Говорот кој го држев во Атина, 04.07.2008, на 13тиот Антирасистички фестивал
Filed Under: Activities, Contemplative, Economy, Freestyle, History, Macedonia, Nationalism, NATO, Politics, Recommendations, Society, Solidarity, World
Значи, на првиот ден на Антирасистичкиот фестивал за кој пишав, се одржа трибина во организација на Антинационалистичката Антимилитаристичка Иницијатива, под наслов “Ембарго за национализмот, вето за глобализацијата”.

Еве што говорев (не е 100% автентично, некои делови беа скратени, особено кон крајот, времето беше прекусо затоа што доцневме):
Добар ден,
Калиспера,
Буна ѕуа,
Мердита,
Мераба
Мило ми е што повторно сум во Грција, повторно како дел од активностите на Антинационалистичката Антимилитаристичка Иницијатива. Пред 10 дена бев во Јанина, каде што имавме добра трибина; денес планирам да продолжам онаму каде што тогаш застанав.
Најпрвин би ги повторил моите главни поенти од тој настап, за да можам да се надоврзам на денешната тема.
Повторно, како што можевте да чуете, упатив поздрав на повеќе јазици, а што е особено важно, на јазиците на малцинствата. Малцинствата, своевремено и во Македонија, и до ден денес во Грција се обесправени – тоа за мене е неправедно – затоа инсистирам јазиците на малцинствата да бидат чуени во сите прилики, особено на јавни настани како што е овој денес. Малцинствата треба да бидат признаени и прифатени, а нивните права треба да бидат еднакво дистрибуирани; но треба да бидат преземени и афирмативни акции. Солидарноста со сите помали заедници кои не можат слободно да го изразат културниот идентитет, е важно прашање за сите нас и е добар потег како за почеток. Но, нагласувам, не мислам исклучиво на етничките малцинства: мора да се солидаризираме со сите дискриминирани индивидуи и групи на луѓе поради нивниот идентитет – ЛГБТ, верски малцинства, имигранти, бегалци – тоа е широка тема; најважното нешто што произлегува од тоа е постигнувањето ТОЛЕРАНЦИЈА, што е основа за понатамошно градење на хармонично општество во кое ќе живеат, едноставно кажано, луѓе.
Една од моите важни поенти во Јанина беше, во тој дух, ако можам да кажам, христијанската критика упатена на институциите на Христијанството. И денес би го повторил тој став – им препорачувам на верските лидери од двете земји да почнат малку повеќе да ја читаат Библијата и да демонстрираат некои од хуманите христијански вредности како што се прифаќањето на другиот и простувањето, наместо тврдиот национализам кој се наоѓа во словото на политичките елити. Впрочем, МПЦ и ГПЦ зборуваат за истиот Бог, истиот Рај, истиот морален кодекс; но дефинитивно не е Христијанство да презираш и да покажуваш со прст кон некој кој што треба да ти е брат или сестра по вера, само затоа што доаѓа од друга земја.
Понатаму, се осврнав кон апсурдниот спор со името: мојот став е дека тоа е нечив туѓ проблем, затоа што и денес не верувам некој овде присутен да има проблем со име. Секој може да си се нарекува како сака, и тоа е основното правило на комуникација. Тажно е до каде оди надворешната политика на Грција, но и загрижувачки е што Македонија ја прифаќа таа игра и на ниво на официјална политика, но и во креирањето на јавното мислење; нечујно се промовира национализмот како легитимно стојалиште во односите со нашиот јужен сосед и тоа е нашиот предизвик, исто како што ваш е Дора Бакојани.
