Деконструкција на митот за МПЦ

[оригинално објавено во Глобус 02.03.2010]

Со повикувањето на митологизирани историски наративи, МПЦ и нејзините сојузници си прават само лоша услуга

Пишува: Анастас Вангели

Еден од клучните моменти во развојот на македонското општество во последните десет години е зголемената улога на верските институции во јавниот дискурс. Од нив, секако предничи Македонската православна црква (по ново, со суфиксот Охридска Архиепископија).

Република Македонија според Уставот и законите е имплицитно дефинирана како секуларна држава, во која институциите на државата се одвоени од религијата. Сепак, религијата и верските институции често пати се наоѓаат во улога на политички актери, а нивните интереси се интерпретираат како политички интереси. Од една страна, тоа е така затоа што навистина религијата има традиционално политичка улога на овие простори уште од времињата на Источното Римско Царство, од друга – во голем обем, верските поделби соодветствуваат на етничките и токму затоа и верата спонтано станува агенс на етничкиот национализам. Како и да е, според испитувањата на јавното мислење, токму верските заедници уживаат најголема поддршка меѓу сите јавни актери (парадоксално, на првото место по стекната доверба се некаде изедначени со армијата), државата се’ повеќе празнува верски празници, а свештените лица се неодминлив декор на јавните манифестации. Дополнително, со своето често произнесување по политички теми (што самото по себе не е погрешно, но погрешен е настапот од позиција на авторитет како што свештените лица милуваат да настапуваат), религијата и де факто длабоко навлегува и во јавната и во политичката сфера, одвојувајќи се од сферата на духовноста.

Македонската православна црква (во натамошниот текст МПЦ-ОА или МПЦ) како посебна институција, впрочем, пледира и на „загарантираната” традиционална политичка улога (повикувајќи се на наследството на Охридската Архиепископија), но и самата се претставува како институција која и духовно, но и политички ги застапува етничките Македонци (затоа, освен што е православна, таа е пред се’ македонска). Притоа, претставниците на МПЦ-ОА свесно или несвесно се повикуваат на нејзината историска улога, а тоа со збор и дела го потврдуваат политичките елити.

„Духовноста, религијата и верата се вековната храна на македонскиот идентитет во сите премрежиња низ кои поминувал македонскиот народ. Освен центар на христијанство, црквата отсекогаш била центар на образованието на македонскиот народ, столб на човечката пристојност и на јавниот морал. Оттаму, исклучително место во македонската држава и во македонското општество зазема Македонската православна црква.” – од Доктрината за вредностите на ВМРО-ДПМНЕ, 2009

“Нашиот пристап кон религијата и црквата е јасен: ние ја гледаме црквата како клучен историски чинител во развивањето и во зацврстувањето на македонскиот национален идентитет.” – од Решенијата за Македонија на СДСМ, 2010

“Без народ нема држава. Без држава нема опстој на народ. Без народ и држава нема опстој на автокефална црква. Без црква нема опстој на народ и на држава, од причини што не може да се доживее полнотата на слободата, државотворна, национална, културно-просветна и духовна. Македонскиот богољубов народ и држава го претставуваат нашиот македонски организам, нашето тело. Македонската црква е нашата македонска душа.” – Владиката Кирил, во интервју за „Македонско сонце“, 2007

Еден од апсолвираните митови со кои секојдневно се соочуваме е секако оној за историската улога на МПЦ. Како што може да се види од приложеното, митот е првенствено промовиран од претставници на самата Црква (а понатаму прифатен и од „десницата” и од „левицата”), кои сосем погрешно го поврзуваат постоењето на државата со опстојувањето на Црквата. Впрочем, МПЦ е релативно „нова творба”, од крајот на педесетитте од минатиот век. Македонската државност опстојувала повеќе од една декада без своја црква (во периодот од 1945-1958/9), и тоа е период во кој државата всушност забележала голем напредок – меѓу другото, што е многу важно – значаен успех забележала во описменување на населението, со што директно се демаскира тврдењето дека Црквата била отсекогаш центар на образованието и е поврзана со денешната писменост.

