Обраќање до Преродбениците

Во Македонија веќе извесен период на сила е еден авторитарен режим кој што, според се’ што досега се случи ќе станува поморничав и покрут. Своевремено малкумина беа тие кои што предупредуваа, креваа паники, па дури и ширеа параноја. Денес, можеби има повеќе луѓе свесни за ситуацијата, но оние кои што пуштаат СОС сигнали се уште помалубројни.

Ниедна параноја не беше доволно фаталистичка, ниту еден дефетизам доволно депресивен и ниту еден песимест не можеше да очекува дека ќе се случи таков вртоглав пад на се’ што е разумно.

Затоа веќе нема простор за хумор, креативност, ниту за интелектуализирање. Ниедна анегдота не е доволно прониклива за да го искарикира сеништето од ВМРОвската влада, ниту едно уметничко дело не може да биде доволно ангажирано за да ја деконструира пропагандата која секојдневно се шири ко колера, ниту еден цитат, теорија, аналогија не се доволно критични за да ја победат игнорантноста на оваа владејачка елита, од проста причина што единствениот аргумент кој го имаат во раце е нивната дебела победа на изборите пред само 3 месеци.

Првичните идеи ми беа да пишувам текстови за национализмот – говорот на премиерот по повод Денот на Независноста комотно може да се користи како пример при анализата на било кој од класиците на теоријата на национализмот. Реакциите во јавноста, исто така. Но, кога човек ќе ја земе в предвид целата слика, сите донесени закони, истресени глупости и преземени мерки – национализмот не е единствената патологија на Македонија денес – присутен е силен авторитарен дух, кој што од ден во ден станува поагресивен и поирационален, и очигледно се’ попопуларен.

“Преродбеничката” политика за брзо време ќе допринесе земјата да биде препознаена како “Јужно Косово” наместо како било-каква-па-и-северна Македонија. Живеењето и битисувањето во Скопје и неколку други градови ќе изгуби секаква смисла, а кој знае дали некој ќе остане да живее во помалите места затоа што луѓето ќе сакаат да бегаат од сегде. Тоа што Македонија го преживува со години не е одлив на мозоци, туку “спасуј-се-кој-може” сценарио, кое веројатно допрва ќе се засили затоа што Македонија стана земја од која едвај чекаш да си отидеш (па како да не посакаш да си одиш, дури и средствата за ублажување на реалноста, читај алкохол, им ги забранија на луѓето).

Сега типичниот авторитарен идолопоклоник на владејачката коалиција ќе рече “излезе Вуна во странство, почна да сере уште повеќе”, и нормално, тешко ќе упати внимание на пораката која сакам да ја пренесам. Тешко и дека ќе го дочита овој долг текст. Сепак, ова мое обраќање во основа е наменето токму за тие луѓе, припадници, симпатизери, апологети на ВМРО-ДПМНЕ и партнерите, функционери, влијателните луѓе блиски до лидерството, кои се вмешани или се чувствуваат дел од “Преродбата” (дали преку активно креирање политика или само преку носење маичка во знак на поддршка) во згрчен обид да се разбуди нивната совест; бидејќи оние кои што носат одлуки се дистанцирале од разумот и душата.

Почитуван/a,
се надевам дека сеуште си ЧОВЕК со чувства, и способност да ги обмислува работите, и покрај твојата (ново)стекната позиција, позиција на моќ и се разбира можност за да се влијае и учествува во реално време во еден таков благороден поход како што е “Преродбата” на Македонија. Верувам дека ти, како и твоите истомисленици, си силно убеден/а дека правиш или поддржуваш добра работа, дека тоа што се случува на политички план е правилно и правично и професионално – впрочем, на Коалицијата и’ беше делегиран суверентитет од страна на граѓаните на Републиката, убедливо, јасно како ден. А партија, коалиција, општо земено – политичка опција за која на избори гласал секој четврти граѓанин, неспорно е дека се стекнала со доволно доверба за да носи одлуки, дури и по брза постапка, дури и по најкритичните прашања. Ако не морално, тоа практично така испаѓа во собраниската сала – мнозинството кое што оваа гарнитура го има, и дозволува сосем легално, веројатно и легитимно (и во најновите испитувања на јавното мислење има силна поддршка за политиките) да чини што сака со било кој правен акт, па дури и со Уставот. Тоа е голема моќ која не смее да се потценува и во ниеден момент не смее да се изгуби од предвид. Од друга страна, таквиот носител на моќта сноси уште поголема одговорност – која во овој момент, ти, кој/а си на било каков начин дел од “Преродбата”, не смееш да ја занемариш, и која што и ти делумно ја имаш на своите плеќи.

