Историјата ја пишуваат победниците
објавено во Глобус, 13.10.2009
Една од главните карактеристики за македонската политичка, и воглавно јавна дебата во годините на самостојност е фокусот врз “националното прашање”. Без оглед на тоа дали станува збор за меѓуетничките односи, дебатата за “националниот идентитет” или пак испитувањето на односите со соседите, проблемот на националното во македонската политика од секогаш имал неприкосновен приоритет пред многу други проблеми.
Опседнатоста со националното прашање, може да се припишува на најразлични причини, но за македонскиот случај најприфатливо е објаснувањето за сеприсутноста на темата на националното како компензација за заостанатоста на останатите полиња, особено на политички план. Мобилизирањето по етнонационална основа во општеството и воопшто несигурностите и дебатите кои се отвараат за различните етнички идентификации (во прв ред, македонската и албанската), се последици на пропаста на македонската политика. Единствениот критериум по кој политичките субјекти во Македонија може да се класифицираат, и единствените прашања по кои тие имале субстанцијално различни ставови сиве овие години се “националните прашања”. На пример, освен што постојат два етнички “блока” (македонски и албански), во самиот македонски блок двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во овие 20 години политички се разидувале во најголема мера по националното прашање. Во минатото перцепцијата на едните кон другите минуваше низ неколку фази: “србомани” наспроти “бугараши”; партија која соработуваше со Албанците и партија која долго време беше “против” албанските интереси; партија која предавнички направи компромис за знамето и името и на партија која остана доследно да ги брани националните интереси; за на последните два циклуси избори да се додаде и поделбата “Словени” наспроти “Антички” и “има-нема компромис за името”.
Но, разликите по националното прашање не се сведуваат само на партиските разидувања. Напротив, во Македонија националните “фронтови” се раскопани и во академската сфера. Тоа е особено случај со последните 2-3 години одбележани од процесот на т.н. “антиквизација”, политичките судири по прашањата на името и “идентитетот”, а е особено видливо со издавањето на контроверзните, меѓусебно спротиставени, а во исто време многу важни дела на официјалните државни научни институции (“Историјата на македонскиот народ” на ИНИ и Енциклопедијата на МАНУ). Впечатокот за моментните состојби е дека во Македонија единствен став по националното прашање – нема. Она што може да се види е единствено се случува конфликт на старата и надоаѓачката нова школа на македонскиот национализам.
Историски развој на Македонизмот
Старата школа на македонскиот национализам е едноставно речено, Македонизмот.
Самиот термин Македонизам во општествената наука е прилично флуиден и има повеќеслојно значење. Во основа, со него се именува националната доктрина со која се вели дека Македонците се словенска национална група различна од Србите и Бугарите и е во голема мера заснована на лингвистичките докази за таа различност. Историски, за најважни Македонисти се земаат Димитрије Чуповски, Крсте Мисирков и Блаже Конески. Денешен негов корифеј е академикот Блаже Ристовски. Македонизмот како национално движење замав зел во периодот меѓу двете светски војни, а својот врв го достигнал со формирањето на македонската држава во Втората светска војна. Потоа Македонизмот како идеологија е инкорпориран во градењето на македонската нација во рамките на СФРЈ; основните негови политички заложби биле зачувување на она што се постигнало – формирање на македонска држава, стандардизација на македонскиот јазик и релативна политичка автономија.
Македонизмот, спротивно на она што од денешна перспектива се тврди, бил прифатлив за Белград; впрочем централната власт на СФРЈ се однесувала необично толерантно па дури и поддржувачки кон македонскиот национален проект: освен што целосно ги признала националните спецификации на Македонците, СФРЈ основала и неколку клучни институции многу важни за градењето на нацијата. Со декрет од републичката влада во 1948 година е основан Институтот за национална историја; на иницијатива на КПЈ во 1958 е возобновена МПЦ (подоцна и’ е доделено и земјиште во центарот на Скопје за изградба на Соборниот храм) и во 1967 е основана МАНУ. Токму поради овие допусти од страна на комунистичкото лидерство, Македонизмот на себе ја навлече етикетата дека е комунистички заговор, а одредени инстанци во Бугарија и Грција почнаа да тврдат дека македонската нација е измислена од Тито.
