Македонската “антиквизација” како копија на грчкиот модел на градењето на нацијата
“Антиквизацијата” е тема која што ја истоштува јавата дебата во и за Македонија веќе втора година за ред. Критиките кои беа дадени околу процесот на “антиквизаторските” идентитетски политики воглавно секогаш беа поврзувани или со недостатокот од снезитивитет по однос на националното прашање, и оттука со споровите со Грција; или пак со недостатокот од прагматичност при алоцирањето државни пари, во контекст на економската криза. Во овој текст, ќе се обидам да ја ставам антиквизацијата во еден малку поинаков, можеби и малку авто-референтен контекст на еден поширок мета-процес кој опфаќа цела лепеза идентитетски политики и историски интерпретации (кои во еден претходен текст ги опишав како “неомакедонизам”), а кој всушост се занимава исклучуво со “помакедончување”, односно национализација на општеството.
Впрочем, дури и без поголемо вивисецирање на развојот на настаните во овој период, и повеќе од јасно е дека политиката кон националните прашања спроведена од оваа гарнитура на Никола Груевски е значително различна од се’ што се случувало на тој план во Македонија во претходните шест децении државност. Апсолвирано е дека, македонската нација, не била создадена врз база на оние митови кои се промовираат денес. Ретко кој од партизанските одреди да бил инспириран од Александар Велики, иако Александар претставувал херој и воопшто, еден од најголемите војсководци во историјата. Иконографијата и именувањето на партизанските баталјони биле инспирирани од 19 вековното ВМРО а не од античко-македонските фаланги. АСНОМ иако повикувал на обединување на целиот македонски народ, вклучително и на “Македонците под Бугарија и Македонците под Грција”, тој повик не го аргументирал со античките историски права, туку со идејата за само-определување. И самата Република Македонија својата независност ја градеше на митот на Крушевската Република и АСНОМ. Иако од друга страна, не може да се оспори дека античкиот мит не бил зачуван како една популарна приказна помеѓу одредени кругови на населението, а подоцна и воведен како официјална референца за потеклото на македонскиот народ. Сепак, денес ваквиот концепт е пред целосна ревизија (или можеби целосно ревидиран), за што имам и самиот говорено неколку пати. Без намера да го бранам стариот модел (затоа што и тој има огромни недостатоци), и без емотивно непријателство кон новиот, единствено би продискутирал за она што јас го гледам како некоја историска основа позади “антиквизацијата” и “национализацијата” на општеството.
Не се случува прв пат пуштање во оптек на митови за Античка Македонија
Национализирачките политики виз-а-ви Античка Македонија во македонскиот контекст, не се ништо ново. Особено ако се гледа низ леќите на 19 вековната историја и низ призмата на регионалниот македонски контекст, се чини дека национализирачката пракса, и патронизирањето на Александар Велики и античко-македонските наративи веќе е интегрален дел од една друга политичка реалност – онаа на Грција.
Иако воспоставена на само еден мал дел од денешната територија, грчката држава веќе кон средината на 19 век успеала да развие национална доктрина (Мегали Идеа) за она што грчката држава треба да постане – и културно, и политички. По однос на територијалното проширување, северната граница на проектираната грчка држава требала да допира само малку посеверно од каде што допира денес – некаде во средината на географскиот регион Македонија. Територијалните претензии кон Македонија, меѓу другото, биле оправдани и со античко-македонскиот аргумент. Имено, според Историјата на Константинос Папаригопулос (подоцна прифатена како официјала историја на Грција), географската Македонија е инхерентно поврзана со Античка Македонија, земјата на Александар Велики, кој од Папаригопулос бил прогласен за апостол на класичниот Хеленизам. Оттаму, се’ што било на територијата на Македонија се сметало за македонско; се’ што било македонско било “од Александар”; а се’ што било “од Александар” по автоматизам се сметало за грчко. Се разбира, ова е симплифицирано објаснување за една комплексна дебата која што се водела во одредени грчки кругови, во која под знак прашање се’ ставале многу историски дискурси, а меѓу другото и која територија на Македонија можела да се смета за грчка – онаа на кралството пред походите на Филип – која кореспондира со територијата на денешна Грчка (егејска) Македонија, или пак онаа по освојувањето на Филип – која кореспондира со територијата на регионот Македонија. Од “практични” причини прифатена била првата верзија.