МПЦ, исто така, и нема баш многу врска со создавањето на македонската нација, првенствено затоа што македонската нација не е верски хомогена, туку напротив, е прилично шаренолика. Секое поврзување на Црквата со македонската државност на начин како што тоа го прават владиците (државата – тело, Црквата – душа) е кобен по опстанувањето на Македонија. Значителен број на граѓаните на Македонија се муслимани, римокатолици, методисти, протестанти, Евреи, припадници на Харе Кришна, Јеховини сведоци, будисти, но и неверници; и секако православни христијани кои не се идентификуваат со МПЦ. Кога говориме за македонскиот национален идентитет, не смееме да си дозволиме да вмешуваме институции кои не соодветствуваат на мултикултурниот карактер на општеството.

Но, дури и да ја дефинираме македонската нација етнички и верски, преку призмата промовирана од македонските националисти, како составена од православните етнички Македонци (минус сите Муслимани, Албанци, останати малцинства и секако „предавниците”), дури и тогаш има сериозни недостатоци при образложувањето на историската улога на МПЦ. Ако се прифати тврдењето дека таквата етничка нација се создала паралелно со државата, повторно во очи паѓа фактот дека меѓу создавањето на државните институции, кодифицирањето на јазикот и разививањето на македонската култура од една страна и воспоставувањето на МПЦ како посебна Црква од друга, има период од една и пол декада.

Ако се земе пак „историцистичката” теза како точна, дека македонската (етничка) нација се создавала уште во 19 век, тогаш јазолот се заплеткува уште повеќе. Од една страна, може да се посочува на „воцрковеноста” на Македонската револуционерна организација, но, не смее да се испушти од предвид дека многу од илинденците и воошто мнозинството од револуционерните дејци во тоа време биле поврзани со Бугарската егзархија (многу од нив биле и учители во егзархиските школи). МПЦ со оваа приказна и нема врска, особено што се јавува неколку декади подоцна. Најбизарен случај во целата оваа е приказна е оној на Гоце Долчев. Многу кукушани во тој период, а меѓу нив и „најголемиот македонски син”, биле унијати (лојални ниту на Патријаршијата, ниту на Егзархијата, туку на папата). Понатаму, унијатот Делчев го прифатил социјалистичкото-анархистичко учење (без богови, без господари) – станал неверник. Денес, истиот тој Делчев е закопан во православниот храм Св. Спас, а секоја година поповите му го полеваат гробот со вино и одржуваат православни обреди врз него.

Од друга страна, генезата на МПЦ може да се бара единствено во идеите на македонистите, во прв ред на оние на Крсте Петков Мисирков, кој предложил возобновување на Охридската Архиепископија (исто како што ги обвинувал припадниците на МРО и ВМК за насилните методи на работа и за соработката со Бугарија, а особено со Егзархијата). Сепак, меѓу времето на Мисирков и воспоставувањето на МПЦ на има неколкудецениска временска разлика.

Самото создавање на МПЦ е прилично контроверзен историски настан кој допрва треба да се расветлува. За жал, секој обид за непристрасно деконструирање на корените на МПЦ во периодот од 1950 дп 1960 година се дочекува на нож.