Содржински, Македонизмот сепак морал да одговори на нормите поставени од Белград и да биде во склад е со останатите југословенски национал-романтични приказни и со комунистичката идеологија. Затоа, и покрај признавањето на одредена античка историја (дури и во првата “Историја на македонскиот народ” во уредништво на Михајло Апостолски во 1969, има посветено цело поглавје од 20 страни за Античка Македонија), Македонизмот инсистира на јужно словенскиот етногенетски наратив за потеклото на нацијата, додека на античкото минато гледа само како на езотерија. Современото создавање на македонската нација го гледа низ призмата на национално движење и национално ослободување (во склад со комунистичката идеологија) кое започнало со преродбата во 18ти и 19ти век, се развивало низ анти-отомантското бунтовништво, и кулминирало со НОБ. Создавањето на независна Македонија за Македонизмот е “остварување на вековниот стремеж”. Најдобро политички е рефлектиран во платформата на раниот СДСМ а најсликовит пример за тоа што е Македонизам е збирката “Pro et Contra Македонзими” од Атанас Вангелов публикувана во 1998 од страна на издаваштвото на партијата.
Македонизмот како национална доктрина во себе има многу дефанзивни елементи. Тоа е така поради контекстот од кој произлегува: различните конкурентски тврдења за историски права врз Македонија од страна на различните страни во регионот (неславното Македонско прашање). Поедноставено, Македонизмот многу повеќе се труди да докаже што Македонците не се, отколку што тие се; неговите дефиниции пред се’ се негативни.
Во една околина во која соседните култури се инзвонредно блиски, понекогаш докажувањето на посебностите може да биде макотрпен процес. Па така, додека разликите со српската култура барем по 1945 никогаш не требало да бидат посебно докажувани (поради балансот во СФРЈ), за застапниците на Македонизмот најголема препрека во “афирмирањето” на македонската нација останало бугарското влијание. Затоа со текот на времето, особено по завршувањето на ерата на Георги Димитров, Бугарите постанале предмет на процес на т.н. “othering” во македонистичката перспектива: освен арбитрарното делење на историските личности на бугарски и македонски (и покрај објективното постоење на регионални македонско-бугарски идентификации), во конципирањето на македонската историја многу повеќе значај и’ се дало на бугарската окупација на Вардарска Македонија во Втората светска војна отколку повеќедецениската условно кажано окупација од страна на кралството Југославија. Мирјана Малеска зборувајќи за овие прилики ќе напише дека “повоените генерации пораснаа предозирани со силен анти-Бугарски сентимент, кој доведе до создавање воглавно негативни стереотипи за Бугарија и нејзината нација”.
Меѓутоа, во Македонија, и покрај доминацијата на Македонизмот, сепак преживеала и македонско-бугарската идентификација. Наречена “Анти-македонизам”, поради тоа што е воглавно насочена кон деконструкција на Македонизмот и процесот на дебугаризација, таа се залага за враќање на претпоставената бугарска национална свест на Македонците. Како политичка идеологија таа се поврзува неминовно со поранешниот премиер и бугарски државјанин Љубчо Георгиевски и одредени сегменти од раното ВМРО-ДПМНЕ (на пример Димитар Димитров, Младен Србиновски итн). Во исто време, анимозитетот кон македонистичките повоени политики, продуцира и одбивност кон комунистичкиот режим кој нив ги овозможил. Во антимакедонистичката реторика, на воспоставувањето на македонската држава во рамките на Југославија се гледа како на отцепување на Македонците од матичната бугарска култура, а на стандирдизирањето на македонскиот јазик се гледа како на “србизација” на бугарскиот македонски дијалект.
Анти-македонистичката доктрина, разбирливо, ужива голема поддршка во некои бугарски кругови. Нејзиниот најголем промотор во моментов е Божидар Димитров, популарен националистички историчар кој се слава се стекна по објавувањето на “10-те лаги на Македонизмот”, а во моментов е ангажиран како министер без ресор во новата влада на Бојко Борисов. Неговата мисија е да се грижи за Бугарите во странство (пред се’ мислејќи на Македонците со бугарска национална свест).
Сепак, антимакедонизмот во Македонија никогаш не постигна посериозен успех. Неговите постулати никогаш не беа прифатени како официјална историја, а сите негови застапници завршија социјално изолирани (па дури и самиот Љубчо Георгиевски, популарниот “војвода”).