Она што ние го знаеме за регионот Македонија под Отоманска власт во19 век, е дека во голема мера генералниот дискурс бил одбележан од дејствувањето на странските “пропаганди” (во терминологијата на соседните земји, “надворешна политика кон Македонија”) но и од автентичното ослободително движење. Она што е важно да се напомене е дека тоа не било случај само со Македонија, туку воопшто случај со цела Европа – во долгиот 19 век, во ерата на национализмите и бројните иредентистички проекти, военото и невоеното вмешување во регионите кои биле предмет на оспорување било нешто секојдневно.
Грција, сепак до 1881 и освојувањето на Тесалија и Епир, не била ниту физички блиску до Македонија. Како и да е, имала можност за влијание, пред се’ поради високиот статус на Вселенската Цариградска Патријаршија, но и на многуте Гркофони, релативно богати и образовани граѓани во урбаните центри (еден вид секуларна елита), пред се’ во Солун. Особено важно било патријаршиското влијание – имено, во Македонија од укинувањето на Охридската Архиепископија во 1767, па се до воспоставувањето на филијалите на Бугарската Егзархија во 1870тите, цел еден век, постоела само една црковна власт (која во Отоманскиот систем била по моќ веднаш зад Портата). Со митрополиите управувал речиси исклучиво грчкиот клер. Во почетокот нивната мисија била строго “финансиска” – се грижеле за доследното собирање даноци, но со текот на времето, по воспоставувањето на грчката државност и постепеното зголемување на интересот во Македонија, Патријаршијата почнала да добива и поизразит грчки карактер. Дополнително влијаело основањето на Бугарската Егзархија и продорот на таканаречената “бугарска пропаганда” (процес на здобивање на лојалноста на Славофоното население од страна на Софија). Фактот што Егзархијата, која имала пак уште поизразит национален карактер почнала да спроведува процеси на привлекување на Славофоните православни Христијани, го мотивирал грчкото свештенство да го замени универзалното екуменско православно образование со грчко национално. Тоа се случувало и покрај тоа што уште од воспоставувањето на грчката држава слоеви од грчкото свештенство отворено се спротиставувале на идејата за посебна грчка нација, особено која би била фундирана на темелите на антиката.
“Пропагандата” (или дисеминацијата на грчките национални наративи, или пак спроведувањето на грчката надворешна политика) кон Словенското/Славофоното население во Македонија, од страна на грчката патријаршија земала замав по 1870 година, а влегла во зенитот кон крајот на 19тиот век и почетокот на 20 век. Освен со “меч” (со инфилтирирање на контрабанди против ВМРО) и со “злато” (со поткупување на активисти од Словенско потекло), “погрчувањето” на населението од Македонија се спроведувало и со “книга”. Имено, наративот кој се пласирал помеѓу месното население, бил базиран на грчката интерпретација на античкиот аргумент и приказните за Александар Велики. Грчките свештеници ги поучувале жителите на Македонија, дека тие се наследници на славните Антички Македонци, и по споментата логика, дека тие се всушност Грци. Парадигматски случај за овие процеси е дејноста на митрополитот Германос Каравангелис, чии мемоари се преведени и на македонски јазик, а неговата дејност е и предмет на истражувања на новата генерација македонски историчари, како на пример Димитар Љоровски. Во неговите мемоари, Каравенгелис всушност објаснува како го спроведувал “погрчувањето” на Словените/Славофоното население од Македонија, токму преку приказните за Античка Македонија и потеклото од Александар. Неговите “ученици”, го слушале со восхит и воодушевување, и понатаму и тие ја ширеле идејата меѓу своите познаници. Освен што митрополитот им расправал за историјата, тој им покажувал и антички артефакти, како на пример грчки монети со ликовите на Александар и Филип; фактот што монетите биле испишани на грчки јазик тој го посочувал како показател за “грчкоста” на античко-македонското наследство.
Не се случува за прв пат антиката да инспирира сентименти меѓу македонските Словени
Од друга страна, спротивно на генералната идеја која ја имаме, постојат наоди дека митовите за античкото наследство, и за античката националност, играле значаен дел од она што го нарекуваме “будење на националната свест” кај македонските Словени/Славофоно население во 19 век.
