Штетите од македонските митови
објавено во Глобус, 18.08.2009

Античка Македонија само се допирала до денешна Република Македонија, а главните јунаци на антиквизацијата, Филип Втори и Александар Трети, никогаш не биле на местото на денешниот главен град
Пишува: Анастас Вангели
Еден од најактуелните настани во Македонија во изминатиот период беше пуштањето во употреба на северната трибина на националната арена „Филип Втори„ во Скопје (порано позната како Градски стадион). Самото преименување на стадионот е еден од низата потези на Владата на ВМРО-ДПМНЕ од таканаречениот процес на антиквизација (пежоративно наречен и „букефализација“, „хунзизација“, „паскокузманизација“), процес што беше инаугуриран со едно друго преименување, кога аеродромот „Петровец“ стана „Александар Велики“. Античко-македонските кралеви Филип Втори и Александар и физички ќе пристигнат во центарот на Скопје, помладиот качен на легендарниот Букефал, излиен од бронза со шпекулирана височина од дваесетина метри, а Филип нешто помал, и најверојатно прикажан како пешак.
Овие настани не се важни само од аспект на идентитетските политики на Владата, или пак, од аспект на нивното значење за спорот со Грција; важни се затоа што со еректирањето на спомениците на плоштадот и преку Вардар, за првпат, античките кралеви ќе имаат шанса да се најдат во Скопје. Затоа што додека биле живи, а и илјадници години подоцна, тие, за жал, никогаш не го „посетиле“ Скопје
ИСТОРИСКИ ПРАВА Еден битен податок што се извлекува вон приказните за Античка Македонија кои се сервираат наоколу е дека територијата на Република Македонија, всушност, и нема некои позначајни допирни точки со територијата на Античка Македонија. Оригиналната територија на Античка Македонија го опфаќала Егејското крајбрежје, од северните делови на полуостровот Халкидики на исток, на запад до Епир, на југ до Тесалија, а на север, некаде на линијата Охрид – Јужна Пелагонија – Гевгелија (зависи која карта се гледа). Северно од таа линија, на територијата на централниот, источниот и северниот дел од она што е денес Република Македонија, како и дел од Косово, јужна Србија и Бугарија, се простирало кралството на Пајонците, со центар во Вилазора (светиниколско), кое било прилично отцепено од Македон. Пајонија потпаѓа под вазалство на Македонците дури за време на походите на Филип Втори, при кои, тој не стапнува во Скопската котлина, затоа што тогаш на територијата на денешно Скопје поголема населба и не постоела. Пајонија за неколку векови вазалство, прво под Македонците, а потоа и под Римјаните, целосно исчезнува, а Скопје (Скупи) единствено почнува да се развива како урбан центар за време на римското владеење.
Од ваквото претставување на историјата, може да се согледаат некои од главните недостатоци на полагањето на историски права кон Античка Македонија од страна на Република Македонија. Освен дискутабилниот континуитет, проблематичен е и територијалниот аспект. Јадрото на кралството Македон (Античка Македонија) отсекогаш било на територијата на она што ние го нарекуваме Егејска Македонија. Меѓутоа, таа Егејска Македонија, никогаш не била дел од современата македонската држава; по Балканските војни, Грција не ја анектира како територија која е одземена од македонската држава, туку како територија која е освоена од Отоманската империја. Таа територија, која никогаш не била дел од современата македонската држава, всушност, претставува инспирација за целата нова национална идеологија на Република Македонија.
Меѓутоа, ова е само една од дискутабилните точки при преиспитувањето на антиквизацијата. Дополнителни теми кои треба да се отвараат се и културните афилијации на античките Македонци, и особено трансферот на нивниот спомен низ вековите, како и вметнувањето на грчката перспектива. За нив, во овој текст место нема.
Сепак, она што е важно, е дека Александар и Филип и концептот на античка Македонија во последните две ипол години, постепено станаа дел од секојдневниот живот и следствено, дел од идентитетот на граѓаните на Република Македонија. Освен постојаното повторување и реинтерпретирање на историјата, се интензивираше и трендот на користење на античко македонски симболи, до тој степен, што на пример за Илинден, за Крушево, покрај комитите, рамо до рамо тргнаа и фалангите наредени со копја и штитови. Шеснаесеткракото сонце од Вергина пак, излезе од шкафовите каде што беше оставено пред речиси деценија ипол, користејќи се паралелно со државното знаме на Македонија во многу прилики (најчесто онаму каде што е замешана Агенцијата за млади и спорт). Народот почна да живее во исчекување – што ли сега ќе ископа Паско Кузман? Дури и авторите на новокомпонирана народна музика почнаа да се инспираат од античка Македонија (на пример: ансамбл „Цар Самуил“, со посената – „За Александар Македонски“). Накусо, она што Македонија го проживува на едно симболичко ниво овој период, може поедноставено да се нарече „античка сегашност“. Во рамките на теориите на национализмот пак, ваквиот процес не се нарекува никако поинаку, освен како што вели британскиот историчар Ерик Хобсбаум, „измислување на традиција и нејзино масовно производство”.