Новото поглавје
Македонизмот и Анти-македонизмот долго беа третирани во рамки на еден дуалистички систем на добро и зло. За мнозинството етнички Македонци, југословенскиот наратив беше вистинскиот, а за другите “про-бугарскиот” (кој пак за првите беше наратив на предавство). Сепак, она што им е заедничко е дека обете доктрини инсистираат на условно кажано неавтентичноста на Македонците и на релативната “младост” на нацијата. Двете стојалишта се базираат на словенскиот наратив и на релативно доцното издвојување на македонскиот од соседните народи – за Македонизмот тоа е органски, а за Анти-македонизмот вештачки процес. Обете инсистираат на постоењето на македонска нација која е поширока од границите на Македонија, бидејќи ја дефинираат во етнички рамки (така на пример, и во Македонистичката и во Антимакедонистичката перспектива Словените од Егејска Македонија се дел од македонската нација, додека Албанците од Македонија не се).
Но, внатренационалните дебати не се никогаш претставени меѓу строго определени групи. Напротив, покрај “официјалната” реторика, меѓу граѓаните тлеат различни толкувања и вистини за етногенетското потекло. Во македонскиот случај најзначаен од езотеричните наративи кои скоро добија на значење е наративот на континуитет на денешните Македонија и Македонци со Античкото Кралство Македон и Античките Македонци.
Тој наратив го има потенцијалот кој што му фали и на Македонизмот и на Анти-македонизмот: да го понуди “златното доба” на македонската нација и да го воздигне моралот на нејзините припадници. Тој како што веќе е споменато, бил површно инкорпориран и во Македонистичкиот дискурс; не смее да се испушти да се спомене и дека тој бил инкорпоиран и и во Анти-македонистичкиот (Љубчо Георгиевски во еден свој понов текст ќе напише дека приказната за Античка Македонија била потребна за будење од Југословенскиот сон). Меѓутоа, полниот потенцијал на митот на античката македонска националност спочна да се користи од 2006 наваму, со таканаречениот процес на “антиквизација”. Годинава, тој процес беше крунисан и со отпечатувањето на новото издание на “Историјата на Македонскиот народ”, или како што авторите ќе речат “историјата во од” во која изнесена е нова теза за етногенезата на Македонците – дека тие се првенствено потомци на Античките Македонци, а не на словенските доселеници. Имајќи в предвид дека иако за кусо време, овој наратив успеа околу себе да ги обедини државните институции, добар дел од академијата, и огромен дел од населението, би се осудил да кажам дека станува збор за една нова трансформирана македонска националистичка реторика која што во моите истражувања ја нарекувам “Неомакедонизам”. Префиксот нео- доаѓа поради тоа што овој концепт објективно ги трансцедира претходните два. Во исто време, Неомакедонизмот е пропорционален одговор на соседните експанзионистички националистички наративи. Додека Македонизмот и Анти-македонизмот беа ориентирани помалку или повеќе кон надвор (Југославија или Бугарија), Неомакедонизмот е свртен исклучиво кон self-от на македонската нација.
Не навлегувајќи во дебата околу супстанцијалните карактеристики на Неомакедонизмот, би се задржал само на одредување на неговата физиономија и неговата врска со Македонизмот и Анти-македонизмот. Прво, тој за разлика од пристапот на “национално движење”, го прифаќа исклучиво пристапот на етногенеза и органска нација, и од таму централноста на античкото минато, па дури и праисторијата – на пример, промовирањето на откритијата од “македонскиот неолит”. Што се однесува до сличностите, со Македонизмот најблиска му е интеракцијата со институциите на системот и ноншалантниот ревизионизам. Владата е таа што гради споменици, а ИНИ е тој што научно аргументира; слично како во Југословенските времиња. Во поглед на Анти-македонизмот, блиски му се конспиролошките наративи и отфрлањето на останатите верзии на историјата (“комунистите ве лажеа”). Слично како и Македонизмот, Неомакедонизмот има строги дефанзивни линии и јасно се дистанцира од било каква културна блискост со Бугарите или било која друга соседна култура. Слично како и Анти-македонизмот, негува анти-комунистички сентимент.
Она што Неомакедонизмот всушнот претставува е една “напредна” верзија на македонскиот национализам. За прв пат тој го воведува наративот на автентичност (и недвојбена автохтоност) и историски континуитет од неколку милениуми. Тој е исклучиво македоноцентричен (во етничка смисла), непризнаен од соседството и од светот (и од многумина во Македонија), и езотеричен. Она што е можеби најзначајно сепак, е дека за разлика од сите пристапи до сега, Неомакедонистичкиот е исто така најнаметлив. Додека Македонизмот се трудеше да го зачува статус квото, а Антимакедонизмот делуваше против режимот, Неомакедоизмот го користи системот за да се репродуцира самиот себе (на пример, кампањата “И ти си Македонија!”). Негов неодделив белег е иредентизмот (отелотворен во картата на Голема Македонија). Друг негов белег е иновацијата, сеуште заглавена помеѓу митовите и фактите (на пример целата наука околу јазикот на Античките Македонци, која е на границата помеѓу револуционерно откритие и академски дебакл).
