да ја искористи ситуацијата, и да ги привлече сите преостанати метални честички и струганици кон себе и по можност да иструга нови..
Да го поедноставам поентирањето: доминантната политичка и економска положба и експанзивниот (неоколонијалистички?!) дискурс на УСА се должи на нејзината воена надмоќ. Нејзината воена надмоќ, пак, се должи на тоа што располага со огромни воени ресурси, човечки и технички. Всушност, УСА не прави ништо друго освен тоа што ги обединува античките принципи, наследени од Атина, и од Спарта, во вешто спакувана единствена форма на христијанска праведност.
Јас би се задржал повеќе на „спартансткиот култ“, односно милитантноста, која е воочлива карактеритика на овој поредок, и неговиот епитом – концептот LDRSHIP, или концептот на „седумте вредности на американската армија“.
Кон крајот на минатиот век, период во кој Армијата на УСА стана премногу актуелна, но и предмет на многу диспутации, се забележува еден нов бран на засилување на процесот на „омаркетингување“ (Рамбо политика) на војската и се` околу неа. Користејќи го своето внатрешно оружје (за масовно уништување на свеста) – ТиВи-то, УСА им ја приближи војската и војната на граѓаните до ранг на секојдневна нормална појава, иако најголемиот број од Американците непосредно никогаш и не искусиле војна. УСА започна и со примамливите понуди за војници (за фронтовите кои сеуште не беа отворени). Нормално, сиромашните, „обоените“ и оние од руралните ја искористија приликата за добра заработувачка, но и да глумат командир Раб, да го спасуваат војникот Рајан и така натаму. И, како за дополнување на трипот на новопечените доброволци, Пентагон го промовира начелото LDRSHIP.
Според Армијата на УСА, ова начело значи (објаснувањата на значењето се преземени од официјалниот памфлет, кој го има и на сајтот на армијата, на домејнот .mil, наменет исклучиво за американските воени сајтови):
Loyalty (лојалност) – биди верен на Уставот, Армијата, единицата, и другите војници
Duty (должност) – исполнувај ги своите обврски
Respect (почит) – однесувај се со луѓето како што треба
Selfless Service (несебичност) – нека благосостојбата на нацијата, армијата и оние за кои си одговорен бидат пред твојата сопствена благосостојба
Honor (чест) – живеј според армиските вредности
Integrity (интегритет) – прави го она што е правилно, легално и морално
Personal Courage (храброст) – соочи се со стравот, опасноста, несреќата
Овој „концепт на вредности“, е најсликовит за денешното значење на поимот ВОЈНИК – Битие кое порано припаѓало на родот луѓе, но се придружило на ентитетот наречен војска поради одредени околности кои можат да бидат од економска или емотивна причина, при што својата свест доброволно ја заменил со онаа која му е сервирана од повисоките од него во хиерархијата, и неговиот светоглед со тоа станува акритичен и целосно конформистички. Впрочем, процесот на перење на мозокот по облекувањето на униформата никогаш и не бил непознат за јавноста; но оваа кампања за „светото начело“, започната од УСА, а потоа раширена низ целиот свет, проследена со постери и видео спотови во кои војниците симпатично се смешкаат, е најексплицитна форма на изразување на милитаризмот, при што заземениот став не е апологетски – туку, што е најтрагично, пропагаторски! Тоа е тренд. Дури и во една не-НАТО-вска земја како Македонија, некогашна „оаза на мирот“, имавме кампањи од типот „Биди тигар“, „Служи и` на татковината“ и сл., кои се родија во екот на меѓуетничкиот воен конфликт. Рекламите и понудите да се биде дел од армијата, дали во УСА, или во Македонија, или во било која друга држава, се јасен повик да се служи, а притоа и ако треба и да се убива за туѓи интереси. Под превезот на „добро платена работа“ и „свети христијански начела и вредности“, војската не нуди ништо друго, сем можност да го позајмите и да ризикувате да го изгубите вашето тело (и дух), при што би добиле соодветен материјален (и спиритуален за патриоти) надоместок. Војската очекува луѓе кои се способни да се оттуѓат од самите себе, исто како и другите капиталистички работодавци (со таа разлика што војската најрадикално и најтранспарентно ве злоупотребува за интересите на одредени елити). Па, регрутаната сега е заменета со „професионална“ војска во повеќето развиени земји, поканата е заменета со понуда, трансформација што, згора на се`, е во духот на стратификацијата и сегрегацијата својствена за глобалниот поредок; па така, сите оние „неподобни муштерии“, односно сиромаштијата, под тежината на животот голема шанса за излез гледа во војската – што значи уште една од функциите е и оретчувањето на ниските „сталежи“, додека младите буржуи кои се финансиски независни се амнестирани од гнасењето со барут, или евентуално, крвопролевањето.
Па, сега, кога и кај нас е укината обврската за отслужување на воен рок, типчето што дели покани, кој на врата еднаш ми дојде во стил на инкасатор, или арачлија, или уште попластично да го опишам – како аскер кој бара млади деца за во јаничари, го очекувам да се врати – но во стил на „Јеховин сведок“ – да ми влезе во дневна, да ми даде пушка и униформа, да ми објасни како функционира војската, да ми го презентира концепт на вредности (некој си пандан на американската седумка), и да ме убедува да се „вклучам“…
No related posts.


