Демитологизирање на сеќавањата за југословенското минато

Наспроти желбата на расчистување со комунистичкото минато, стои реалноста дека тоа ќе станува се’ повеќе актуелно

Пишува: Анастас Вангели [оригинално објавено во Глобус на 24.11.2009]

Во Македонија подолг период тече процесот на ревизија на минатото. Тоа не вклучува само отварање на прашањата за „потеклото на нацијата” и далечното древно минато, туку и за историскиот развој на државата и поскорешната минато. Во тој поглед, најзначаен предмет на интерес претставува Македонија во рамките на Југославија (периодот од завршувањето на Втората светска војна до осамостојувањето). Третманот на таа епоха од историјата е променет и навидум ускладен со владејачките политики (најавени како „десничарски”, подоцна редефинирани како „конзервативни”). Последен настан од оваа низа е отстранувањето на петокраката, симболот на Народноослободителната борба од државниот грб на Република Македонија, единствениот државен симбол кој имаше континуитет од основањето на државата, до пред десетина дена (името, знамето и химната биле неколку пати подложни на промена).

Ревидирањето на историјата сама по себе не е негативна појава, туку напротив, е многу потребна, особено во ситуации кога општествената динамика носи промена на границите, промена на режимот, а со тоа и промена на перцепциите. Од самите тие промени и произлегува (потребата за) новото толкување на историјата. Меѓутоа, тој процес на ревидирање може да биде единствено успешен или коректен само ако се раководи од сензибилитетот кон различните контексти и исклучување на вредносните судови. Не смеат да се дозволат селективности, импровизации и произволни толкувања, затоа што тие неминовно водат до митологизирање на минатото. Митологизациите пак, нужно имаат емотивна функција и стимулираат на создавање ентиментално обоен однос кон минатото. Емотивното доживување на колективното минато, кое може да варира во спектарот помеѓу „гордеење” и „виктимизирање”, има ефект и во сегашноста: имплицира исправање на историските неправди или, пак, незаслужно гордеење за нешто што се случило можеби и пред нашиот животен век.

Првата грешка која се прави во овој процес на ревидирањето на југословенското минато е што неколкуте децении историја на Македонија се поимаат само како еден настан, кој во дадена точка почнал и во дадена точка завршил (или треба да заврши, ако му се припишат и тразициските години). Она што се заборава е дека тој повеќедецениски период имал своја сопствена динамика, одбележан со повеќе промени на политичкото и економското уредување и со донесување на неколку устави и коренити системски промени. Произволното бележење на тој цел период како исклучиво „добар” или „лош” е поедноставување на комплексноста која Југославија си ја носи сама со себеси. Она што треба да биде почетна точка во кое било пообјективно читање на таа историја, е тезата дека тој комунистички период имал своја динамика и свој контекст од кој понатаму произлегува нашата посткомунистичка сегашност. Оние кои учествуваат во јавната дебата се родени и социјализирани во тој период, кој во определена мерка оставил трага во нивниот личен развој и тоа не смее да биде занемарено. Иако јас сум еден од припадниците на помалата генерација и најголемиот дел од моите сеќавања се од независна Македонија, голем број од актуелните политичари, интелектуалци и луѓе кои го креираат јавниот дискурс се растени, социјализирани, образовани и формирани како личности токму во времето на таа Југославија. Затоа, сосем неразумно би било да гледаат на тоа поглавје од дистанца, како на „туѓа” или, пак, „завршена” историја, со однапред дадени судови дали периодот бил „добар” или „лош”, „позитивен” или „негативен”, „црн” или „розов”; во која било од тие квалификации се потенцираат едни карактеристики на сметка на испуштањето на многу други. Затоа, многу поприфатлива почетна точка е да се каже дека тоа минато било прилично амбивалентно или вредносно неутрално.