Државата, системот, режимот, институциите – сето тоа има само една цел: мене и тебе, граѓаните, да ни овозможи сигурност и можност за поубав, похуман и подостоинствен живот. Тоа е комплексна структура која е градена, уривана, преправана, но која што на крајот на денот мора да ни излезе нам граѓаните во пресрет, без оглед на нашиот пол, раса, вера, возраст, сексуална определба, финансиска состојба, политички убедувања и тн. Како што секој од нас е должен да допринесува за одржливоста и функционирањето на институциите на најразличен начин (обврски), така секој од нас, без оглед на тоа кој е и што има позади себе во животот, државата и институциите се должни да му гарантираат најпросто кажано можности за добар живот.

За жал, власта која ти ја поддржуваш, секојдневно им ги крати можностите за добар живот на граѓаните на Македонија. Тоа може да се објасни и преку поединечни примери, но мислам дека попластично би ти објаснил преку една целовита слика за тоа каде оди оваа земја.

Она што верувам дека тебе ти е многу важно, да не речам ти се чини одлучувачко за нашата судбина, е спорот со името и неговата разврска. Те боли и фрустрира односот на Грција, односот на меѓународната заедница, а и те нервираат луѓето од Македонија кои го релативизираат ова прашање. Ти си за цврст став, без отстапки, и една од причините што си за или во “Преродбата” е што Груевски не го дава името. А веројатно сигурен/на си во себе дека освен името, се работи и за егејското прашање, историјата, идентитетот, настанокот на светот можеби?

Но, работите така не одат. Не оди со непопуштање. Ова ти го кажува човек кој успеа на сред Атина да настапи под името Република Македонија, и зборувајќи на македонски јазик (со симултан превод на грчки) да ја осуди грчката политика, како и да побара признавање на Република Македонија под уставното име. Ајде да речеме дека некогаш некој “преродбеник” ќе успее тоа да го направи, но никогаш нема за тоа да добие поддршка на лице место, каква што добив јас. Макар и од пар стотини луѓе, најголем дел, грчки граѓани.

Клучниот момент во оваа ситуација е расчистувањето со емоциите и духовите од минатото. Толерантноста. Разбирањето. Ти си свесен/на дека официјалната политиката на Грција не чини заради тоа што е агресивна, популистичка, манипулаторска.. но одговорот на таа политика не лежи во иста таква агресивна, популистичка, манипулаторска реторика. Да се аргументира преку историја и историски факти, или уште полошо антички етногенези и Хунзи, во современи услови во најмала рака е бесмислено. И што ако Александар бил Македонец и Македонија пред 3000 години била македонска? Тоа може да биде занимливост од историјата, но никако не влијае на политичките одлуки.

За тој спор, правилото е дека ако сакаш фер борба единствено што можеш да направиш е да бидеш фер. Другото не е до тебе. Ако сакаш разумна разврска– мора да се поставиш разумно. Тоа подразбира дури можеби и потискање на чувствата. Од Грците не можеш да бараш разумност ако ти не си способен да опстоиш на разумна позиција. Не можеш да бараш тие да ги остават на страна емоциите и “нивната” историја (која за нас е лажна), а ти да настапиш со емоции и со нашата “вистинска” историја.

Спорот со името се решава со една реченица: појдовна точка во било каква комуникација меѓу било кои субјекти е секој од да си го избере своето име.

Фаќајќи се за историската замка, “Преродбата” веднаш ги внесува емоциите во игра – историјата со себе носи митови, маченици, жртви, непријатели, наследства, долгови. Кај далечната древна историја, тоа има друга тежина – митолошка, Сето тоа резултира со емотивен набој, кој секако завршува лошо. Во некое друго време, би завршил со војна, а денес завршува со омраза, затварање, и низа ирационални феномени, како на пример барање “предавници” меѓу сопствениот народ во тие кои одат на одмор во Грција.

Врв на целата таа илузија е посочувањето на Грција како директен виновник што Македонија е тапа. Се создава во најмала рака одбивен однос кон соседна земја, само за да се оправдаат сопствените неуспеси. Наместо да работи на случајот и да учи на грешките, твојот лидер води детски инает со кој само ни го ограничува светот – на југ ја бетонира границата наместо да се труди да ја олабави.