Драган Ташковски, уште во 1969 година, во “Раѓањето на македонската нација” посочува дека помеѓу Словените во 19 век во Македонија голем број на дејци биле заведени од антиката и ја проповедале идејата на историскиот континуитет на регионот Македонија со Античка Македонија; и на народот на Македонија (пред се’ на словенскиот елемент), како на наследник на големиот цар Александар. Како главни носители на ова дело Ташковски ги посочува Ѓорѓија Пулевски (кој во необјавената “Славјаномакедонска општа историја” ќе запише дека Александар бил роден од “славјански баби”), Исаија Мажовски, па дури и младиот Димитар Миладинов, кој знаел често пати да влезе во расправа со Грци/Гркофони познаници по прашањето. Сепак, Ташковски 19 вековната, условно кажано “антиквизација” на македонските Словени, ја оценува како типичен национален романтизам, кој не бил научно ниту логички заснован. Го споредува со паралелните процеси во цела Европа, па и на Балканот, кога многу народи почнуваат да ја трасираат својата генеза до античката историја. Како што Ташковски вели, единствената условно кажано “придобивка” од 19 вековната “антиквизација” било што полека македонските Словени почнале да развиваат една различна, не-грчка, не-српска и не-бугарска, туку автентична македонска идентификација.
Она што Ташковски дополнително го кажува за овие процеси на оживување и ставање на антиката во некој етнички, или прото-национален контекст е дека тоа било резултат на дејноста на не толку стручни и поалку несмасни учители, како на пример Ѓорѓија Пулески. Неговиот аргумент во голема мера е дека всушност, ваквото македонско-словенско реинтерпретирање на античката историја, е всушност мисинтерпретирање на митот пласиран од грчките инстанци, кој имал за цел да ги придобие македонските Словени. Во даден момент, митот за потеклото од Александар бил изваден од грчкиот контекст, и ставен во контекст сам за себе; или едноставно, митот бил прифатен селективно, без прифаќањето на обрврската за лојалност кон грчката држава.
Но, како што вели Ташковски, во контекстот кој тој го смета за раѓање на македонската нација, надоаѓа еден нов наратив – а тоа е македонскиот словенски (прото)национализам, чии најистакнати дејци биле Крсте Петков – Мисирков и Димитрија Чуповски. За разлика од голем дел од “антиквизаторите” кои се стекнале со некое поскромно патријаршиско образование, Мисирков и Чуповски биле далеку повеќе образовани, патувале во странство и претставувале вистинска интелектуална елита (по некој претпоставен образец за тоа што е интелектуална елита). Како што Ташковски вели, тие со своите интелектуални теории, буквално успеаа да ги збришат “антиквизаторите” и ненаучниот романтизам испириран од Александар Велики.
Официјалната македонска национална идеологија во Југославија (кога и Ташковски ги промовира овие тези), таканаречениот Македонизам, базиран токму на делото на Крсте Петков – Мисирков, иако во еден поширок контекст бил инклузивен кон античкото наследство, токму поради предоминацијата на словенскиот наратив дури и ги “запоставувал” овие 19 вековни “антиквизаторски” состојби – тоа е можеби и причината што приодите како овој на Ташковски се малку познати во јавноста. Како и да е, во последно време, македонската историографија полека почнува да ја отвара темата за дебатите во 19 век, но со една доза на емотивна вмешаност; така на пример ретко во кој од поновите трудови на таа тема да се сретне аргументот за грчкото влијание во дисеминацијата на античките митови; додека пак се промовира тезата дека помеѓу македонските Словени/Славофоното население преданијата за Александар биле зачувани “органски”. Меѓутоа, освен постоењето на неколку средновековни легенди за чија “популарност” има минимален број на референци, овие тези се малку потешко поткрепливи.
Современата македонска антиквизација: “Ние не сме Грци, Бугари ни Срби, чеда сме на Александар, гордост македонска”
Почетоците на современата антиквизација, секако не се во преименувањето на аеродромот “Петровец” во аеродром “Александар Велики”. Митот за директна врска со антиката беше една од основните нишки на македонскиот национализам предводен од ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред, а особено по стекнувањето со независноста од Југославија.