До пред извесно време сликата за југословенското минато беше идеализирана и носталгичарска. Романтично се зборуваше за одењето на „наше море” со авто-стоп, братството и единството, животните искуства стекнати при служењето на воениот рок и слично. Генералниот однос на државните институции кон тоа минато беше некритички, па дури и игнорантен – темата не се отвораше и однапред се сметаше за апсолвирана. Но, за разлика од тогаш, сликата која ја осознаваме во овој момент за југословенското и комунистичкото минато на Македонија е сосем спротивна. Главната поента е дека тоа оставило жртви и дека било лошо, дека оние на кои им одговорал тој систем, уживале на сметка на оние кои биле репресирани. Дознаваме, што е уште позначајно, дека националниот идентитет во тоа време бил потиснат, и дека тоа бил период на „наметнат атеизам”. Ако порано се кревале споменици кои го величеле, денес на тоа минато ќе му биде подигнат само музеј на неговите жртви. Згора на тоа, во јавната дебата секоја асоцијација со термините „Југославија” и „комунизам” произволно се третира како зла. Дериватите „комуњар” и посовремениот „неокомунист” служат за бележење на политички неподобните ликови и нивна лична дисквалификација. Со таа етикета се бележат и оние кои потекнуваат од семејство кое добро котирало во комунизмот; оние кои изразуваат некакви симпатии кон југословенското минато; оние кои се политички убедени левичари; оние кои припаѓаат на опозицијата, и така натаму.

Затоа, во овој текст ќе се обидам да продискутирам некои од митолошките претстави за комунистичкото минато.

Еден од наративите кој е се’ поприсутен во македонската јавна сфера е митот за потиснатото национално чувство во времето на комунизмот (или познатиот аргумент „комунистите ве лажат”). Во академските кругови ширум светот, токму таа реторика на „потиснатост” се смета за една од најголемите заблуди во современото изучување на национализмот. Уште повеќе, целиот концепт на „избликнување на потиснатите национални чувства” во посткомунизмот се смета за академска заблуда и само обид за оправдување на посткомунистичкиот национализам. За целата аргументација околу „потиснатоста” или „репресираноста” на националните чувства од страна на комунизмот се вели дека главно се засноваат на преувеличување и на поедноставување на сликата (карактеристично за неразумноста). Всушност, се презентира слика во која национализмот е органски вкоренет во предкомунистичкото минато, за потоа да биде замрзнат или потиснат од страна на комунизмот; и впрочем „одмрзнувањето” се гледа како главна причина за жестината на националистичкиот сентимент по паѓањето на комунизмот.

Роџерс Брубејкер, можеби најзначајниот современ автор на национализмот, оваа заблуда ја класифицира не само како општа заблуда, туку и како погрешно разбирање на национализмот. Всушност, како што вели тој, колку и комунистичките режими да ги регулирале националистичките и сецесионистичките каузи (а ги регулирале, понекогаш и многу сурово), тие во ниту еден момент не биле антинационално настроени. Разликата е недвосмислена: додека митолошкото гледање на комунизмот промовира една слика за „забранетост” на нацијата, неговата поподробна анализа укажува на грижливо утилизирање на концептот на нацијата. На пример, Кетрин Вердери преку парадигмата на Романија, објаснува како посткомунистичкиот национализам и тензиите кои тој ги носи не се последица на воскреснување на замрзнатиот предкомунистички национализам, туку последица на зацврстувањето на националните идеологии за време на комунизмот.

Еднаш, разговарајќи со еден мој пријател, историчар, дојдовме до истиот заклучок: најголемата грешка и слабост на комунизмот била негувањето на национализмите. Наместо разобличување на митовите, комунизмот преку опсесијата за институционализирање, ги инститицуинализираше сите оние инаку многу флуидни категории кои тешко се дефинираат: народ, народност, заедница. И не само што ги институционализирал, туку и сосема некритички ги вклучил во платформата на рамноправност, еднаквост, прогрес, братство и единство. Националистичкиот сентимент, особено во политиката на Тито, бил силно инструментализиран, особено во поддршката на т.н. „мали” национализми (македонскиот, албанскиот, бошњачкиот).


