Вести од блиска иднина: Неочекуван развој на настаните во врска со претседателските избори
До пред само една недела не се знаеше кој ќе биде кандидат за претседател на Републиката. Денес веќе имаме инфлација на кандидатури. Стравот дека по откажувањето на Керим не ќе има доволно избор, се покажа не само како неоснован, туку и како далеку од секаква врска со реалноста.
Љубе Бошковски и Имер Селмани беа првите кои обезбедија 10.000 потписи. Тоа речиси коинцидираше со обзнаната дека професорите Иванов и Фрчкоски ќе бидат предложени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ соодветно. Во меѓувреме на собирање потписи работат Нано Ружин, Слаѓана Тасева и Џорџ Атанасовски.
Но, кога сите мислеа дека кругот на кандидати горе-долу се затвори, настана неочекуван пресврт. Окуражени од успехот на водечката четворка, и оптимизмот на останатите, уште неколку кандидати се вклучија во трката: Агрон Буџаку од ДУИ, Мурише Хоџа од ДПА, Невзат Халили кога видоа како лесно се станува потенцијален Обама, решија да излезат на мегдан.

Дали ќе ја одбрани демократијата како што бранеше во Хрватска? Борко Ристовски
Тоа беше само почетокот. По неколку часа, Керим се испишмани, и испровоциран од изјавата на Фрчкоски дека ќе ја спасува македонската демократија од еднопартиски систем, реши да се кандидира и покрај првичната изјава дека уствари нема да се кандидира. Рече дека ќе ја спасува демократијата од еднопартиски систем и од Фрчко. Тоа беше причина одредени општествени структури да му дадат поддршка на голманот Борко Ристовски кој го има моментумот после првенството во ракомет, како единствен надпартиски кандидат кој нема докторска титула, да се обиде да ја одбрани македонската демократија од еднопартиски систем, Фрчко и ВАЦ-овата завера.
Во меѓувреме, гледајќи вести во бифето на Правниот Факултет, професорот Мицајков не можеше да издржи да гледа како двајца недоквакани релативно млади ликови се кандидирале за претседателската фотелја, па реши да ја совлада сопствената мрзеливост и апатија и да истрча и тој како претседателски кандидат. Инспирирани од неговата постапка, во чекор го следеа професорите Бајалџиев, Пеливанов, Климовски, Тупурковски, Гроздановски, Поликсена, а неизбежна беше и професорката Живковска, која беше претставувана од претседателот на сојузот на студенти на Правен, по дома нејзин син. Се кандидираше и деканот Давитковски, водејќи се од правилото “ако не можеш да ги победиш-приклучи им се”, откако увиде дека факултетот остана без кадар.
Мицајков собира потписи со невидено темпо
Од утредента на Правниот факултет започна да фукнционира нова практика – студентите разменуваа потписи со професорите – едните им се потпишуваа на кандидатурата, другите се потпишуваа во индексите. Се шпекулира дека најпопуларен меѓу студентите покрај супер-ѕвездата Мицајков со шефот на изборниот штаб, неговиот верен Асистент, бил Томислав Гроздановски, кој настапил со многу концизна и систематски организирана програма, сам, непосредно, без помошници и посредници.
Што се однесува до Обама ефектот кој за неколку часа се прошири преку независните кандидатури на Ким Мехмети, Мерсел Биљали, Артим Шаќири со слоганот “Претседател од Корнер”, Неџмедин Мемеди, како и на одметнатиот Хисен Џемаили кој се промовираше преку Фејсбук, тој не се задржа само меѓу албанските кандидати. Наскоро за претседател се кандидираше и Џими “да не си ти расист бе” од Штип медиски поддржан од К/15, кој изјави дека за да биде некој Обама, прво треба да биде црн. Неговиот чекор го следеа преставниците на ромската заедница Амди Бајрам, Неждет Мустафа, Ферус кој промоцијата ја одржа во Велково Меанче, Есма само најави кандидатура од странство пошто се тужи со Борат, Фијат Цаноски веќе собра поддршка од 15 доктори на науки интелектуалци, Дину Кувата истапи како независен преставник на влашката заедница а Таки Фити како претставник на влашкото лоби, Луан Старова реши да биде независен писател од малцинска провиниенција, Демир Далип, претставник на Египќаните во Македонија за кој приоритет е расчистувањето на античкото минато и идентититети, т.е. докажување дека Александар им припаѓа на Египќаните. Сепак, како најсериоизен од сите малцински кандидати се истакнува претседателот на ИВЗ, Сулејман Реџепи. Тој испровоцира реакција во МПЦ, кои поднесоа веднаш кандидатура, не една, ами две, една на поглаварот господин господин Стефан, а другата на митрополитот Наум, правник, каратист и моторџија. Велат дека двајца кандидати избрале за да може меѓусебно да се благословат. Во знак на гнев кон постапката на МПЦ, кандидатура за претседател поднесе и Зоран Вранишковски, порано познат како расколникот Јован, поддржан од неколку млади монахињи.
Охрабрени од постапката на Вранишковски, кандидатура за претседател на Македонија поднесоа и неколкумина други благо кажано неконвенционални личности, како на пример Тони Манџа, Ламбе Арнаудов, Лазар Бараков, Соња Николовска, Кирил Поп-Христов-Кили и Велибор Џаровски-Џаро, чив портпарол ќе биде Боки 13.