Централна позиција во овој процес на фабрикувањето на традицијата, се разбира има митот за Античка Македонија; или попрецизно кажано, митот за континуитетот и културната блискост на античкото Кралството Македон со современата Република Македонија. Тоа е еден процес при кој толку далечното минато се гледа телеолошки и вон секаков контекст; се поедноставуваат категориите Македонец од пред две ипол илјади години и она што Македонец значи денес (ако и воопшто може да се дефинира современото значење).
Она што се уште предизвикува контроверзи во јавната дебата, е именувањето на митот за античката националност на Македонците, како мит. Меѓутоа, таквото ословување не е воопшто потценувачко, пежоративно или пак има некаква предрасуда зад себе.

„РАЗУМЕН КОМПРОМИС“ Претпоставениот континуитет од антиката до денес е мит, не затоа што е исклучиво историска лага или манипулација, туку затоа што начинот на кој што тој се аргументира е методолошки неисправен и не може да се базира врз научни сознанија, а притоа, да се запазат бар елементарните правила на академско истражување. Поедноставено кажано, идејата за континуитет помеѓу Античка и современа Македонија е митологизација затоа што претпоставениот континуитет е наратив во кој се верува, а не заклучок кој произлегува од критичка дебата; затоа што неговата вредност не лежи во историската точност, туку во капацитетот да понуди нешто во што масите можат да веруваат. Згора на тоа, кога би се повикале и на етносимболичкиот пристап во одредувањето на националните феномени, наративот на Античка Македонија совршено се вклопува во позицијата на она што Ентони Смит го нарекува „основачки мит на нацијата“ кој треба да даде одговор на прашањата „кои сме ние и зошто постоиме“; а воедно, тоа е и мит на “златното доба”, кој јасно ја одредува точката кога нацијата била на својот врв (во време на Александар), што претставува и референтна точка за тоа каде нацијата која во меѓувреме пропаднала, треба да се упати во најбрз можен рок.
Сепак, „нацијата е резултат на грешка во читањето на историјата“, ќе рече познатиот француски филозоф Ернест Ренан, осврнувајќи се на улогата на митовите во основањето на модерните нации. Неговото тврдење имплицира дека колку е понеточен, толку митот може да биде поефикасен (создава идеална слика за нацијата). Дури, може да се каже дека историската точност делува дестимулативно за национализмот, затоа што го инфицира со многу „реалност“ и релативност, затоа секој обид за дисецирање на митовите наидува на отпор. Впрочем, така е и во македонскиот случај.
Поради природата на она што сум го работел и што ми било интерес – истражувања во врска со тематика блиска на оваа, често сум бил во контакт со луѓе кои се бавеле со „идентитетските“ работи. Неретко, при тие средби сум имал можност да контактирам и со луѓе кои биле про-антиквизација (не знам како да ги наречам а да не се сфати пежоративно). Во тие прилики, сум бил сведок на различни реакции на некои тврдења, како на пример на она дека Александар и Филип прв пат ќе дојдат во Скопје излеани во бронза или дека воопшто Античка Македонија и современа Македонија се сосема различни категории кои е штетно да се поврзуваат. Првенствено, таквата аргументација се отфрла како „антимакедонска“ или „прогрчка“ – демек, тоа се грчки пропаганди насочени против постоењето на Македонците. Тоа е одговор кој е главно игнорантски кон постоењето на поинаков став и е карактеристичен за оние кои ги земаат сите новопоставени претпоставки и шпекулации за Античка Македонија како апсолутна аксиоматска вистина, што не подлежи на дебата. Друг тип на реплика е „седи, ти не знаеш!“ – кога тврдењата се отфрлаат како неточни, иако она што се нуди како контра-аргументација е целосно неосновано и нема никакви референци. Тоа е тип на одговор кој доаѓа од луѓе кои се желни за дебата, но кои имаат поинаков начин на бирање и толкување на нивните извори; некои од тие извори се академски и достојни, меѓутоа често тие може да бидат и езотерични (на пример: цитирање на Едни Македонци), да задираат во сферата на паранормалното (цитирање на Александар Донски кога муабетеше со духот на Александар), или едноставно да се базирани на некои недокажани популарни теории од полноќното шоу на Миленко Неделковски… Третиот вид на одговори е еден вид „разумен компромис“ од типот: „Да, можеби Античка Македонија и Република Македонија се слабо компатибилни, но тоа не е причина ние да не ги славиме Филип и Александар како наши претци, тие сепак се дел од нашиот идентитет“. Тоа е одговор кој целосно се дистанцира од одредувањето на историските настани, а се задржува на симболичката вредност која некои сегменти од историјата ја имаат и воедно е најопасен по општествените односи.