И не само јужната граница: Груевски најави дека ќе ги бетонира сите граници на Македонија, со гордост и чест, наоѓајќи си нов виновник за сопствената неспособност – Европа.

Европската Унија не е најсреќното решение за остварување на сонот за Обединета Европа. Но, одредени политики, некои држави, како на пример токму Македонија, можат да ги исполнат само во соработка и под водство на веќе успешни меѓународни сојузи, како што е токму ЕУ. Мене ми е жал што морам да го кажам тоа, но на пример, би поминале векови додека сериозно да се третираат проблемите со животната средина, ако не е ЕУ да сугерира дека македонската влада треба да преземе некој чекор во врска со тоа.

Во некој идеален свет, ова ќе беше држава која ќе беше доволно развиена и напредна да не мора да бара репер во некои си стандарди на ЕУ. Во некој помалку идеален свет, немаше до оваа мера да бидеме зависни од ЕУ. Вака сега, мора да се водиме по тие правила. Сигурно и тебе те фрустрира тоа што гледаш нон стоп како странци ни ја кројат политиката. А ете сега ни сугерираат да го смениме и името.

Многу е лесно да ги одјебеш странците. Не можат да те спречат ни кредити, ни договори, ни преземени обврски. Јас во некои други околности би бил прв за тоа да бидат прекинати односите со ЕУ.

Но ова не е идеален и свет – во голема мера прогресивната политика во Македонија беше инкорпорирана во таканаречената “евроинтеграција”. Сакал или не, јас, ти, било кој, ни се допаѓала ЕУ ваква како што ја знаеме или имаме други идеи, единствениот начин за Македонија да може да се интернационализира, да стане дел од “меѓународната заедница”, беа токму тие евроинтеграциски политики. Со нивното прекинување, Македонија останува да биде “Јужно Косово” наспроти моќната “меѓународна заедница” која што буквално има можност да го подрие суверенитетот и да не’ дотепа, ако не сме доволно и вака отепани.

Ако “изолацијата” ја сметаме за “бетонирање” на границите; тогаш Груевски не’ остави фино заѕидани, ама под голо небо. Кровот прокисна, се урниса, не’ потепа во обидите да се привлечат странски инвестиции. Покрај сите бенефиции за странските компании (даночни олеснувања, беспари земјишта), капак на се’ беше промената на Законот за работни односи со која правата на работниците беа драстично намалени. И сето тоа за “подобрување на бизнис климата” – т.е. за овозможување на странските инвеститори да го експлоатираат македонското население, кое во трка по работно место тешко дека ќе може воопшто и да зуцне за одмор, боледување или достојна плата.

Таквиот концепт, на политичка изолација и целосно економско подавање на крупниот странски капитал, во моментов, на Македонија и’ дава статус на пост-колонијална земја од третиот свет. Ако не ми веруваш, земи ја в предвид ситуацијата сам, и кажи ми по што не се разликува од некоја друга земја, утепана од странски колонизатори, и турната во конфликти на идентитети: преокупирани сме со сами себе, со себедокажување, со докажување на сопствениот идентитет, а во исто време и “бизнис рај” во кој странците доаѓаат, прават профит и профитот си го повлекуваат во странски банки, додека за Македонија не останува ниту данок ниту пак имаат обврска да ги третираат работниците како луѓе.

Впрочем, со новиот Закон за работни односи, никој нема обврска да ги третира работниците како луѓе, па ниту ни домашните работодавци. Со новиот Закон за дроги пак, никој нема обврска корисниците да ги третира како луѓе (на пример Законот ви сугерира дека ако видите некој кој се дрогира треба да викнете полиција, а не амбуланта; исто така пропишува иста казна за производители, дилери и корисници). Со реформите во здравството, оние кои немаат доволно пари не се третираат како луѓе. Бројот на оние кои што всушност добиваат рамноправен третман е се’ помал, а самиот третман на просечниот македонски граѓанин, се’ полош. Знам дека можеби твојата идеологија, идеологијата на твојата опција е поинаква од се’ до сега – но, нели мислиш дека одите предалеку?

Парадигматичен случај за тоа е акцијата за “тргање” на просјаците од улиците, односно за туркање на нечистотијата под тепихот. За еден така сложен социјален проблем (голем број од просјаците се Роми), е структурен проблем, повеќеслоен, повеќестран, на кој во светот му се посветуваат научни истражувања, Јанкуловска вели дека може да биде ноншалантно решен преку полициска акција.. како да лечиш рак на бели дробови со сируп за кашлица.

