Распнати под Крстот
На 28 август 2002, беше осветен и официјално пуштен „во употреба“ таканаречениот „Милениумски Крст“ на врвот на Водно. Ова се неколку перспективи на монументалното здание над главниот град.
Скопје – гроб?!
Веднаш по неговата изградба, се раширија коментари дека сега градот е претворен во гроб, со крст на него. Имајќи в предвид, дека колосалните крстови како нашиот, не се честа практика во светот, ова може да се третира како одреден сарказам од страна на граѓаните. Сепак, ако некој се чувствува како во гроб, не му треба крст на врв на планина за да му го предизвика тоа чувство.
Како и да, еден од големите крстови, се наоѓа на ридот, веднаш над гробот на жртвите загинати во шпанската граѓанска војна. Во таа гробница е закопан и самиот Франко, на почесно место, како и сите националисти. Цивилните жртви и левичарите се загинати за време на војната се закопани во посебни гробници, или во оддели за „незнајни јунаци“.

Овој крст, на врвот на ридот, е висок 152 метри (што значи автоматски паѓаат во вода оние бомбастични изјави за „најголемиот крст на светот“, овој е 2,3 пати поголем), изграден е од камен, а како работници биле земени политичките затвореници. Голем дел од нив и умреле на самото место. Еден ден работа, им се броел како 2 во затвор, а подоцна како 6. Тие што ја одбиле великодушната понуда, биле приморани да го прават истото, ама „за џабе“.
Што значи, голем крст, стварно се ставал на голем гроб. И то на Франко гробот.
Споредба со Споменикот во Рио

Кристо Редентор, споменикот на врвот на пл. Корковадо над Рио Де Жанеиро, воопшто и не е крст, туку е статуа на Исус, со раширени раце. Симболизира „добредојде“. Идеен творец на овој споменик, завршен во 1931, е Павле Ландовски, Пољак.
Kрст што гори

Ако изгуглате слики за поимот burning cross, одма ќе ви се појават слики од активностите на една американска невладина организација, позната како ККК (ова го спомна и Ивица Боцевски). Сепак, постојат исклучоци. Во Лас Вегас, ко на филмовите, црквичките имаат светлечи крстови. Исто така, на врвот на Мон Ројал во близина на Монтреал, Квебек, Канада, постои светлечки крст, но со поинаква историја од нашиот. Тој има континуитет од 1643, кога бил изграден од основачот на Монтреал, како молитва према Света Дева Марија за да сопрат гадните поплави во градот. Во 1924 е заменет со „помодерна“ светлечка верзија (ко нашата денес), висока 31 метар (е дупло помала, ги тепаме Канаѓаните), а од 1992 свети со фибер-оптички светла и мења бои (црвено-сино-виолетово). Кога почина папата ЈП2, така го жалеа, менувајќи ја бојата на светлата.

Е нашиот мењаше светла од жолто во зелено..
Уставност
Член 19 од Уставот на Република Македонија
Се гарантира слободата на вероисповеста.
Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.
Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.
Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.
Ако сите религиски заедници, а со тоа и религиите, се еднакви пред законот, тогаш помошта на МПЦ во градењето на крстот како симбол на Христијанството од страна на Владата на РМ е во спротивност со Уставот.
Член 88Владата на Република Македонија е носител на извршната власт.
Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Кршење на Уставот?! 1-2 милиони долари?! И тоа, во период во кој Републиката се опоравуваше од граѓански воен конфликт. Некој по блоговиве, ставаше минуси и плусови кај оваа и минатата Влада; крстот беше оценет со плус – ма ова е минус, и тоа повлекува минуси, како што се трошоците кои одат за струјата за неговото осветлување (не најдов податок колку „троши“). Инвестициите од верниците, се ОК.
Крстот е христијански; неговата изградба не – провокација можеби?!
Христијанското учење (бидејќи РМ треба да биде секуларна држава, па затоа ја исклучувам можноста да кажам дека „религиозноста влијаела на овој потег“), иако споменува верници и неверници, сепак не сум сигурен дека налага ваква помпезна и да не речам, агресивна демонстрација на своите симболи, што всушност е еден вит наметнување (а зборуваме за мултикултурна заедница, која не е хомогена во поглед на религиите), еден чин на „покрстување“, што во ерата на глобалниот дијалог е тотално анахроно.

Тука е и зилотскиот, колонизаторскиот и империјалистичкиот (и да не речам инквизиторски) момент – која е таа ноншалантност, да се заобиколат 25-35% од граѓаните на градот кои се припадници на другите религии или воопшто на ниедна (а верувам имаше и христијански верници кои не се сложуваат дека крстот е паметен потег – веројатно за прав верник важи максимата „крстот е вграден во срцето, не треба да се гради на врв на планина“ – парафраза на еден коментар на Искра Гешоска). Антагонизмот оди дотаму што крстот е замислен и како туристичка атракција, профитабилна инвестиција, што е срамно за било која религија (наместо духовна функција имаме материјална, наместо надеж, вера или љубов – капитализам, наместо свет – претприемнички дух).
Да имаа христијански побуди; мислам дека МПЦ и Владата немаше ни да им текне да градат ваков споменик. Милионите на црквата ќе беа вложени во хуманитарни цели, а Владата, доследно на нејзината секуларност и членот 19 од Уставот, ќе можеше да ги вложи самостојно, без попови.
За крај
Ако крстот беше изграден од страна на недржавно лице, кое претходно би се стекнало со земјиштето на кое е граден крстот, тогаш, сите полемики ќе беа прекинати. Вака, се отвараат прашања и за секуларноста и за провокативноста.
А за исплатливоста или не, во време кога се шпекулира за рестрикции, некако не ми е логично 66 метри висока грдосија да биде осветлена.. за.. за нешто, еве, за Божја наклоност во иднина.
А, со економски речник, да не отвараме тема за опортунитетниот трошок.
No related posts.