ОПАСНОСТА ОД МИТОВИТЕ Кога општествениот дискурс произведува една таква „историска грешка“, одговорноста останува на интелектуалците (и на сите оние што се сметаат за припадници на определена елита која има можност да влијае врз јавната сфера) да преземат нешто околу тоа. Во една таква ситуација според Пал Колсто, припадниците на елитите гравитираат кон две спротиставени тенденции: едната е просветителска, на која многу поважна и е точноста на историските факти вон било кој контекст, академската неутралност и бришењето на идејата за каузалност меѓу митовите и денешната политичка реалност, како и непостоење на т.н. „историски права“. Просветителскиот пристап, значи, е оној кој деконструира и отфрла митови. Вториот пристап е „функционалистички“, кој поаѓа од инхерентноста на митовите, неможноста тие да се деконструираат, и се труди да ги стави во служба на некоја дадена политика, преку тоа што ја става општествената наука во служба на самите митови. Овие два пристапа ретко кога се јавуваат во чиста форма, меѓутоа, јасна дистинкција меѓу „просветителски“ и „функционалистички“ елементи секогаш постои.
Не мора човек да биде некој експерт да заклучи дека во Македонија, пристапот кон националната митологија е функционалистички ориентиран. Особено ако зборуваме за мета-наративот на директна врска со античкото Кралство Македон и особено централниот лик на таа историја – Александар Велики, и особено ако се зборува за релативизирањето на историските настани; конкретно, под функционализам го подразбирам она што погоре го именувам како одговор во стилот на „разумен компромис“ – кога респондентот ја отфрла историската точност како критериум
Меѓутоа, постојат различни видови на функционалистичко толкување, кои може и да се разликуваат еден од друг. На пример, во раните 1990-ти, прв автор кој сериозно го ширеше митот за Александар Велики беше сивата еминенција на македонската политичка сцена, професорот Васил Тупурковски. Тој во обемните дела, но и во детските сликовници кои ги потпиша, го претставуваше Александар како благороден, паметен, начитан аристократ, кој е спортист и филозоф, кој покрај тоа што бил војник и војсководец, имал една предоминатна хуманистичка димензија. Покрај тоа, во неколку интервјуа самиот Тупурковски има речено дека, на пример, воопшто не е битно „етничкото“ потекло на Александар, дека тој им припаѓа на сите народи, и дека веројатно да има прилика да не види како „се расправаме“ за неговото наследство би ни се смеел од гробот.
Во функционализмот на ВМРО-ДПМНЕ и на струите блиски до неа, пак, од 2006-та наваму, Александар е сосем поинаков од оној на Тупурковски во 90-тите. Како илустративен пример за тоа како Никола Груевски го промовира Александар, може да се земе еден од низата спотови од кампањата „И ти си Македонија!“. Таму македонскиот крал е претставен како типичен мачо и снагатор (мускулест, гласен, намуртен), кој е подготвен по секоја цена да ги оствари своите замисли да го ослободи светот, кој делува целосно милитантно и кој кажува дека не е „македонски“ да се бега од предизвици, па дури и пред поброен непријател. Накратко, како што филмот „300“ од филозофијата и светлите мермери на Атина, поимањето на Античка Грција го замени со темниците, крвиштата и мускулите на Спартанците, така успеа и Владата, благородништвото, начитаноста и космополитизмот на Александар. да ги замени со мачоизам, милитаризам и „верба во нацијата“, што пак може да биде сугестија за природата на самото владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Се разбира, има и останати можности за портретирање на античкиот македонски крал. Неформалното здружение „Александар Би Македонски“ ја потенцираше неговата бисексуалност како важен симбол во борбата за сексуална слобода. Владиката Петар веројатно го замислува на некој свој начин, кој е во склад со православните принципи. Некои од етничките Албанци го портретираат како прото-Албанец, поради епирско-илирското потекло на неговата мајка Олимпија… Сепак, она што е од суштествено значење за сегашната состојба во која се наоѓа македонското општество, е улогата која ќе ја одиграат „просветителите“, а не „функционалистите“.