Оправдувањето на својот национализам како одговор на туѓиот национализам е бесмислено: затоа реков пред 10 дена, и денес ќе повторам: анти-национализмот започнува кога ќе се пресече врската со минатото и историските права, и кога ќе почне да се мисли на иднината од аспект на сопственото непосредно опкружување. Мојот анти-националистички дискурс во Јанина започна како критика на опсесијата на некои луѓе од Македонија со историјата и таканаречената Александрологија, со критика на потрагата по вистината која оди до античките времиња пред нашата ера и со критика на агресивните пропаганди од тој тип кои никако не ветуваат среќен исход. Мојот став е дека Македонија што побрзо треба да го надмине комплексот на „Големата Македонија“ и да заборави на картите и шпекулациите за обединување на трите дела – тоа дури го пишува и во нашиот Устав, нема простор за територијални аспирации.
Критиката на опсесијата со Александар, пак, би ја внел подлабоко од површната игра на симболите: во ниту еден момент не треба да се заборави дека Александар бил војник, командант на најсилната армија на своето време, која убивала, поробувала и измачувала луѓе и цели народи. Со тоа што еден таков крвник е предмет на судирот на две во наводници „цивилизирани култури“, јасно може да се согледа милитантниот дух на конфронтацијата меѓу Грција и Македонија. Дополнителен куриозитет, е што климаксот на спорот со името го доживеавме токму по повод стапувањето на Македонија во воено-окупаторскиот сојуз НАТО; дополнително, најголемиот грчки сојузник Саркози најсилната поддршка за вашата земја ја даде при посетата за зајакнување на воената соработка меѓу Грција и Франција, во превод, како додаток на тенковите кои ви ги продаде; Македонија пак речиси целата поддршка на меѓународен план што ја добива од САД е резултат на безрезервната манијакална поддршка која нашата власт ја дава во нелегитимната окупација на Ирак. Бизарниот исход е, значи, додека граѓаните од двете земји се борат за историските права кои им следуваат од Александар војсководецот, даноците кои ги плаќаат се трошат за француско, односно американско оружје соодветно; и додека се расправаат дали бил Александар Гркот или Александар Македонецот оној кој го покорил светот, соучествуваат во новото покорување и империјализам, овој пат предводено од цивилизираниот Запад, САД и разбојничката дружина наречена НАТО.
Мојот настап во Јанина заврши со повик до сите, да се обединиме во солидарност против националистичката и милитаристичката треска, со тоа што ќе пристапиме кон покренување заедничка платформа за решавање на реални, а не имагинарни проблеми, кои непосредно не засегаат сите нас и нашата околина. Спорот околу името и се околу него, им оди во прилог само на политичарите – манипулирајќи го националистичкиот сентимент кај народот, тие вешто бегаат од реалните проблеми, и од одговорноста која ја имаат за нив.
Денес би сакал да продолжам во поглед на идеите за дејствување и соработка кои ќе му дадат на поредокот еден нов, човечки лик.
Она што сметам дека е клучната поента на нашите иницијативи, особено во поглед на делувањето како антипод на националистичката политика на мејнстримот, е тоа што пред нас е многу одговорната работа што не’ чека, а тоа е изнаоѓањето на алтернативни модели и методи на редефинирање на социјалните односи.
Важен чекор кој треба да се преземе е јасно и гласно одбивање на статус квото. Треба да се предизвика тезата дека историјата е завршена, и треба да се докаже дека идеологијата не е пропадната како концепт. Црвената петокрака не е кич и историски артефакт, вредносните судови не се демоде, а принципите не се предмет на релативизација. Овие манифестни изјави веројатно многу повеќе треба да ги кажуваме дома, во Македонија: доколку најголемата критика на квази социјалистичкиот поредок е дека поради недостатокот од политичка слобода било наметнато едноумието на таканаречениот Сојуз на комунисти, тогаш страшно е што денес, после речиси две децении политичка слобода, прогресивната мисла едвај и да постои во Македонија.
Продолжувајќи во истиот манифестен тон, би промовирал два концепта, две контемплативни размислувања кои се приговор токму на тоа статус кво, а кои се однесуваат токму на темата на денешната дискусија.