Македонија е земја со два милиони жители и со два милиони приказни за југословенското минато: конгрес на македонските комунисти

Впрочем, провизиите за македонскиот национализам од комунизмот и Југославија се непроценливи. Уште во екот на Светската војна, во 1944, била конституирана независната Демократска Федерална Македонија, на македонските граѓани, која за прв пат во историјата го носела името Македонија напишано на македонски јазик, кој бил прогласен за официјален во Републиката (не Македониа или Македония). Понатаму, била прогласена независната држава Народна Република Македонија, во рамките на Федеративната Народна Република Југославија, со признаени интегритет, државни симболи, нација и национални малцинства во соседните држави. Македонија, како и сите други југословенски републики, а повремено и покраините биле рамноправно претставени (наспроти генералната перцепција) во Претседателството на Југославија. Понатаму, комунистичката власт во Македонија презела и некои конкретни чекори во градењето на македонската нација. Таков пример е пренесувањето на коските на Гоце Делчев 1948 од Софија во Скопје, како знак на подобрување на односите со Бугарија. Во периодот до шизмата со Сталин, а и подоцна, по подемот на Тодор Живков, југословенска Македонија успеала да издејствува признавање на македонското малцинство во Пиринот. Амбивалентно е прашањето и со Грција и вмешувањето во граѓанската војна и последователно повлекувањето по „шизмата” во 1948 и притисокот на Британија. Сепак, неспорно е дека со вмешувањето со логистика за Демократската армија во Грција и поддржување на правото на самоопределување на етничките Македонци во грчкиот дел на Македонија, комунистите биле недвосмислено поддржувачи на македонизмот. Понатаму, во 1948 година со декрет на Партијата е основан Научниот институт за национална историја, понатаму познат само како Институт за национална историја. Мисијата на институтот е да ја „проучува и националната и културна историја на македонскиот народ”. Како еден од најважните моменти во дејноста на ИНИ е издавањето на првата „Историја на македонскиот народ” во 1969. „Историјата на македонскиот народ”, под комунистичка супервизија, спротивно на митот за потиснатоста, започнува токму од античкото минато и од Александар Велики, кој не само во Македонија, туку и во сите југословенски републики бил познат како Александар Македонски.


Матодија Антонов Ченто говори во ослободено Скопје

Се разбира, Југославија како и сите останати авторитарни режими била рестриктивна во поглед на слободата на говорот. Во врска со Македонија и Македонците, постоеле официјални гледишта и ставови и секое спротиставување било санкционирано на најразличен начин. Но, погрешно е да се каже дека во тој период македонското национално чувство или македонскиот национализам биле потиснати; тие во строго определена форма всушност биле дел од големиот југословенски мета-наратив.

Во сличен манир на проектирањето на националното прашање во југословенскиот контекст, се проектира и третманот на прашањето за религијата под комунистичката власт. Како клучен збор кој би соодветствувал на претставата за верата во комунизмот, во последно време во јавната дебата се пласира перцепцијата дека времето на Југославја бил период на „наметнат атеизам”. Тука се прави аналогија со останатите комунистички режими кои ја забранувале црквата или, каде што пак црквата била актер на отпорот и имала дисидентска улога.

Сепак, за разлика од СССР или од Албанија или останатите комунистички антитеистички системи, југословенскиот систем бил сосем толерантен кон верата. Додека во другите комунистички држави имало случаи црквите и манастирите да бидат рушени или пренаменувани во објекти од општ интерес, во Југославија ваквите случаи биле минорни, а подоцна црквите и манастирите, но и џамиите, биле ставени под законска заштита како споменици на културата. Нормативно-правните решенија за положбата на верските заедници биле далеку пред своето време, исто како и судската пракса. На пример, во архивите на Радио Слободна Европа, наидов на вест уште од 1966. Имено, во Љубљана, еден студент-атеист бил осуден поради тоа што со својата антиверска поезија им ги повредил чувствата на останататите студенти верници. Таа одлука се сметала за преседан и вон Југославија; на внатрешен пак сериозно ја разбранувала комунистичката партија.

Во македонскиот контекст, се чини, Црквата и верниците не само што преувеличуваат кога зборуваат за „наметнат атеизам”, туку и треба да се благодарни за третманот во времето на комунизмот. Особено впечатлив е моментот на неканонското формирање/возобновување на Македонската православна црква во 1967, со партиски декрет, и доделувањето на парцелата во строгиот центар на Скопје за да се гради Соборниот храм во 1973. Никој не може да спори дека можеби религијата била некаков предмет на контроверза и дека можеби имало случаи на неправди кон верниците, но да се тврди дека југословенското минато е период на „наметнат атеизам” или како што самите црковни претставници изјавуваат „прогон на верниците” е крајно погрешно и неосновано.


