Право на живот

или “рефлексии на популационите политики во Република Македонија”: што имаат заедно Владата на Груевски, Тоталитаризмот и Гонзо Порнографијата

Охрид Њуз: Трето дете може да правите и во лифт?!

Самата ситуација кога апаратот на државата (влада, црква, училиште, според некои теоретичари дури и семејството) вложува труд да убеди некој поединец дека е исправно да роди (уште едно) дете што поскоро, и при тоа користи различни инструменти на моќ (во македонскиот случај финансии и пропаганда, а со најавениот данок за немажени-неженети може да се говори и за принуда) е многу симптоматична, да не речам скроз погрешна, баш од аспект на “животот”.

Раѓањето деца не е шала, туку напротив најчесто одлучувачки момент и потенцијален пресврт во сечив живот. Кога станува збор за животна одлука, основна премиса на едно слободно оштество е дека таа одлука треба да биде донесена автономно од секакви инстанци на моќ (затоа и постоењето на приватната сфера – таму се носат таквите одлуки). Бидејќи се работи за исклучиво приватна одлука, тоа повлекува дека таа треба да биде донесена без мешање од страна на јавната сфера, особено не агентите на државата. Тоа не повлекува дека темата треба да се табуизира – во ред е (и пожелно е) раѓањето деца и се’ околу тоа да биде дискутирано и преиспитувано во јавната дебата, како и се друго во општеството. Поентата е дека сервирањето вредности (пропагандата) и уште полошо, регулирањето на целата таа област (мерките што се преземаат) директно влијаат на процесот на носење приватни одлуки. Како некој да носи автономна одлука да раѓа или не раѓа дете кога на вести му солат памет дека “треба да се котиме”, или како некој да носи одлука да формира или не формира семејство кога знае дека ако не се мажи/жени кај и да е ќе му затропа даночникот на врата?

Baby Factory

Друг аспект е повредата на спонтаноста. Кога власта експлицитно и прилично претенциозно ти сугерира дека е исправно да раѓаш деца, раѓањето деца веќе не е спонтан процес.

Спонтаноста, Хана Арендт го кажува тоа уште во 1950тите, е темел на слободата. Нејзината дијагноза за тоталитаризам, меѓу другото, е дека основна цел на тоталитаризмот е да ја укине спонтаноста, на патот кон тотална доминација над човечкиот живот. Со постепеното укинување на спонтаноста, човекот полека станува излишен. Приватните одлуки (раѓањето деца) веќе не се резултат на автономното одлучување во приватната сфера (дома), на нив на големо влијае јавната сфера, најизразито државата. Така, приватноста, Арендт вели дури и “човечкиот живот” се лишува од секакво значење, затоа што во тоталитаризмот се е околу државата. Во македонскиот случај – не си важен ти и твојот избор, важно е да се подигне наталитетот на нацијата, тоа е државен интерес. За да те убедат во тоа, парадоксално, ќе го спомнат и “правото на живот”.

“Правото на живот” и како тоа се користи е уште еден важен елемент во целата приказна. “Правото на живот” во основа е засновано на христијански вредности, и е уште една јајцето-или-кокошката дилема на која може да се дебатира до сто-и-едно-и-назад. Воглавно, поборниците на “правото на живот” сметаат дека абортусот е убиство и никако не смее да биде дозволен. Некои поединци како Иларион се малку порадикални, некои како Мухиќ малце контрадикторни, но во суштина тоа е уште еден од многуте ставови, кој треба да биде вклучен во јавната делиберација.

“Правото на избор”, другата гледна точка, генерално се смета за спротиставена на “правото на избор” со тоа што се залага за легален абортус. Сепак, мора да се биде многу внимателен во поглед на тоа како се презентира ова гледиште, за да нема неспоразуми.

Pro Child, Pro Choice Movement

“Правото на избор” е всушност поширок концепт и го трансцедира “правото на живот”. “Правото на избор” дотолку во себе го вклучува и “правото на живот”. Во услови на легален абортус, сосем легитимно е трудна мајка-татко да биде “про живот” и да си раѓа. Оставено е на нивната автономна одлука. Во услови на нелегален абортус, а да таа да сака да абортира, нејзината одлука е детерминирана од државата, т.е. од стравот од санкција за изврешниот криминал.

Но, тоа е друга дебата.

Она што го мислев, кога реков перверзно, е позадината и начинот на кој “правото на живот” е денес актуелизирано во Македонија.