Првото размислување, оди во насока на комбинирање на антинационалистичките ставови со вредностите кои се карактеристични за трансцендирањето, односно трансформирањето на конфликтите.
Значи, вака нешто отприлика: патувајќи назад од Солун за Скопје, пред 10 дена, правејќи муабет со различни луѓе, најпрвин со Грци, а потоа на патот дома и со Македонци, јас сфатив дека мојата определба по прашањата на поделбите, народите, предрасудите и сл. е всушност АЛТЕРНАЦИОНАЛИЗМОТ, односно една посовремена варијанта на она што сите го знаеме како интернационализам. Јас себе си не се гледам првенствено како припадник на ниедна нација, и не сакам да дозволам да ги гледам другите луѓе како припадници на било која нација, па дури и да се работи за најтешките националисти. Концептот на нации, и нации-држави е штетен за човековото општество, и треба да се менува. Нам ни треба алтернатива, алтернација – токму затоа ми се допаѓа терминот алтернационализам, наместо само антинационализам. Ригидното антинационалистичко уверување може да предизвика исто така несакани ефекти – а тоа е некому да му биде оспорен културниот идентитет или пак некое негово интимно чувство кое не тежнеело да има политички исход. Воедно, не се работи ниту за компромис, затоа што според мене компромисот е неповолен исход, затоа што и двете спротиставени страни се откажуваат од нешто, за потоа нивното незадоволство да еруптира уште посилно. Алтернационализмот е за мене, изнаоѓање на нова реалност, концепт кој е инклузивен, концепт кој приговара на националистичката хистерија, но воедно ја остава вратата отворена за сите космополити и хуманисти кои не се нужно антинационалисти.
Но, доколку антинационалистичкото движење, алтернационалистичкото движење, или како сакате наречете го, заглави со деконструкција на национализмот и идентитетски расправии, тогаш сме во ќорсокак. Национализмот е само една од илузиите кои го држат човекот заслепен; кога тој прогледал треба да се потруди да ги совлада сите препреки кои го опкружувале но претходно не можел да ги види.
Па така, според мене, деконструкцијата на национализмот е само еден од аспектите на нашето делување. Тоа е многу важна основа за обединување и препознавање на едни меѓу други. Но, натаму не чекаат многу поголеми предизвици, а еден од нив е токму глобализацијата.
Веќе себе си се профилирав како алтернационалист или интернационалист; во контекст на второво прашање, уште повеќе сум уверен дека сум алтерглобалист. Овде, претставката алтер значи едноставно дека со валканата вода не сакам да го фрлам и бебето: интернетот, мобилноста, самиот мој престој овде и новите медиуми кои ги користиме како средства за и промоција на нашата борба, се директна или индиректна придобивка од глобализацијата и јас нив ги прифаќам како такви.
Но, за жал, тоа не е првата асоцијација која ја добива човек кога говори за глобализација. Мојата прва идеја при споменувањето на оваа тема е сиромаштија и експлоатација како резултат на глобализираниот економски поредок во кој хегемони се гигантските корпорации. Сиромаштија и осиромашување на 90% од популацијата, и експлоатација на најголем дел од нив во интерес на малцинството кое трупа и трупа богатство. Воедно, за мене важна последица на таквата глобализирана економија е и глобалното затоплување, за многумина сеуште мит, но само погледнете што се случува со микроклимата овде, а да не зборуваме во подрачја кои се наоѓаат покрај океани и сл. За мене сепак глобализација во најголема мера е неоколонијализам, нешто што е особено карактеристично за Македонија, каде што на странските директни инвестиции се гледа како на единствена шанса за опстанување на општеството; власта се рекламира како да се работи за бордел – „инвестирајте во Македонија“; на странските газди им се даваат олеснувања, се заобиколува регулативата, и се под изговор дека така се зголемувало производството. Прадоксално, голем дел од инвеститорите се Грци.