Едноставно кажано, додека комунистичките режими во соседството и низ Источна Европа рушеле цркви (на пример во Албанија и во земјите сателити на СССР),југословенскиот режим не само што ги запазил постојните национални цркви, туку дозволил и формирање на нови. Така, во 1958 и 1959, епархиите на Пеќката Патријаршија (СПЦ) на територијата на Македонија барале и добиле автономија, и ја формирале МПЦ, која, сепак, останала во канонско и во литургиско единство со Пеќ. Во 1967 пак (на 200 годишнината од неканонското укинување на Орхидската Архиепископија), МПЦ еднострано прогласила автокефалност и се прогласила себеси за модерен наследник на Орхидската Архиепоскопија, спротивно на каноните на православието, и спротивно на волјата на СПЦ. Меѓутоа, за таквиот чекор МПЦ имала целосна поддршка од комунистичката власт, во одредена мера поради симпатиите кон Македонија, но и во одредена мера како санкција за СПЦ која била блиска до протераното српско кралско семејство. Тоа и овозможило на МПЦ протекции од државата (меѓу другото и подарување на земјиште во центарот на Скопје за изградба на Соборниот храм), но цената за тоа што морала да ја плати и што ден денес ја плаќа е непризнавањето и класифицирањето како шизматичка од православната екумена. Често пати фактот што ниту една друга православна црква не ја признава МПЦ, се поврзува со одредени политички причини (а понекогаш и со конспиративни теории за плановите за уништување на Македонија и на Македонците), меѓутоа, никогаш не се поврзува со она што го тврдат без исклучок сите православни цркви во светот – дека автокефалноста на МПЦ е „самопрогласена” и дека за да биде признаена како релативно независна мора да се врати во канонско единство со СПЦ. Според неговите тврдења, обид за таков чин имаше митрополитот Јован Вранишковски во 2002 година, кој набргу заврши етикетиран како „расколник”; а набргу, државата со прекршување на многу процедури го стави зад решетки во спор кој го предизвика многу негативно внимание од страна на целиот свет и особено од борците за човекови права. Колку за илустрација, Вранишковски од „Амнести интернешенал“ беше прогласен за затвореник поради сопственото убедување (секуларен еквивалент на „маченик”). Собранието пак, во 2004 побрза да донесе Декларација за (морална) поддршка на МПЦ поради овие околности, директно погазувајќи го принципот на секуларност.

Аргументот на МПЦ е дека нејзиното право на автокефалност потекнува од врската со историската Орхидска Архиепископија. Меѓутоа, освен тоа што центарот на таа црква (Охрид) се наоѓа на територијата на Република Македонија и е под јурисдикција на МПЦ, нема многу работи кои би ги поврзале црквите од двете епохи. Историската Охридската Архиепоскопија, од секогаш била во канонско единство со Цариградската Патријаршија. Навистина, таа имала улога во ширењето на словенскиот јазик и писменост, но и натаму нејзин службен јазик останал да биде грчкиот. Сепак, Охридската Архиепископија, во духот на своето време (од Византија, па се’ до отоманскиот 18 век кога била укината), имала исклучиво сехристијанска и екуменска улога, и затоа е бесмислено да се поврзува со каков било национален проект, вклучително и македонскиот. МПЦ, за разлика од историската Охридска Архиепископија, е формирана како национална црква, во духот на сопственото време (впрочем, по 19 век секоја православна црква има национална улога).

Уште една голема заблуда која што се врзува за „историската улога” на Црквата воопшто, е нејзината функција во „одржувањето на духот” за време на „турското ропство”. Припадноста кон една од религиите од светите книги, меѓу нив и православието, била предуслов за стекнување со тогашните политички права во империјата. Значи, Црквата во отоманскиот период претставувала институција на системот и била задолжена за многу работи, меѓу кои, на пример, било и собирањето данок. Една од главните причини за укинувањето на Орхидската Архиепископија во 1767, не е како што митоманите сакаат да ни претстават, „исконското противење на се’ што е македонско”, туку едноставно неефикасноста на поповите во собирањето на данокот. Црквите не го одржувале духот на населението, тие го одржувале отоманскиот систем и затоа нема логика тврдењето дека тие го гаеле духот на независност кај народот. Во 19 век пак, со прифаќањето на нацоналистичкиот принцип на Балканот и со национализирањето на улогата на Црквата, најмалку од се’ која било црква имала некаква улога во т.н. „будење на македонската национална свест”. Додека грчките свештени лица активно биле вклучени во нивната „македонска борба” против револуционерните дејанија, Бугарската егзархија држела до интересите на Софија. Возобновената Пеќка Патријаршија (СПЦ) пак, држела до српскиот национален интерес. Така, во 19 век, единствената улога која црквите ја играле била продолжена рака на соодветните „дипломатии” во Македонија, без никаков придонес во процесот на формирање на каков било македонски национален идентитет. Затоа, паролите на владиците на МПЦ, заедно со паролите од памфлетите на ВМРО-ДПМНЕ, но и на СДСМ, освен што претставуваат опасност по македонскиот мултикултуралистички модус вивенди, немаат ни историска заснованост.