Прво, тука нема никаква етика ниту почитување на човековиот живот. “Правото на живот” е ставено во служба на подигнување на наталитетот на нацијата. Со тоа, се имплицира дека не е битна слободата на родителите, но ниту дека причина за раѓањето е животот на роденчето. Роденчето е само предмет, што понатака ќе биде битен во статистиката, а може и ќе направи нешто добро за нацијата (може иден Груевски ќе биде, кој знае). Таквото објектифицирање на човечкото суштество (и на родителите и на роденчето) врска нема со правото на живот – напротив, нивниот живот така е лишен од значење, тие се мртви. Чинот на раѓање на припадникот на нацијата е смрт (повеќекратна) на човекот.

Второ, улогата на националното, импотенцијата на државата и не-бирањето средства: тенденција на секој национализам е да го стимулира размножувањето. Тоа е така зашто премисите на национализмот се од примордијален и еволуционистички карактер – националноста се стекнува со раѓање (примордијално поимање) и ултимативната цел е да се котиме зашто бројноста на еден вид (нација) е гаранција за преживување и понатаму доминација (Дарвин). Државните институции како најмоќен агент на национализмот сепак се неспособни да ја спроведат оваа агенда во пракса. Нацијата не се оплодува и не се размножува. Националистот, колку повеќе се идентификува со нацијата и државата, толку повеќе тоа го доживува како сопствен неуспех. Бидејќи функционира на еволуционистичка матрица, може слободно да кажеме дека националистот во ваква ситуација се однесува како сексуално исфрустрирана личност. Нетрпението и арбитрарноста и очајната потрага по решенија се должат токму на тоа. Мерките кои владата ги презема (како “колективен националист”), се рамни на кркање вијагра и сл. Секој кој размислува на еволуционистичка матрица, се чувствува не само посрамен, туку и неподобен во таква ситуација и веќе не бира средства. Арендт вели – тоталитаризмот го перпетуира тврдењето дека “се’ е можно”. Не би навлегувал сега и во потиснатите страсти и фрустрации и “лажниот морал”, иако и тие се во релација со следната точка – улогата на државата како режисер на “гонзо” порнографија.

Паноптиконот на Бентам – затвор, гледа све, ама гледаните не се свесни за тоа

Една од основните функции на државата е да гледа и регулира се’ – да биде “паноптикон”. Гледа и делува во јавната сфера, гледа (непринципиелно и скришум) и буричка во приватната. Кога нема спонтаност и автономија на поединците, зоната на делување на државата се шири и на она што било приватна сфера. Бастион на приватноста, интимноста, е секако, “спалната соба” (некој тоа сака да го прави и во кујна, сосем легитимен исклучок). Тоталната доминација над луѓето, подразбира дека човекот и неговиот живот се излишни, и дека треба да се инструментализираат. Мобилизирајќи ги луѓето во “репродуктивна акција” (тоа е целта, да се котиме), државата имплицитно сугерира масовно парење – не нужно водење љубов, не ебење или имање секс за задоволување потреби туку начелно чисто “професионално” парење во кое мажјакот треба да ја оплодува женката и на крај тој плод “да се фати” и да биде износен, роден и попишан. Луѓето се инструменти, или актери, имаат намена, односно улога.

Кога ќе се земе во предвид дека е под целосна контрола на државата, сликата е дека државата стимулира сексуален акт. Сексуалниот акт, тука, не е целосно детерминиран во приватната сфера. Тој се случува и во јавната сфера (јавен интерес е да се котиме). Државата го следи тоа и води евиденција (државата е повеќе од воајер, таа е “паноптикон”, мора се’ да се знае), затоа што има интерес од тоа. Државата, сепак, во вакви услови дури и ја трансцедира улогата на “паноптикон”, со тоа што буквално транспарентно и јавно се вклучува во дејството – таа е и режисер и камерман и продуцент на сексуалниот чин – воедно и негов иницијатор и регулатор (казна за секс во јавност на пр.). Таквата функција е типична за режисерите на гонзо порнографија. Гонзо (името е од гонзо-новинарство) е релативно нов порнографски жанр, во кој нема многу глума, ниту приказна – фокусот на дејството е самиот сексуален чин. Типичниот формат на гонзо порнич е следниов: кус вовед на режисерот кој е во исто време и камерман (прес конференција на владата), запознавање со актерите (влегување во нивната приватна сфера), и сосем неспонтано (во тоталитаристички манир) преоѓање на самиот чин, кој често пати е прилично екстремен и прилично деградирачки за женските актери (сексуален чин како лишување од поента на живеењето). Карактеристично е што понекогаш режисерот/камерман и самиот е вклучен во чинот, често пати само симболично, на крајот на сцената, ејакулирајќи врз исцрпеното тело на актерката (неплодно оплодување и тотална доминација). Слична е и улогата на тоталитарниот режим – на крајот, победнички се радува на она што го вели Арендт, потврдување на сопствената сеприсутност.
Се разбира дека има уште многу да се пишува на оваа тема. Она што е најважно е, дека си имаме работа со еден крајно симптоматичен и ирационален повеќеслоен феномен отелотворен во популационите политики на владата на Груевски. Не смее да се заборави дека наталитетот во суштина не е ништо друго освен статистички показател, и е поврзан единствено со капиталистичкиот систем на производство, затоа што во капитализмот човековиот труд е ресурс. Прирастот и нема баш некоја егзистенцијална врска со политичката реалност инаку. Се разбира, можни се проблеми на неадекватност на системот со бројноста на населението (празни училишта, преполни геријатрии), или со демографската дистрибуција (повеќе етнички Албанци, помалку етнички Македонци), но системот е тој кој што треба да се прилагоди на промените меѓу населението, а не обратно. Вака, се соочуваме со евидентни тоталитаристички тенденции (по учебник), и низа ирационалности и контрадикторности, и се’ на се’, допринесуваат животот во Македонија да стане понеподнослив и помалку човечки. “Правото на живот”, правото на слободен човечки живот треба сериозно да се земе во предвид. Затоа што со ваквиот развој на настаните, тоа е сериозно загрозено од оние кои за еден малку поинаков концепт на “живот” се спремни да одат до крај.