Интересно е да се види кое е објаснувањето на Љубчо Георгиевски, тогашниот лидер на партијата, и своевиден гласник на македонскиот анти-југословенски национализам (анти-македонистички, во смисол против официјалниот југословенски македонизам). Тој во еден текст објавен пред извесно време во магазинот “Фокус”, посочи дека античкиот мит тој го прифатил пред се’ како средство за будење на Македонците од југословенскиот сон. Во исто време тој додава, дека митовите за Александар и Античка Македонија пред 1990тите биле далеку многу пораспространети помеѓу дијаспората, отколку во самата Македонија. Оваа забелешка е многу клучна, затоа што не’ води до една од главните поенти во текстов.
Не е само Георгиевски автор (и непосреден актер) кој ја посочува дијаспората како фактор за пласирањето на античките митови во Македонија. Тука се и еден ред антрополози и воопшто истражувачи на македонското ново прашање, како на пример Лоринг Данфорт, кои посочуваат на истото. Аргументот позади овие тврдења најчесто се состои во тоа дека токму дијаспората составена пред се’ од мигранти од Грчка/Егејска Македонија (а од нив голем број бегалци поради грчкиот егзодус), ги негувала овие сеќавања, првенствено затоа што биле дел од нивната колективна меморија (затоа што биле и претходно изложени на грчкиот образовен систем кој ги поучувал дека како Македонци (во “грчка” смисла) се потомци на Александар). Важноста на реинтерпретацијата на овој мит бил клучен за нивната македонска, не-југословенска и не-грчка идентификација: од една страна, преку давањето на не-грчки, македонски контекст на антиката, тие ја канализирале фрустрацијата кон грчкиот репресивен државен систем на асимилација од кој пропателе; од друга страна, преку давањето на антички контекст на нивниот македонизам, тие отворено се спротиставиле на мејнстрим “југословенштината”, од која исто така пропателе (пред се’ поради “забивањето на нож во грб” од страна на Тито во текот на Граѓанската војна во Грција, што подоцна довело до нивниот егзодус).
Впрочем, изненадувачки е податокот колку од клучните актери за динамиката на грчко-македонските “спорови”, потекнуваат токму од оспорениот регион на Грчка/Егејска Македонија. Манолис Андроникос, археологот кој во 1979 го откопа и потоа “погрчи” Сонцето од Вергина (што е доста оспорувано откритие од страна на светската археологија, делумно поради неговата потенцијална емотивна инволвираност), е по потекло од Бурса, а уште како дете бил дел од “размената” на население по која се заткнал во својот нов дом, Грчка Македонија. Слично е и потеклото на семејството Караманлис, од кое произлегоа двајца грчки државници во последните 20-30 години, кои беа исто така прилично влијателни на одвивањето на спорот. По потекло од Грчка Македонија е и Евангелос Кофос, најпознатиот грчки историчар на македонското прашање и инженерот на надворешната грчка политика кон Македонија во раните 1990ти. Од македонска страна, Егејско потекло има Васил Тупурковкси, сивата еминенција на македонската политичка сцена, кој меѓу другото, е заслужен и за влегувањето на Александар во популарната култура преку неговите “Сказни за древна Македонија” уште во 1990тите. Од Егејска Македонија потекнува и самиот Никола Груевски, премиерот и патронот на современата антиквизација, а и Милчо Манчевски, човекот кој во своите дела можеби не го третира античкото минато, но како многу важен елемент го има и прогонот на Славофоните/етничките Македонци од Грција. Иако постои опасност ваквата теорија лесно да се интерпретира во “заговор против Егејците”, сепак, потенцијалната емотивниотост на луѓето кои потекнуваат од овој регион не смее да биде потценета. За Грците, особено доселените од Мала Азија, Грчка Македонија е симболички нивен Израел, а за протераните Македонци, Егејска Македонија, по таа аналогија, е нешто налик на изгубената Палестина. Од друга страна, ако Македонците со потекло од Грчка/Егејска Македонија ги прифатиме како важен фактор во оформувањето на македонските позиции кон Грција виз-а-ви античкото наследство, имаме ситуација многу слична до онаа која што ја опишува Ташковски, во поглед на 19 век: дисеминирана е грчката верзија на митот на Александар (кој е дел од колективната меморија на “Егејците”), но тој е прифатен селективно, затоа што не се прифаќа обврската дека заради потеклото од Александар треба да се биде лојален кон Грција; напротив, за нив (а и за оние кои не се по потекло од Егејот а го прифатиле митот), потеклото од Александар имплицира лојалност кон Македонија.