Потоа, капиталот створен во Македонија завршува некаде далеку, Швајцарија или некој остров. Велат дека се отварале нови работни места. Да, за плата која што е под нивото на меѓучовечка почит и за експлоатирање на гладното население кое во услови на структурна невработеност, буквално гази преку себе си за корка леб. За мене критика на глобализацијата е во суштина критика на капитализмот, неолиберализмот и фетишот кон профитот.
Не сум дете од работничка класа, напротив, со тој речник, јас сум припадник на ситната буржоазија и се чувствувам помалку лицемерно кога говорам за работничките права. Но затоа можам да ви кажам што гледам и кај оние кои се малку попривилегирани во тој систем: тага, несреќа, немир, алчност. Машината меле, и не препознава ниту пасош, ниту статус: давачките растат, сплетките се намножуваат и иднината станува се’ понесигурна, а потребите се мултиплицираат и никогаш ништо не е доволно. Секојдневното постоење се сведува на бројки, бројки, бројки.. Дури и мерилото за успех на една заедница е изразено во бројки: бруто домашен производ. За тој бруто домашен производ, на пример, многу поисплатливо е човек, ете и од средната класа, да е хронично болен, отколку здрав, да троши пари на лекови кои ни ги продаваат по безобразни цени, да е изнемоштен и да троши за превоз, на крајот, дури и да умре, за да се направи обрт од трошоците за неговиот ковчег и погребалната церемонија. А тоа не е убаво.
Во услови на глобализиран слободен пазар, она што им се наметнува на малите земји, како Македонија е дека мора да го отворат пазарот, дека мора да ја прифатат и применат реториката на профитот и дека тоа е единствениот начин за опстанување во ваквиот поредок. Но, Македонија денес, колку и да е отворена, колку и да се подава на странските инвеститори, колку и да се обидува да се вклучи во сите тие процеси – останува неразвиена земја со милион внатрешни проблеми. Македонската економија претставува феномен. Има растечка невработеност, речиси 40%, има инфлација од 10% секој месец во 2008, економскиот раст стагнира или е во благ пад, а економијата сеуште функционира – не знам до кога! Но никој не зборува за тоа, или за кризите кои не очекуваат, туку, да речеме, за името. Затоа и велам дека политичките елити ако го немаа проблемот со името, ќе го измислеа – наместо занимавање со суштинските проблеми, ним многу повеќе им одговара цело време да се вртат апокалиптичните вести за исчезнувањето на државата и народот поради тоа што некој ќе ни го менува името, а верувам слична е и вашата приказна.
Она што во целата приказна се испушта е дека малите земји многу полесно може да се уредат отколку големите. Она што сите го премижуваат е фактот што во мала земја како Македонија, во која речиси сите меѓусебно се познаваат, многу полесно е да се гради кохезија и да се воспостават солидарни односи, отколку во големи милионски земји. Во потрагата по инвеститори, македонската влада оди до таму да се огласува во Њу Јорк Тајмс, заборавајќи на начелото дека треба да се дејствува ЛОКАЛНО, начело кое јас го прифаќам. Проблемите нема да ги решат читателите на Њу Јорк Тајмс. Тоа се наши проблеми, и ние треба да ги решаваме.
Кога можеби и не би се опседнувале толку со славното минато, туку со суровата сегашност и неизвесната иднина, работите ќе изгледаа поинаку. Кога наместо да се продлабочуваат јазовите и да се бараат вештачки разлики на база на нација, вера и обележја, а би се барале заедничките проблеми, би се идентификувале маките кои се заеднички за сите нас, тогаш сигурен сум, денес немаше да бидеме овде шака луѓе од Македонија, туку цела организација со далеку поголемо влијание, и името ќе го протрчавме; акцентот ќе го ставевме на вистинските проблеми. Затоа, работиме на тој случај, и не планираме да се предадеме лесно.