Акцијата “Питачење” го премина и последниот праг на здравиот разум и е вон било каква принципиелна политика. Демонстрирање на сила, тотално несмасно и еднострано пристапување кон социјалните проблеми и насилнички третман на сопствените граѓани, без никакво покритие е одлика на режим кој не е способен добро да владее. Тоа е одлика на режим кој што сака да прикаже дека нешто работи и кој што сака да прикаже дека допринесува за општествениот напредок. Тоа е одлика на режим кој всушност во обид да изнуди подобро секојдневие, допринесува секој нареден ден да биде погрд од претходниот.

Ти, идолопоклонику, поддржувачу или учеснику во “Преродбата”,
веројатно си свесен за овие работи и кај тебе се буди одреден сомнеж. Но не сакаш да признаеш дека работите лошо стојат, затоа што веруваш дека ова е жртвата што треба да се плати за да се “препородиме”. Мора да бидеш разумен, за да не биде цената превисока.

Во исто време, мора да издишеш, да се олабавиш и да погледнеш и од малку поинаков, почовечки аспект. Не секој може да разглобува политички загатки и не секој има квалификации да анализира и полемизира.

Но, претпоставувам дека си длабоко религиозен, или бар веруваш во Бог, затоа што една од главните одлики а и една од главните причини за популарноста на вашата “Преродба” е и враќањето на христијанските вредности, преку веронауката, градењето цркви и така натаму. За да не се навраќам на анализа на праксата детално, нема да пишувам околу отстапувањето од секуларноста; би дал само една критика во христијански дух: главните христијански вредности се скромноста, солидарноста, толерантноста, простувањето. Градењето цркви, крстови и воведувањето на веронаука врска нема со Христијанство. Вмешувањето на МПЦ во “Преродбата” нема врска со Христијанството. Црквата треба да си гледа царство небесно, а не земско. Воспевањето на воени лица (од Александар Македонски до Јохан Тарчуловски), барањето непријатели, бегањето од одговорноста – се тотално антихристијански чинови: дистанцирај се од оној кој со оружје постигнал нешто, вината барај ја во себе си, сврти го другиот образ. Не го кажувам ова цинично – кога навистина би се спроведувала “Преродбата” според тој кодекс на однесување, тогаш резултатот ќе беше далеку попозитивен од оној кој го имаме сега.

Каде е “Преродбенику” или “Преродбеничке”, твојата скромност, способноста за простување, покајание, твојата толерантност? Цело време некој е посочен со прст, понекогаш вашите гласноговорници, јавни и полу-јавни, навредуваат, се закануваат, сеат страв.. воглавно ти и твојата “Преродба” се вртите кон самите себе си, се вртите кон суетата, рејтингот, идентитетот?!, кон еден племенски поредок на симболи и илузии во кој нема место за оние кои не го прифаќаат за свој. Си заборавил/а ли веќе на емпатијата, на соработката, на инклузивноста.. или и тебе ти недостасува? Затоа што она што денес е Македонија, е едно крајно исклучувачко општество, кое оди дотаму и самото себе да се исклучи од некој поширок дискурс.

Драг Преродбенику,
Драга Преродбеничке,
голем е бројот на луѓе незадоволни од досегашниот тек на “Преродбата”. Не се само “комуњарите” тие кои што критикуваат. Од ден на ден се се’ повеќе и повеќе. Затоа што твојата политичка опција води политика која што од ден на ден покрива се’ помал број на социјални групи, се’ помал број на граѓани. Од друга страна, тоа е политика која што своите поддржувачи ги регрутира најмногу преку убаво спакуваната презентација во јавноста. Во превод: поддршката од 30% спечалена преку вешта пропаганда и играње на карта на емоции значи дека има уште 70% граѓани на РМ кои кој-знае-како се чувствуваат (ама не ја поддржуваат власта).