Се разбира, воопшто и не е важна „историската основа” за легитимитетот на МПЦ. Таа денес обединува илјадници верници и тоа е она што нејзе треба да и даде легитимитет. Со повикувањето на конструираните и на митологизирани историски наративи пак, МПЦ и нејзините сојузници си прават само лоша услуга, не давајќи им мир на духовите од минатото. Со обидот за исправање на историските неправди пак, МПЦ уште толку длабоко се закопува во изолација. МПЦ и нејзините сојузници, политичките партии и секако државата, излегуваат како многу поголеми губитници кога се повикуваат на митовите за минатото и кога гонат „расколници”, отколку кога би ги изолирале таквите случаи како проблем на цивилното општество и кога не би реагирале панично и параноично, употребувајќи го целиот расположлив апарат во својата „историска” борба: од полицијата и судовите, до медиумите.

Ако може да се посочи одредена пресвртна точка во современата историја на Македонија во која МПЦ влетала во политичкиот дискурс, тоа сигурно е конфликтот во 2001. Освен перцепцијата за „органската поврзаност” и „долгот” кон македонскиот етнос, дополнителни фактори кои придонесоа за политизирањето на улогата на МПЦ беа и нападите на манастирите од страна на албанските герили. Особено сликовит пример за тоа беше опустошувањето на Лешочкиот манастир, кој во македонската етнонационална митологија има големо значење, особено во поглед на конфронтацијата со „Арнаутите” кои го биле запалиле во одамна минато време. Владиците на МПЦ тие настани ги искористија како можност да истапат во јавниот дискурс со барања за построга реакција на државата и демонстрирајќи антизападни ставови (а меѓународните олеснувачи беа клучни фактори во изнаоѓање мирно решение). На крајот, некои од владиците се свртеа и против тогашниот претседател Борис Трајковски, но само поради тоа што тој беше методист, нарекувајќи го „секташ” и настапувајќи крајно ксенофобично.

Дека веројатно МПЦ беше блиска со одредени владејачки структури од тој период, можеше да се види и со неколку настани кои следеа, а водеа кон директна десекуларизација на македонското општество. Највпечатлив од нив беше секако градењето на железниот “Милениумски крст” на врвот на Водно, на државно земјиште, по иницијатива на Владата на Љупчо Георгиевски, а со благослов на МПЦ. Освен перцепцијата на Крстот како на средство за „обележување територија” по конфликтот во 2001, особено болно за граѓанскиот концепт беше повредувањето на јавниот простор. Врвот на Водно, видлив од секој агол на Скопје и околината, од јавен стана сакрален простор, во кој се смести симболот на едно од многу верски убедувања, без сензибилитет за различностите и без никаква консултација на волјата на граѓаните. „Во името на Крстот”, освен што со години се плаќаат сметки и собираат пари (а учество има и Владата со јавни средства), периодов и се сечат огромни површини шума од националниот парк, што уште попластично ја отсликува природата на целиот проект “Милениумски крст”, некаде помеѓу самоволието и деструкцијата. Многу похристијански ќе беше со тие пари дадени за градба и сметки да се изградеа училишти и болници, отколку да се тера таков егзибиционизам.

.Дека МПЦ не беше останала рамнодушна кон збиднувањата од 2001 се виде следната година во една пригода, кога при промоцијата на офицери во специјалните единици на МВР, заедно со тогашниот министер Љубе Бошкоски, „чиноначалствуваше” со настанот (некои од новите офицери, според информациите, беа муслимани). Притоа, на новите офицери им беа поделени плочки со ликот на Исус и со испишани молитви, давајќи му верска димензија на нивното промовирање. Подоцна, излезе дека полициските сили имаат и свој светец-заштитник (Свети Димитрија), и дека повремено свештени лица си обавуваат свои свештенички должности поврзани со тоа.