Првата влада на Македонија

Друга линија по која се демонизира југословенското минато е преку митот за крутоста на тој режим, при што е споредуван со Советскиот Сојуз или со Кина, па дури во некои случаи и со Камбоџа. Секако, не смее да заборавиме југословенскиот модел бил авторитарен, автократски (со доживотниот маршал Тито), недемократски (еднопартиски) и во некои аспекти ја лимитирал индивидуалната слобода повеќе од денешниот режим (на пример, забранет и казнив бил хомосексуалниот секс). Сепак, реториката на децентрализација и самоуправа говорат за една сосема поинаква политичка матрица на деалиенација и комунитаризам, уникатна во современата политичка историја, наспроти советскиот централизам, на пример. Згора на тоа, ако се истражува контекстуално, во 1945 година во светот постоеле само мал број демократии. Уште повеќе, главниот демократски систем биле Соединетите Американски Држави, каде што црнците биле дискриминирани со закон се’ до 1965, и каде што комунистите во „ловот на вештерки” под водство на МекКарти биле гонети, малтретирани и ликвидирани, а државната пропаганда кажувала кои се машки, а кои женски работи и како правата домаќинка треба да се однесува. Впрочем и во самата Швајцарија, често пати проектирана како земја која е стандард за прогресивност и слобода, универзалното право на глас и за жени е воведено дури во седумдесетитте години. За разлика од овие примери, еднаквоста по основ на потекло и род, била неприкосновена во Југославија од нејзиното формирање. Во исто време, Шпанија, Португалија и Грција долго биле под фашистичка диктатура, проследена со цивилни судири и неброени цивилни жртви. Самата Велика Британија долго време беше потресувана од ирското прашање. Јужноафриканскиот апартхејд, пак, падна во деведесетитте. Да не зборуваме за другите постколонијални земји или пакисламските теократии. Се разбира, источниот блок во случајов е надвор од сликата. Она што е важно во оваа дискусија е ставањето на авторитарноста на Југославија во соодветниот временски контекст – периодот на студентата војна, кога најголемиот број држави од светот се’ уште биле во фаза на консолидација.

Значи, во голема мера светот по Втората светска војна преставувал поле за најразлични експерименти; југословенскиот експеримент бил поуспешен од едни, а помалку успешен од други. Југославија всушност и успеа самата да се трансформира од социјалистичка во демократска и капиталистичка држава кон крајот на осумдесетиите од минатиот век. Во исто време не смее да се заборави дека најлошите работи во овој регион – воените конфликти – се случија токму по распадот на Југославија.

Можеби најважен аспект на југословенскното минато, кој не смее да се иземе од предвид е дека државноста на Југославија (следствено и на Македонија) била во најголем дел резултат на борбата за ослободување водена од страна на партизанската герила во која учествувале граѓаните засегнати од странското воено присуство (со логистичка поддршка на Комунистичката партија). И тука е клучната разлика во контекстите на развојот на настаните по Втората светска војна. Источна и Централна Европа биле „ослободени” од страна на Советскиот Сојуз, западноевропските земји од Соединетите Држави, и биле поделени на зони на влијанија. Од друга страна, партизански ослободената Југославија (а со тоа и Македонија како нејзин интегрален дел), својата слобода не му ја должела никому и имала шанса да трасира свој независен (неврзан) пат. Потпаѓањето на Југославија, на пример, под западниот или источниот блок можеби би придонело за поинаква динамика на настаните. Од западниот блок, Велика Британија имала најголем интерес во Југославија, но нејзината хипотетичка доминација ќе значела враќање на кралската династија Караѓорѓевиќ и враќање на реалноста на Кралството Југославија. Таквите околности би значеле наметнување на српскиот национализам врз целата Федерација, со што, веројатно, македонското самоопределување би било многу потешко остварливо, бар во тој обем во кој што се остварило во СФРЈ. Потпаѓањето под источниот блок пак претпоставуваме дека би завршило трагично и многу „покомунистички” од онака како што излегло. Затоа, „најнеидеализираното идеализирано” гледање на југословенската судбина по Втората светска треба да биде како трет пат, односно алтернатива на великосрпштината и на Сталин.