Перспективите на македонските интелектуалци

Вистински предизвик за интелектуалците е отворено преиспитување на некои од фундаменталните заблуди во врска со Античка Македонија!
Кога по некое време „антиквизацијата“ ќе заврши, и ќе ја проценуваме штетата која е направена од неа, неколку работи ќе се покажат како најфатални. Прво, целосно ќе биде пореметен мултикултурниот карактер на државата, затоа што опседнатоста со античко-македонскиот идентитет е работа која ги засега исклучиво етничките Македонци, а ги запоставува и потиснува останатите етнички заедници. Второ, ќе мора да се соочиме со последиците од една „културализирана“ политика, односно, политика која не е фокусирана на решавање на конкретните проблеми, туку е фокусирана на идентитетски политики (на пример, трошоци за споменици и ископувања за време на економска криза). Во политиката митовите добиваат на значење само кога општеството се соочува со криза на легитимтет – ако претпоставиме дека 2006 и 2007 биле години на криза на легитимитет и затоа се создала толку погодна почва за ширење на антиквизацијата, може само да се замисли колку ќе биде јавноста подложна и на останати слични кампањи! И трето, и последно – ќе ни се смее светот, а македонските научни институции ќе бидат целосно делегитимирани!
Затоа, притисокот е врз сите оние кои се занимаваат со општествените науки, да преземат конечно нешто во свои раце. Такви моменти досега секако дека имало, но треба да ги има уште повеќе. Значаен придонес имаше академикот Петар Илиевски (класичен филолог), кој доста успешно ги отфрли „сознанијата“, односно, новото толкување на третиот текст испишан на демотски египетски на Каменот од Розета. Во последно време, се јавуваат и доста реакции кон најновите „откритија“ во врска со (не)преселбата на народите и (не)мешањето на домородските и новодојдените култури. Но, како и да е, тие придонеси се се уште на индивидуално ниво и се однесуваат на поединечни сегменти од антиквизацијата.
Она што треба да претставува вистински предизвик, е отвореното преиспитување на некои од фундаменталните заблуди во врска со Античка Македонија. Во исто време, не треба да се изуми дека, како што Ренан ја дообјаснува „историската грешка“ – поентата на митот не е сеќавањето; туку заборавањето. Памтејќи ги митовите за антиката, антиквизаторите предизвикуваат колатерална штета, преку заборавањето на останатите епизоди од историјата на Македонија – се заборава на пример една петвековна Отоманска традиција, со која културно Македонците се многу поблиски, отколку што се блиски со антиката. Се забораваат веќе утврдените темели на македонскиот идентитет – борбата за национално ослободување во раниот дваесетти век, и антифашистичкото движење во Втората светска војна. Или, се заборава мултикултурализмот кој од 2001 е врховен принцип при организирањето на македонското општество. Згора на тоа – со измислувањето на „античките” традиции навлегуваме во сфера на сериозни киксови – од псевдо-етимологиите („Буда“ доаѓа од старомакедонскиот збор „разбуден“, а „санскрит“ од „сам чкрта“), преку историската епоха „александризам“, па се’ до фалангите во Крушево. Тоа дефинитивно ќе беше смешно, да не е трагично, бидејќи, верувале или не, тоа е сега норма во Македонија…
No related posts.



Ристе | Mar 24, 2010 | Reply
Како може некој кој што нема матична матична држава и никогаш не почувствувал како изгледа националната гордост во душата на еден човек. Секоја почит за етничките заедници коишто разбраа пред 100тина години што се обидоа македонците да им кажат и тоа што се бореа за да можеме денес да живееме во мир заедно…но нека стават прст овие новопечени не-македонски антиантиквизатори на чело и нека размислат поубаво….впрочем што има да се мисли…токму ваквата статус кво ситуација и не менувањето на уставното име (ДА НАГЛАСАМ УСТАВНОТО бидејќи вие разбирате што значи одвоена земја со граница да се меша во уставниот поредок на друга земја, а упорно се обидувате да замижите пред тоа)вас ви одговара бидејќи некој си го има ќарот од овие блогови и колумни бидејќи знаете и сами дека вашата европска унија нема да ви остави на сите во сандучето по некое евренце..,
[Translate]