Бргу по конфликтот уследи случајот „Вранишковски” и веќе споменатото вмешување на државата во црковните работи. Случајот, кој за малку не предизвика посериозен меѓународен конфликт меѓу Македонија и Србија, ги мотивираше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја предложат контроверзната собраниска Декларација за поддршка на МПЦ, изгласана со поддршка и на СДСМ во 2004 година. Десекуларизацијата бележеше континуитет и во наредниот передиот, па така во 2007 година беше донесен целосно нелиберален закон за верските заедници во кој им се загарантира монополот на МПЦ (поради преседанот со Вранишковски) но и на ИВЗ (поради случајот со бектешите). Законот во таква форма не беше компатибилен со европските директиви и предизвика жестоки критики од повеќе страни. Преставниците на МПЦ и нејзините поддржувачи повторно се повикуваа на историската улога, но и на случајот со „расколникот” за да ги оправдаат ваквите одредби.

Истата година, тогашниот претседател Бранко Црвенковски со указ ја одликуваше МПЦ со највисокото одличје за заслуги кон државата, „Орден на Република Македонија”. Вистинската причина за ова одличје секако беше 40 годишнината од самопрогласената автокефалност на МПЦ, додека вистинските заслуги баш во тој период беше тешко да се увидат, дотолку што токму вмешувањето на МПЦ во јавниот дискурс предизвика сериозни критики и замерки од сите страни кон Републиката.

Во меѓувреме, се случија работи за кои и не треба многу потсетување: паралелно со „фантомската” кампања за забрана на абортусот, владици на МПЦ пишуваа за чедоморки и блудници. Од друга страна, архиепископот, усојузен со владата, повикуваше на „креирање рожби”. Понатаму, Владата на Груевски се впушти во уште еден контроверзен десекуларизирачки проект – воведувањето на веронауката – се разбира, со силна поддршка од Црквата. За среќа, веронауката не успеа да помине поради ригорозноста на Уставниот суд; но тоа предизвика нов бран „десекуларизација” но и атака на владеењето на правото, бидејќи Уставниот суд беше веднаш изложен на сериозни политички напади (меѓу другото, во тие напади учествуваше и архиепископот Стефан кој најавуваше и промена на Уставот). Тоа не помина несанкционирано од секоја поважна меѓународна организација.

Во последнава етапа од десекуларизацијата, слично како со крстот на Водно, православието повторно физички се наметнува врз јавниот простор со учеството во дистопискиот проект „Скопје 2014”. Овој пат тоа е преку изградбата на сакрален објект на градскиот плоштад од страна на МПЦ, на земјиште подарено од Владата на Република Македонија, под сомнителни правни околности. За да биде сликата комплетна, кога минатата година следбениците на МПЦ опремени со крстови и со соодветна иконографија нападнаа недолжни граѓани кои беа излезени на Плоштадот да го изразат своето демократско право на протест против ваквата идеја, Црквата молчеше и не го осуди насилството.

Царството на МПЦ наспроти царството небеско

Последни вести поврзани со МПЦ се бизнис скандалите во кои Црквата е замешана. Впрочем, и тешко е дури и една Црква да одолее на искушенијата кои ги носат бизнисите, затоа што МПЦ од ден на ден располага со се’ поголем имот. Таа е прилично богата и пред се’ имотна „невладина” организација, која допрва треба да се стекнува со приватна сопственост на свое име, како што ќе напредува денационализацијата (според некои податоци, МПЦ би требало да поседува најмалку 20 илјади хектари обработливо земјиште, пасишта и шуми што е околу осум проценти од територијата на Република Македонија). Парадоксално е што веројатно најголемиот број од тие имоти биле национализирани пред создавањето на МПЦ како таква.