За среќа или не, Југославија речиси 20 години е веќе дел од историјата. Убаво би било ако може таму и да си остане, но некои неразјаснети работи од тоа време се’ уште не’ вознемируваат. Наспроти желбата на „расчистување” со тоа минато, стои реалноста дека тоа ќе станува се’ повеќе актуелно. Во прв план е разногласието во интерпретацијата на тој период. Еден политички аналитичар кој го познавам, знае да каже дека Македонија е земја со два милиони жители и со два милиони приказни за југословенското минато. Имотот на нечиј дедо бил национализиран, па тоа сега створило гнев кај внукот. Нечиј друг дедо го добил тој имот, па неговиот внук е благодарен за тоа. Нечија баба била стрелана од странските војски за време на војната, а нечија друга баба била стрелана од комунистите, па кај внуците останала горчината. Но, ништо чудно денес да станува збор за еден ист внук кој ја чул приказната и за национализацијата на имотот на едниот дедо, и за тоа како комунистите го пратиле другиот дедо од селото во градот, за тоа како едната баба му била партизанка стрелана од окупаторот, а другата баба му била стрелана од комунистите. Ништо чудно едниот чичко да му бил благонадежен комунист кој профитирал од системот, а другиот чичко да бил радикален дисидент кој завршил на Голи Оток. Амбивалентен и помалку шизофрен бил тој систем. Можно е и едниот тетин да му бил националист и верник кој сепак успеал во системот, а другиот тетин да му бил радикален марксист кој, ете, завршил екскомунициран и исклучен од партијата. Особено критични случаи се оние кои заминале на печалба во странство и загубиле контакт со овдешната реалност – кај нив се среќава вистинска идентитетска и идеолошка збрка поради различната интерпретација на југословенското минато. Прва асоцијација на оваа тема секако е фиктивниот Џон Крокодилов од скечот на К-15: “комунистите уште ве лажа, Гоце Делчев кога дојде на Тито Македонија да му ја бара, независна да биди”.

За да не бидеме како Џон Крокодилов, секој со својата приказна за Југославија, а против приказните на останатите, мора да се охрабриме и да ја изложиме оваа горлива тема на дисекција и критичка анализа. На македонското општество дефинитивно му треба отварање на таа Пандорина кутија од минатото. Треба да се работи на спроведувањето лустрација (но да биде неселективна и еднаква за сите), да се отворат и тајните документи и јавно да се дискутира за тоа. Но, треба да се отворат и јавните документи, законите, уставите и декретите на Партијата, за да може некои да се потсетат, а помладите да согледаат кои биле навистина нормите во тоа општество. Болката и сентименталноста во тоа може да бидат големи; но голема е и потребата од дијалог. Таа болка не треба да служи како повод за одмаздување и исправање на историските неправди, особено не преку генерализации за минатото, „лов на вештерки” и неразуздано сеење на стереотипи, предрасуди кои вродуваат со поделба на општеството. Една од најголемите негативни страни на тој комунизам била токму одмаздата спрема политички неподобните и оние кои го носеле товарот на минатото. За жал, и антикомунистичката пресметка со политички неподобните може да вроди со многу негативни последици и да го подели македонското општество на сличен начин како што е веќе поделено на етничка основа. Можеби во моментов исто толку тешко е да се склучи мешан брак меѓу „комуњар” и антикомунист, отколку меѓу припадници на две етнички заедници. Затоа, треба темелно да се работи на соочување со минатото (исто како да станува збор за меѓуетнички конфликт), да се работи на помирување и гаснење на страстите, и на отстранување на велот на незнаењето; зашто нема ништо полошо од калемењето на чувство на вина и отфрлање на оние кои тоа не го заслужиле. Како што вели мојот пријател, во Македонија која што има одвај два милиони жители, секој во потесното или поширокото свое семејство и опкружување, ќе најде минимум еден кој бил во Партијата и еден кој бил „неподобен”; или минимум еден „кодош” и минимум еден „кодошен”.

Во исто време, при градењето на новата слика на комунистичка Југославија, не смее да се заборава дека токму во нејзини рамки за прв пат биле признаени македонската држава, нација и јазик, била основана МПЦ, и биле донесени закони кои наложувале рамноправност по основа на потекло и род. Затоа што, сакале ние или не, сепак оваа држава е произлезена од тој контекст и нејзиното постоење и натамошен развој не можат да се разберат без разбирање на Југославија.

(* авторот е магистер по изучување на национализмот)

No related posts.

RSS Feed for This PostPost a Comment