December 18, 2008

Четврток 18.12, 20 часот, Плоштад “Македонија”, солидарност со грчкиот народ

Денес, четврток, 18.12 низ светот ќе се одржат манифестации за солидарност со грчкиот народ. Македонија се вклучува во настаните: со почеток во 20 часот на плоштадот “Македонија”, ќе се одржи мирен протест организиран од група граѓани. Поканети се сите граѓани кои веруваат во моќта на гласот на обичниот човек.

Грчкиот народ протестира затоа што живеат во тоталитарно општество. Затоа што главен политички актер им стана полицијата, а главна акција – апсењето и судењето и убивањето невини деца.

Протестираат затоа што богатството на шака луѓе значи крпен живот за мнозинството. Затоа што профитот на газдите од Атина и Солун значи крв и пот и сува корка леб за работниците ширум цела Грција.

Студентите протестираат затоа што државата и бизнисот мешаат прсти во образованието.

Многумина протестираат против тоа што грчката влада константно води националистичка и крстоносна политика. Малцинствата не се признати, а поповите сеприсутни и семоќни.

Протестираат зошто живеат во милитаризирано оштество кое ги потсеќа на хунтата. Затоа што војска има на секое ќоше, дури и во странски мисии.

Протестираат затоа што наместо владата да им ги решава проблемите, им мачка очи и ги труе со апсурдниот спор со името со нивниот сосед, Македонија. Наместо да им бере гајле за иднината, владата се уште води залудна битка за славната историја, и за пар симболи.

Протестираат затоа што не живеат добро. Затоа што им е преку глава од тоа некој да ги манипулира и злоупотребува.

Нивните причини се и наши причини. Наши, човечки. Затоа треба да бидеме солидарни.

* * *
А што е со Македонија?
Македонскиот народ живее во тоталитарно општество во кое главни актери се алфите, ЕБР, полицијата.. свежа е крвта на Трајан Беќиров, свежи се сеќавањата од упадот во “Процес”, за секојдневните спектакуларни апсења и наводната борба со криминалот не мора и многу да се говори. Згора на тоа секакви забрани, банални казни, со никаков ефект.

Во Македонија не само што од ден на ден се зголемува јазот помеѓу оние кои имаат и оние кои крпат од ден на ден, туку и активно се лимитираат работничките права. Новиот Закон за работни односи буквално го третира работникот како пониска форма на постоење.

Студентските проблеми во Македонија се најочигледни од се’. Јавно образование кое чини баснословни суми, а е неквалитетно, руинирани студентски домови, ретроградно партизирано студентско раководство, замолчување на студентските медиуми, немање никаков обѕир за прогресивните идеи. И т.н. Агенција за млади и спорт која шири национализам, како капак на се’.

На целата мака, и во Македонија се носи крстоносна политика. Наместо царството небесно, Црквата брка политика и бизнис. И тотално непотребно фрчат крстови на сите страни, се заговараат цркви на сред плоштад и се’ тоа со народни средства.

Македонија нема воспоставено контрола над целата своја територија, но го ослободи Ирак (бар се повлекуваме ако ништо друго). Соучествува во криминалот на НАТО во Авганистан. Купува оружје како да се спрема за војна.
А Македонија се соочува со милион други проблеми. Јавното здравство е тотално руинирано. Животната средина е тотално загрозена од топилници, рафинерии, медицински отпади, но полицијата тренира строгост на оние кои плукнале на улица. И така натаму.

Но се’ тоа се заборава, затоа што се чини единствен приоритет е “борбата за идентитетот”. Добро, кој нормален и самосвесен субјект си докажува сам себе и на другите кој е, и што е? Наместо да се решаваат проблемите, се замотува и одмотува клопчето за името, тотално без никаква концепција, а во исто време штетно за националните интереси. Наместо да се бара вистината во подоброто утре, вистината се бара во Каменот од Розета, Хунзите, Александар Велики. Никој и не е свесен дека утрешниот ден ќе дојде многу побрзо од што се очекува.

Утрешнината доаѓа во Грција. Народот се бори за своите правдини. За нашите правдини. Затоа треба да се стане и да се даде поддршка! Да живее слободата

ЗА DOWNLOAD НА МАНИФЕСТОТ КЛИКНИ ТУКА

No related posts.

5 comments for this post.

  1. Pingback from Падот на Гвадалкивир 2.0 » Fwd: Револуција, солуција за Македонија? on January 1st, 2009 :

    [...] Објавено од gemidjy на December 30, 2008 02:50 pm under Општо, активизам Денес сабајле фино ме пречека една порака на е-пошта, па за да не ја фовродирам и да изигравам спам-колектор, ја пренесувам на блогов (извор): [...]

  2. Comment from кнсис on January 7th, 2009 :

    Правиш разлика меѓу тоталитарни, авторитарни и полуавторитарни режими?

  3. Comment from Shepard on January 7th, 2009 :

    секоја држава по дефиниција има тоталитаристички тенденции (навлегување во приватната сфера). затоа секој режим базиран на институции на државата е помалку или повеќе тоталитарен.

    а авторитаризам не значи ништо друго освен “помалку тоталитарно” и има смисла само ако се употребува при споредба на режими, нешто како “посветло темно”.

  4. Comment from кнсис on January 8th, 2009 :

    Ова е прилично ненаучен пристап за политолог што е запишан на постдипломски.

    Дури и да е така како што велиш, тогаш е излишно некоја држава да се нарече тоталитарна ( бидејќи нели сите се такви ) и би излегло дека некои држави не се тоталитарни. Нели?

  5. Comment from Shepard on January 8th, 2009 :

    ако имаше фуснота после првиот параграф до Никос Пуланѕас на пример (истакнат теоретичар на држава, односи на моќ и сл.) кој ми е референца делумно за она што го кажувам во постот, и целосно за кажаното во коментарот, дали ќе беше понаучен пристапот? обвини го него за ненаучност (го третира и семејството како агентура на државата)

    http://en.wikipedia.org/wiki/Nicos_Poulantzas

    еве сеа малце дополнителен брејнсторм на темата:

    инаку, во постот е употребен терминот “тоталитарно општество” намерно, со цел да се потенцира на бришењето на границите меѓу држава и општество и во македонскиот и во грчкиот контекст, да се потенцира мртвилото на цивилното општество и да се укаже на тоа дека наместо автономност и одвојување на различните сфери, во општеството завладејува нивно merge-ување (тоталитаризам, све под иста капа).

    секоја држава има тоталитаристички тенденции затоа што секој устав предвидува мерки за следење и ограничување на слободата на поединецот и омеѓување на приватната сфера, како и убивање на спонтаноста. тоа може да се случува и во демократија, и во монархија и во федерација, сегде.

    инаку ја нигде не велам “тоталитарна држава” (иако во основните теории на тоталитаризам се збори за тоталитарната држава, пр. арендт) баш затоа што секоја држава е “тоталитарна”. бар не во поновите мои текстови.

Leave a Comment