МПЦ редовно собира фондови и од граѓаните, а особено добар „фанд-рејзинг” има во дијаспората. Добива пари и бенефиции од државата, а не е јасно како тоа го користи, затоа што на многу места постојат запуштени цркви и манастири (па затоа се случи и пожарот во манастирот Св. Јован Бигорски; а оној во Курбиново на пример со години е на оставен на забот на времето) и отсуствува добротворната работа, типична за христијанските заедници. Многу објекти на МПЦ можат во иднина да бидат на удар на УЈП затоа што не плаќале данок (во своја одбрана тие велеа дека „биеле камбани” за одредени партии, па очекувале долговите да им се простат). Од друга страна, видлив траг од трошењето на материјалните средства на Црквата е често коментираниот возен парк на владиците, кој слободно може да се спореди со оној на американските рап ѕвезди (анегдотите кои кружат пак за одредени локални попови, кои располагаат со огнено оружје, се оддаваат на алкохол и млади девојки, дополнително придонесуваат за имиџ сличен на оној на американските рап ѕвезди).

Црквата, впечаток е, веќе со години на ред си дозволува буквално „испади” во јавниот дискурс – почнувајќи од ксенофобијата кон „методистот Трајковски”, до мизогинијата, до ставањето над законите и безобѕирното узурпирање на јавниот простор, како и бесмислениот етнички национализам (или грев познат како етнофилетизам – на пример, владика си дозволи да коментира дека бил многу возбуден затоа што некој од гостите Хунзи му личел на Александар Велики?! Во исто време, Црквата остана нема, а со благи симпатии кон богохулничката „Македонска молитва”, филмот во кој Господ им се обрати на Македоноидите). Во ваквата очигледна политичка кампања, сојузници секако и’ се најголемите политички партии, кои под превезот на етнонационалниот мит за нејзината пресудна историска улога се натпреваруваат кој повеќе ќе ја заштити. Така, скорешни се мемориите од пристигнувањето на „расколникот” назад во Македонија, а и сликата на загрижените социјалдемократи кои го прекоруваа Груевски дека премногу бил толерантен кон него.

Жалното во оваа приказна што МПЦ денес е пренаменета, од верска и духовна, во целосно материјалистичка и политичка институција. Осудена од православната екумена како шизматичка, таа упорно тера правдини против своите „расколници”. Заштита бара во „царството земско” (а и од земскиот кеш), наместо да се фокусира на она што и треба да и биде примарна цел – „царското небеско”. Наместо да се бори за љубов, толеранција и хармонија, таа постигнува контра-ефекти: им суди на „развратничките” и свесно учествува во проекти на раздорот (како што се Крстот на Водно и храмот кој се гради на Плоштадот).

Се чини дека во ваквите случаи, секуларниот концепт би им помогнал на сите оние кои се залагаат за граѓанско општество, но и на самата МПЦ. Кога велам секуларен, алудирам на концепт во кој што институциите на системот и верските институции би биле одвоени до тој степен што вториве би биле на ниво на невладини организации и здруженија на граѓани. Така, првенствено би се прекинало политичкото митологизирање на историската улога на Црквата на овие простори и би се растоварил јавниот дискурс од товарот на верата, „која, нели, со векови го одржувала духот на народот”. Понатаму, би се намалило значењето на црковните спорови во политичката сфера на државата, но и би се растоварила самата Црква во меѓународните спорови, затоа што нема да настапува од позицијата на „душата на народот”, туку од позиција на група на луѓе што веруваат во Господ и на кои многу полесно ќе им биде да функционираат во тој свет. Тоа, секако, би им овозможило на свештените лица да се фокусираат на она за што се обучувани – свештена и духовна, а не политичка и економска дејност. Така и не би се потресувале околу „расколници” и „предавници”, веројатно би олабавиле и со „изгреви” и со земјишта, а на светот би му дале пример како една православна црква, иако обременета од долгите истории и строгите традиции, може да функционира на еден постмодерен начин, во едно граѓанско општество. Затоа што сепак, на свештеникот местото му е во храмот, а на храмот не му е местото на плоштадот; исто како што на крстот му е местото во душата, а не на врвот на Водно.

Related posts:

  1. Отоманските корени на Македонците
  2. Македонската “антиквизација” како копија на грчкиот модел на градењето на нацијата
  3. Говорот кој го држев во Атина, 04.07.2008, на 13тиот Антирасистички фестивал

RSS Feed for This PostPost a Comment