Каде сме денес?
Анастасија Каракасиду, познат грчки антрополог на македонското прашање и “дисидент” на грчките мејнстрим наративи, во еден од своите текстови посочува дека по освојувањето на дел од Македонија во 1913, грчките власти започнале да вршат национализирачки процеси во местата со предоминантно Словенско/Славофоно население на повеќе начини, меѓу кои главни биле поставувањето на бројни споменици од античкото и неантичкото доба, и на воведување на нови национални празници и прослави. Се разбира, не алудирам на монументализирањето на Македонија денес, затоа што ова се практики типични за секое “национализирање” (Хобсбаумовиот концепт на “измислување традиции”), но сличноста е очигледна, особено кога во Македонија денес се дебатираат мегаломанските споменици (од кој најимпозантен е тој на Александар) и воведувањето на нови празници за кои граѓаните и сеуште не се информирани.
Всушност, тоа е уште еден аргумент кој води кон заклучокот, дека она што се случува денес во Македонија – “помакедончување” воглавно преку митот за антиката, е копија на грчкиот модел. Во 19 век, грчките свештеници се труделе на народот во Македонија да му објаснат дека потекнува од Александар, и затоа всушност, треба да биде лојален кон Грција. Денес, македонските власти, велат дека поради Александар, “И ти си Македонија!”. Во 19 век, официјалната грчка доктрина, користејќи ја филхеленската заспаност на Европа, успеала да си создаде национална идеја во која целиот антички Хеленски комонвелт со сите свои комплексности, бил проектиран како почетокот на грчката нација. Денес, историските комплексности се поедноставени од официјалната македонска доктрина, и почетокот на нацијата се трасира па дури и пред Античка Македонија, во “Македонскиот неолит”. Како што Грција својот имиџ пред светот веќе век и пол го гради преку антиката (во што и успеала); денес Македонија е таа која официјалната “антиквизација” ја инаугурираше токму од главниот аеродром, првиот и главен симбол на односот на државата према остатокот од светот.
Но, не е се’ само околу антиката. Грција, освен за парадигматски случај на“антиквизаторска” држава, важи и за екстремно “национализирачка”, и “хомогенизирачка” држава. Иако започнала од индоктринација, градење споменици и воведување нови празници, многу бргу грчката држава започнала да спроведува и целосно тоталитарниполитики, како на пример забранување на јазиците на малцинствата и воведување јазични полиции, присилно асимилирање регулирано со закон, па дури и терање на граѓаните да ги фарбаат своите фасади во “националните бои” – сино и бело. Токму етничките Македонци кои потекнуваат од Егејска Македонија најдобро знаат за тие процеси. Во исто време, на патот до хомогенизацијата, Грција поминала низ национални шизми, преврати, воени хунти и крвава граѓанска војна. И после се’, денес Грција сеуште се декларира како хомогена нација без етнички малцинства, и го прогласува Александар Велики за најголемиот Грк на сите времиња.
Од друга страна, Македонија е држава која настанува по друг рецепт, оној на само-определувањето, и им се допаѓало тоа или не на многумина, со голема улога на комунистите. Иако имало иредентистички пројави од самото основање (повиците за обединување), и за нив е дискутабилно колку тие биле израз на само-определба а колку на титовиот империјализам. Сепак, едно е јасно – Македонија е основана на поинаква основа и како поинаква држава од Грција, во целосно поинаков контекст.
Македонија, и покрај добрите предуслови да гради мултикултурен, па и постмодерен дискурс, се чини постои голема опасност целосно да се “шифутва” кон типичниот модернистички 19то вековен грчки модел на градење на нација, и тоа токму со прифаќање на грчките “финти” поврзани со Александар. Во исто време, се чини “национализирањето”, “антиквизирањето” и “хомогенизирањето” почнуваат да си го земаат “данокот на анахроноста”. Денес бар, може да просведочиме на два процеси кои се резултат на прифаќањето на ваквиот дискурс.