Смета на поддршката на граѓаните – Драги Шпага
Моментот на конфузија кај јавноста решија да го искористат и уште неколкумина познати личности со свои кандидатури за претседател: Влатко Стефановски, на чива кандидатура молњевито брзо одговори Бодан Арсовски со сопствена кандидатура, како и високите Драги Шпага и Тони Симиќ, како и Натали Грубовиќ, Силвана Плевнеш и Мелита Раќичевиќ. Не издржа а да не се кандидира и Александар Маленко, како и менаџерката на покојниот Тоше Проески, Љиљана Петровиќ.
Дознаваме дека бројот на кандидати се зголемува. Последно што слушаме е дека своја кандидатура најавил и Милчо Манчевски, на кого му било веќе преку глава да снима спотови за други, па се кандидира чисто за да може да снима спотови за себе. Од слични побуди се кандидира и Орце Царот Неготински, кој вели, “доста опевав војводи и јунаци, време е да се опеам самиот себе си”. Се шпекулира дека своја кандидатура највил и Јуракот Петроф, како и онаа на Марко Петрушевски, поет. За утре во 12 часот на пладне во Точка е закажана промоцијата на независниот кандидат Никола Гелевски, а во 12 на полноќ, промоцијата на Александар Станковски на непозната локација. Се очекува во текот на денот до ДИК да пристигнат и кандидатурите на Перо Данески, возач на такси-компанијата “Пулс Стар”, Љупчо Ѓорѓиевски, месар, кој решил да се кандидира поради сличноста на името со Љубчо Георгиевски, како и на лекарот по општа пракса, Борис Маленко, кој решил да му ги мати сметките на презимењакот Александар. Во исто време негов адут се гласовите кои ги очекува од сите оние кои некогаш, како малолетни, во детскиот диспанзер од него добивале оправданија за на училиште. Своја кандидатура можно е да поднесе и Лавот, а и Вордан.

Сара Пејлин на падините на Водно
Сепак, приказната не завршува овде. Последна вест која ја добивме е дека после изборниот пораз во САД, а свесен за популарноста која ја ужива во Македонија, сенаторот Џон МекКејн иницирал процедура за брзо добивање на македонско државјанство за и тој да се вклучи во претседателската трка. МекКејн очекува поддршка од неопределените гласачи, како и од бранителите. Единствено е загрижен ако му се спротистави неговата сонародничка Сара Пејлин, која на една средба со граѓаните претенциозно изјави дека од нејзината куќа сака да го види Крстот на Водно.
Во моментов до ДИК се поднесени околу 170 кандидатури за претседател. Комисијата, одушевена од интересот, сепак е загрижена за техничките детали – како ќе изгледа изборното ливче. За сега едно е сигурно: полнењето кутии нема да оди така лесно. Ливчето ќе мора да се превитка повеќе пати за да го збере во кутијата.
No related posts.



Владо | Jan 28, 2009 | Reply
News flesh – Цобе Томиќ решил, па се пишманил од кандидатура. Го мотивирал фактот дека како Македоноид (од племето врањански Хунзи) има најголем мозок, ама се откажал откако го измерил пенисот.
Доооообар пост!
[Translate]
iacovibus | Jan 28, 2009 | Reply
*awesome*
[Translate]
kotle | Jan 28, 2009 | Reply
Мене ме заборави, а?
[Translate]
dasaf | Jan 28, 2009 | Reply
Штипското лоби потврди уште две контроверзни кандидатури. Едната е на познатиот пеач, актер и водител Игор Џамбазов – кој влегува во трка под мотото Првиот Блуз Претседател. А втората е всушност нов обид на поранешниот претседател Киро Глигоров, кој ќе настојува да ги исправи сите неправди на минатото.
Одличен пост!
[Translate]
кнсис | Jan 28, 2009 | Reply
Закон!
[Translate]
rox | Jan 29, 2009 | Reply
Прееееедобро:))
се поклонувам.. наклон…наклон….
[Translate]
нена | Jan 31, 2009 | Reply
најбољи! нај нај!!
пошто имам граѓанско право да депонирам само еден потпис, при ваков развој на настаните сериозно ќе се помислам меѓу : томче (заради бруцошки сентимент), др. маленков (заради школска лојалност) и силвана плевнеш (заради мултикултурата и естрадната издржливост,што имплицира претседателски материјал).
од причини интелектуалистички призвук на постов, и вордан ќе го земам у обзир.
[Translate]
booka | Feb 2, 2009 | Reply
Се се, ама ти нигде не се наведе…
[Translate]
Mарио Шаревски | Apr 3, 2009 | Reply
Многу закон напис! Ме насмеа до солзи. Лазе Бараков за претседател!!!
[Translate]