Ова е борба која треба да се води до крај. Ова е борба која бара обединување и меѓународна солидарност. Искрено, за нас голем предизвик беа сите активности од оваа страна на границата. Искуството е непроценливо. Верувам дека ќе продолжиме со менувањето на реалноста, со АЛТЕРнационализмот, со бескомпромисната критика на војните, вооружувањето, НАТО и таканаречената невидлива рака на пазарот.
Да живее слободата, да живее човекот!
Related posts:
4 Comment(s)
1 Trackback(s)
- From Martin Markovski | Dec 23, 2009


knsis | Jul 9, 2008 | Reply
Имам сериозни забелешки на одредени делови на овој и на говорот што си го држел во Јанина ( Да не мрзи и сега би образложил зошто ). Со некои делови и се согласувам. Меѓутоа, ова е мноогу, мислам мноогу подобар говор од говорите што ги одржаа Анти и Кире Василев во Скопје.
[Translate]
Сатаниел | Jul 17, 2008 | Reply
Симпатично што се обидуваш да начнеш економски поенти, макар и како концесии за домаќинот, но некако ко да се раствораш во целата таа идеологија.
Далеку од тоа дека те сметав(м) за „идеолоботомиран„, ама секогаш треба да биде човек претпазлив од идеите што одат во пакет.
Напишав еднаш еден текст „Идеолоботомија„ (http://sataniel.blog.com.mk/node/95964). Не напишав таму Вуна, ама ти ми беше можеби главна инспирација.
Дали навистина ја разбираш логиката позади твоите анти-глобалистички ставови? (пред се мислам на ставот против слободниот пазар, странските инвестиции, како и тоа неодреденото мрчење на крај за БДПто, за малку подоцна самиот истото како критериум да го искористиш („економскиот раст стагнира, економијата е во благ пад„, што патем формално гледано не е точно, но не е битно тоа сега)) Знам дека одлично ги согледуваш и констатираш лошите состојби, но дали разбираш што точно на нив критикуваш? За каква промена всушност се залагаш?
Златен, економијата е наука, нешто слична на математиката. Исправка – позаебана од математиката, поради тоа што ниту еден од економските модели не дава категорични одговори, но еднакво елитистичка како неа, во секој случај не за селани и стечајци, и покрај напорите на еден фин германски господин. Сепак се бави со комплексни системи, кои за да се разберат, а потоа и критикуваат, мора претходно добро да се проучат аналитички. Според твоиве ставови, да не речам и неубеденоста со која ги нафрлаш, не ми изгледа дека тоа било баш така во твојот случај.
Биди и најголем Марксист и анти-глобалист ако сакаш, ама почекај уште некоја година, земи некој предмет економија еве сега во Прага, и после да дискутираме и на тие теми. Вака сега е само продавање празна идеологија, која и тебе ти ја шитнале на кванташки.
Можеби многу и стално те критикувам, ама те уверувам тоа е од чиста љубов.
[Translate]
Shepard | Jul 17, 2008 | Reply
имав 3 економии на факс.
[Translate]
Сатаниел | Jul 17, 2008 | Reply
Не рачунам таа економија што се учи на УКИМ. Книгата Вовед во микро- и макроекономија од Таки Фити е катастрофа, а ми ја фалат како најдобрата книга, каде се било јасно и разбирливо(?!). Мислам WTF!, или јас сум глуп, или луѓево не разбираат што е тоа што треба да се учи и сфати во економијата, односно им се бара да се бубаат погрешните работи.
Нема економист што по која било основа би го бранел неслободниот пазар, тоа се секогаш политички одлуки, и тоа по правило излобирани од бизнис круговите заради личен профит. Секое ограничување на увозот, тарифи, квоти, неизбежно води до намалена конзументска полезност (поради повисоките цени), неефикасно ниво на производство (испод оптимумот), и директна стимулација на неконкурентна гранка, што и го одзема импулсот за развој.
[Translate]