Можеби извесен период доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, “Преродбата”, ќе остане непредизвикана. Можеби ќе освои уште еден мандат. Можеби рејтингот ќе остане висок, а помеѓу критичарите нема да се створи критична маса. можеби нема да се појави политички субјект, јунак, кој ќе ја симне “Преродбата”. Но, на крајот “Преродбата” ќе се проголта самата себе – бидејќи тенденцијата е таа, од ден на ден политиките на власта покриваат се’ помалку луѓе. На работниците, корисниците на дроги, секуларистите, просјаците, борците за нивните права, веројатно голем дел од луѓето на кои им е битно да купат алкохол после 19 часот, полека ќе им се придодадат и други луѓе, веројатно и луѓе на “Преродбата”, и многумина од “неопределените”. Она што го ти го поддржуваш, ќе вроди со големо вознемирување кај македонските граѓани. На крајот дури и евентуалниот пораз на избори нема да биде нешто посебно – затоа што секој ќе биде преокупиран со сопствениот мизерен живот за кој оваа власт видно придонесла.

Related posts:

  1. My speech in Giannena, Greece [23.06.2008]

RSS Feed for This Post15 Comment(s)

  1. Алекс Букарски | Sep 18, 2008 | Reply

    Македонија има стабилна политичка и економска ситуација. Имаме постојан раст на платите, раст на образован кадар, инвеститори и намалување на невработеноста. Четврти сме во Светот, според Светска банка, во реформите. Имаме солидни меѓуетнички односи, можеби најстабилни од самостојноста во 1991 година. Ретко кога ќе чуете од Македонците дека им пречи нешто од Албанците, но и обратно. Се обележ ува границата со Косово, и се соработува на обострано задоволство; се развива локалната самоуправа без битни конфликти со централната власт. Профункционира образованието на Албанците од прво одделение, па се до факултетска диплома… се решија прашањата за имиња, знамиња… сега Имер Селмани оди дури и чекор понатаму, па најавува политички ангажман на македонските Албанци кој се шири надвор од етничките цели, и оди кон подигање на економскиот и културен страндард на Албанците во Македонија, а патем Селмани е меѓу најпопуларните политичари и кај Албанците но, и кај Македонците…. Најпосле, Србите, Ромите и Турците, по толку години, се во една коалиција и соработуваат… Се изгледа доста стабилно. Особено за балкански услови.

    Читај “Вечер“ дечко повеќе, само тоа ќе ти кажам…

  2. Алекс | Sep 18, 2008 | Reply

    Каков прекрасен ум, какво перо…

  3. Gusar | Sep 18, 2008 | Reply

    Super ti e tekstot!!!
    Uste “Sponzorirano od Komercijalna banka” na krajot si zaboravil da pises

  4. Зимски | Sep 18, 2008 | Reply

    Неможев а да не забележам на постојаното блуење ама на буквално се што стори оваа Власт, шуто, куцо и рогато, само тоа успеа да видиш во целата ситуација.

    Па нели до сега доста се лижеа задници и единствено што добивме е ( ).

    Помисли уште еднаш што си разбрал под тој термин „Вртење на другиот образ“, веројатно е многу возможно да си во заблуда.

    Па оваа Власт не почна од 0 (нула) за да има избор, оваа Влада почна од
    -50 години назад, и јебем ли га.. мораше да се превземат драстични чекори, и мора да има жртви. Подобро да има 2 години жртви, него да идеме уште 200 години назад.

    Убаво пишеш, ама содржината е брада.

    Патем Гусар, текстот за спонзорството е испишан со големи букви меѓу редовите.

  5. Диме | Sep 18, 2008 | Reply

    Хахахах, “Читај Вечер” му советува Букарски, најВМРО-овскиот весник било кога со латас на чело, смрдливана гнида шо мисли дека е новинар. Гледај пред тебе бе мајсторе, Вуна е прав.

  6. zimski | Sep 18, 2008 | Reply

    Вуна се надевам дека еволуираш во мислата пошто не сведочиш таков прогрес од оние денови кога со грчки пари праевте протести до твојата стрелчо – белчо дружина. И пак со нивно сонзорство се подлизнувавте на грчката геј дружина дури продававте црвени пувки од вашето 2+2 образование на тие „собири“(на пензионери емотивно врзани за комунизмот)низ Грција.За која Македонија пишуваш кога се пишавте ФИРОМ-ци за да добиете виза….Признај си зашто двајца од гардата што бевта таму веќе си кажаа отворено па и уште дека не се страмат од тоа.
    И вашите „тајни состаноци “ (збрааме се ваа ден да правиме кружок)за демек востановување на некаква левица…. ај речи дека не е тоа подривање на истата Македонија за која ти демек толку жалиш во текстовите твои….лошо дечко млади, лошо одглумено лицемерие…

  7. tv-set on blue | Sep 18, 2008 | Reply

    печено колумнистички!