Првата пројава е национализирањето на граѓанството на Македонија (претежно однесувајќи се на етничките Македонци), на тој начин што се создава матрица на она што е македонско (И ти си Македонија!), и подоцна се вложува труд таа матрица да се наметне врз граѓанското ткиво, без оставање право на избор. Токму затоа проблем се јавува кога оние со “немакедонски” презимиња (како авторот на овој текст) почнуваат да дискутираат за националните прашања (што на долг рок може да вроди со големи меѓуетнички тензии); се јавува проблем кога одредени ентитети и поединци ќе се впуштат во дебатата, само заради претпоставката дека не се водат од националниот, туку од друг интерес (на пример, оние поврзани со Институтот Отворено Општество – инаку “Соросоидите” се сметаат за “про-скопски” ориентирани предавници и во Грција); и се јавува проблем кога некој воопшто ќе се спротистави на ваквата мејнстрим политика (слично е и во Грција – споменатата Каракасиду се соочуваше со цензура и смртни закани заради “предавство”). Парадоксално, меѓу другите етикети кои “предавниците” во Македонија ги добиваат е онаа на “анти-Македонци”; при што индиректно се имплицира дека состојбата Македонец/ка е резултат на став или определба, а не на идентификување (многу слично како со грчкиот идеолошки а не идентитетски концепт на (нео)Хеленизам). Иако условите и темите на кои се развиваат ваквите, условно кажано, дебати (велам условно, затоа што се често базирани на емоции, а не на аргументација) варираат, она што е обединувачкото за “национализирачката” страна е што секогаш се сведува на историскиот аргумент за директната врска помеѓу Античките и современите етнички Македонци и историските права кои произлегуваат од неа – исто како и во Грција.
Втората национализирачка манифестација, пак, се случува како колатерална штета од првата. Таа се согледува во национализирањето на историјата, културата и симболиката. Се инсистира на “македонскоста” на античката, но и пред-античката историја (на пример, истражувањата за “македонскиот неолит”). Се создава бурлескниот концепт на Македоноидност, кој иако формулиран како во Молитвата кај Томиќ звучи навистина лудачки, сепак е јасно поврзан со сентиментот на една расна супериорност кој полека се развива кај Македонците. Македонски (во национализирачка смисла, вредносно определена со националите митови и сентименти) стануваат одеднаш и некои многу поопшти поими: кирилицата, на која ако не пишуваме – не постоиме; плоштадот, кој ќе стане Дизниленд на националните митови; македонска станува и науката, чија цел е да се рационализираат сентиментите наместо да се бара некаква објективност; а македонски стануваат и љубовта и сексот, чија цел е да продуцира (фабрички, како на лента) нови и млади Македончиња.
За жал, никако моќниците да сфатат дека тоа е пристап од пред 150-200 години. Дека токму таквиот дискурс сервиран од страна на македонски власти е поопасен за постоењето на Македонија отколку било која преименувачка тенденција или надворешна закана. Како што реков, прототипот на таквиот модел, Грција, за да може да се гордее со античка хомогена и славна нација, платила со шизми, поделби, граѓански војни и политички кризи. Се надевам дека никој не е спремен ниту да помисли да ја изложи Македонија на истото.
Related posts:



M. | Dec 23, 2009 | Reply
spokojno i otreznuchki, no i naivno vo umerena doza, i pak otreznuvachki…
[Translate]
sandinista | Jan 22, 2010 | Reply
Генерално, ми се допаѓа стилот на кој е напишан текстот и мислам дека има вредни поенти.
Ама една работа е тенденциозна.
Изедначувањето на барањето антички корени со хомогенизација на државата.
Не е можно „антиквизацијата“ (за која постојат сериозни историски основи во нашиот случај) да „оди“ со мултиетничка држава?
Што, зар треба да ја премолчиме историската лага на Грција (а и на целата западна цивилизација која и ја овозможува таа лага) за „грчката“ Македонија?
Иако се согласувам дека некои работи се водат погрешно, па на крај испаѓаат и смешни.
[Translate]
Гочо Тенев | Mar 28, 2010 | Reply
Паисий Хилендарски, родом от Банско пише против гркоманите во 1762 година :” О неразумне и юроде, поради що ся срамиш да се наречеш болгарин…”
[Translate]