Што понатаму?
И токму кога се мислеше дека конечно после сите археолошки откритија и владини кампањи Македонците станаа Антички, и дека по објавувањето на “Историјата на македонскиот народ” неомакедонската приказна ќе биде промовирана како официјален научен став по националното прашање, се случија Македонската енциклопедија и неслучајниот “херој” на оваа приказна, Блаже Ристовски. Имено, контроверзната енциклопедија, по однос на ова парашање и во онаа форма во која ја видовме, беше целосно македонистички ориентирана (што е заслуга на никој друг, туку на самиот Ристовски кој е автор на одредниците за Македонската нација, Македонизмот итн, кои немаат наведено извори). За Македонците се вели дека имаат словенско, а не античко потекло; за јазикот се вели дека е словенски; и недостасуваат одредници за некои од клучните наративи својствени за Неомакедонизмот.
Како и да е, таа енциклопедијата, наспроти ставовите кои се искажуваат во јавноста, има многу поголемо значење од било која друга книга. Таа би требало да биде круна на дејноста на МАНУ, која пак е врховна научна установа во Републиката. Во исто време, таа би требало да претставува и еден вид “лична карта” на она што е Македонија. Политичките ставови искажани во неа, се и официјални државни ставови (затоа што впрочем МАНУ е државна институција, и се финансира од државни средства). А кога државниот став е дека Македонците се Словени, а пред само неколку месеци, во “Историјата…” на ИНИ финансирана исто така од државата, се велеше дека Македонците се всушност Антички, тогаш проблемот е очигледен.
Тоа всушност значи дека дебата по националното прашање, односно дебата меѓу старошколскиот Македонизам и новиот надоаѓачки Неомакедонизам во моментов е и академска, но и институционална. Единствен официјален став по прашањето изостанува; а тоа може да се третира како меч со две острици. Од една страна, позитивно е да се имаат повеќе пристапи и идентификацијата на Македонците да се остави како една слободна категорија. Од друга страна, инаетот и исклучивоста на двата пристапи оддава слика на раздор и непомирливи разлики внатре во самиот систем на институциите. Во моментов двете врховни научни институции излегуваат со два различни ставови по прашањето кое беше можеби најексплоатирано во јавната дебата во текот на последните две години (сеуште на утринските програми се јавуваат луѓе кои со мака говорат на темата за потеклото на Македонците, бидејќи навистина ги засега). Во исто време, на тоа прашање му беше придодадена и стратешка вредност во спорот со Грција, кој е пак скалилото кое треба да се пречекори за да се оствари надворешната политика на државата – европската интеграција. А ако тоа прашање не го одговорат МАНУ и ИНИ, тогаш нема кој.
Рамка:
Се разбира, ова е само навидум безизлезна ситуација. Доколку експертите од ИНИ и МАНУ навистина сакаат да го надминат разидувањето на двете респективни школи и да понудат инклузивно решение, кое не само што ги помири Античките Македонци и Словените, туку и Албанците и останатите етницитети е да понудат не етногенетска, туку културна дефиниција за потеклото македонската нација – наместо да бараат антички или словенски гени и крв во нечии вени и да наоѓаат “разумен” компромис меѓу Македонизмот и Неомакедонизмот, подобро би било да се фокусираат на поблиското минато – Отоманскиот период. Веќе неколку пати во моите текстови сум порачал дека единствениот начин на кој што може да се даде автентична дефиниција со која горе-долу би можеле да се идентификуваат сите граѓани на Македонија е дека македонската современа нација е произлезена од Отоманскиот контекст (Отоманската Империја владеела овде до пред помалку од 100 години). Впрочем, антрополошки гледано, многу од Отоманските елементи се зачувани во денешната македонска култура – почнувајќи од одредени зборови, начините на гестикулација и невербална комуникација, кујната, музиката, па се’ до начинот на политичкото организирање, граѓаните на Македонија се многу поблиску до своите Отомански предци отколку до оние од подалечното минато. Во исто време, со таквиот приод ќе се минимизира ефектот на теориите за автохтоност, а Македонија ќе се дистанцира и од сите досегашни недоразбирања со соседите, затоа што ќе понуди модел кој не само што ќе биде многу понапреден од соседните.
No related posts.
1 Trackback(s)
- From Антон Павлович | Mar 19, 2010