  8. Диме | Sep 18, 2008 | Reply

    Зимски, немој со ваков бош муабет бе, читај шо пишал дечкото.
    btw го имаш филип петровски како пријатељ :-) Се е јасно сеа.

  9. Sonja Ismail | Sep 18, 2008 | Reply

    Chestitki za tekstot Vuna, a na gnevnite “prerodbenici” eve im link.

    http://golemarabota.iborn.net/

    Preporachuvam da slushate najglasno i vo drushtvo na barem ushte nekolkumina “prerodbenici”.
    Ushte edna srdechna preporaka e da se soberete posle 19h, se razbira – bez pivo!

  10. Кони | Sep 18, 2008 | Reply

    Зимски е пријател и со КлИМИ, ЛАбО, ГУзАРО, РАДИКАЛО…и сите тие линкуваат еден до друг и сами си се читаат и коментираат блоговите (The ring of washed brains).
    П.С. Ако веќе не го разбирате горниот текст или пак ве навредува тогаш… МАРШ ОДАВДЕ БАНДО ФАШИСТИЧКА!

  11. uber_user | Sep 18, 2008 | Reply

    Вуна бе пер: само напред!

    ПС. ова мора да се копира, најбољиот блог коментар у историја на икадот!

    # све курва до педер, све нешто маргинално влашко српско профанско педофисло и искомолексирано.. Бог да ве бие изроди најче климакс фема курвакс рокса дрогакс сатан пичка в душа вуна влав одвратен искомплексиран кумановка курвештија комуњарска по фамилија све гнаса до гнаса
    (vevcanec 18 Септември, 2008 – 07:05 |

    ППС. држ га! удри! мааамеее му! :) ))))))

  12. anarchy in firom | Sep 18, 2008 | Reply

    Abe mladicu pa neli ti bese anarhist.Od kade sega ova:
    “Државата, системот, режимот, институциите – сето тоа има само една цел: мене и тебе, граѓаните, да ни овозможи сигурност и можност за поубав, похуман и подостоинствен живот.”
    Od vakvi anarhisti Bakunjin se prevrtuva vo grob.Ili lapna nekoja parica pa sega kazuvas prikazni.

  13. Диме | Sep 19, 2008 | Reply

    Братче, и Чомски е анархист па верува дека преку институционална борба може да се издејствува помала регулација од страна на државата.
    Репресивноста и бруталноста на државните механизни се проблем во анархизмот а не и самото постоење на државата. Убаво е таа да постои од административни заебанции.
    Ја плаќам данок за да ги уживам они работи кој Вуна ги посочува а не за нешто друго. Тонеме од ден во ден ама ќе имаме СМС таксени марки, бате беља.

  14. hektor | Sep 20, 2008 | Reply

    a be luge , mora realno da se gleda na rabotite , edinstvena zabeleska na tekstot od vuna imam e toa so makedoncite sto odat vo grcija, demek se predavnici , ne predavnici be vuna , mora da gi ignorirame , a ne pred grcka ambasada ponizuvanje , pa i vo grcija da ne tepaat i red drugi raboti . drugite zabeleseki se na mesto . Zakonot za rabotni odnosi , zora na apsolutizam , zakonot za sledenje . Toa go nosese stalin. Imame cekor nazad vo demokratijata . Najbolnoto e ova so imeto . Gledaj samo edna preskonferencija tamu vo White House , ne oslovuvaat lugeto kao Makedonija , ne gledam pricina da popustame vo vrska so toa , vo sekoj slucaj vladata ne treba da pravi nekoi raboti so magareski inaet i so nekulturna nota . Fali malku diplomatija , imate zaprimeteno ????? Fali malku kulturen ton , a ne eden kup ukaci sobrani od po gradovite na plostad Makedonija NELI ??? zA KRAJ VUNAA tekstot e odlicen 10+ , no ti falelo uste malku poizbistreni raboti , mala rabota . poz i se najdobro

  15. Мarat | Oct 20, 2008 | Reply

    Аnarchy… вистинското прашање е дали во суштина Бакуњиновата ,,теорија‘‘ нуди решение за столчување на државниот апарат, а според тоа и ,,анархистичката стигматизација‘‘ на неговиот авторитет, идеја и мозок?! – Мара

2 Trackback(s)

  1. From jovansblog 2.0 » Blog Archive » Анастас за преродбата | Sep 18, 2008
  2. From Martin Markovski | Dec 23, 2009

RSS Feed for This PostPost a Comment