No related posts.

RSS Feed for This Post6 Comment(s)

  1. M. | Dec 7, 2008 | Reply

    Аферим!

  2. nasty69 | Dec 7, 2008 | Reply

    Секоја чест за текстот, Анастас.Уште една одлична илустрација за се’ по опресивното, тоталитаристичко и ксенофобично општество во кое битисуваме.Мене искрено нема да ме зачуди доколкуи во иднина дупло или тројно повеќе рипнат даноците за брачните парови кои немаат деца или пак имаат “само” едно дете.Таквите граѓани се непатриоти и императив е нивното казнување за непослушноста!

    Затоа котете се како некои нимфо лемани, и подоцна во животот кога ќе увидите дека шестчлена фамилија неможе да се нахрани само од воздух и од лапање мушички, цела сурија, сите туто комплето јуриш во една колективна самоубиствена акција.(Лемани се животни кои живеат крај морските гребени, уникатни по тоа што кога ќе достигнат одреден стадиум од развојот, следејќи го нивниот водач се самоубиваат скокајќи од морскиот гребен).

    А можеби на Грујица му се потребни нови живи бебиња за да после патриотски гинат на бојното бполе во евентуалната војна против Грција :)

  3. нена | Dec 7, 2008 | Reply

    Лудачки добар текст, по мене на рангот на, на пример, ривјуто со палецот на Лабина.
    Знам дека априори можда имаш анимозитет кон мејнстрим медиуми, ама текстови од овој калибар стварно заслужуваат поширок аудиториум.

  4. Ivo | Dec 8, 2008 | Reply

    mora da se ispostuva tekstov.kaj i da e ke ima danok za neplakanje danok :) )

  5. femgerila | Dec 9, 2008 | Reply

    хаха гонзо порнич не ми се веруе. Секој ден учиме по нешто ново.
    Сексуалноста сепак никогаш не е точка на бришење на односите на моќ, контрола и дисциплина. Ова што ти го кажуваш е само буквален, сиров и банализиран пример на нашата ни мила владичка.
    Инаку околу про-живот/ про-избор и христијанството нешто. Имено, токму во христијанството правото на избор е гарантирано директ од Бога. Да не го барам цитатот во Библијата сега ќе парафразирам…тоа е оној дел кога Бог вели- имате опција, право да грешите или не, демек тоа ни е од него дадено па до нас е.

  6. анонимус | Dec 12, 2008 | Reply

    секоја чест,сакам да се надоврзам околу законов за воведување на данок за неженети и немажени зар тоа нее загрозување на човековите права и слободи ?? зар ако јас како поединец мие поубаво да живеам сам државата мене ке ме казни??? ПА можеби несум како Гвујо со комплекси и страв од осаменост можеби мене мие убаво да бидам сам :) )) 2,гледаме на тв семејства кој имаат не 3 деца туку и по 7, 8 паи 11 којшто се гладни боси,нечисти дали за нив се грижи државата ? не нема шанси но само да се пропагира!! еве јас сакам деца но несакам да имам мој деца барем сеуште не ! зар да донесам некое мало битие на светов кој е толку несигурен нестабилен ? јас незнам каква ке биде мојата иднина не пак да направам нешто такво на некое невино детенце да го осудам да живее во македонија која цепа во пропаст

1 Trackback(s)

  1. From Martin Markovski | Dec 23, 2009

RSS Feed for This PostPost a Comment