Во политиката нема место за Господ [интервју со надополнувања]
Што е, според Вас, заднината на посетите на црковниот врв на МПЦ на седиштата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ?
Мислам дека нема некоја посебна заднина. Мојот впечаток е дека сите засегнати страни во случајов се однесуваат типично за досегашната воспоставена политичка практика во Македонија. Посетите на лидерството на МПЦ во седиштата на политичките субјекти и негувањето на политичките врски се еден од домените на дејствување на МПЦ, се типични за нејзиниот профил. Црквата во Македонија има изразена политичка функција и изразена бизнис функција, а помала екуменска и духовна улога. Одржувањето блиски контакти и со владејачката партија и со најголемата опозициона партија е навистина мудар политички потег- впрочем, партиите се менуваат на власт, а МПЦ останува, и мора да се грижи за сопствената иднина.
Од друга страна, во период на интензивна политичка мобилизација (без оглед на тоа дали е тоа за избори или не), интересот на партиите е да остварат контакт и соработка со што поголем круг на субјекти. Во најмала рака, добриот однос со МПЦ, која е најголема верска институција во државата, е од симболичко значење за политичките партии. Тоа значи дека и партиите го поттикнуваат политизирањето на улогата на Црквата, и тоа не затоа што ја гледаат Црквата како институција од духовно значење.
За СДСМ посетата на делегацијата на Црквата беше одличен пропагандистички момент затоа што се доби впечаток дека СДСМ му излегува во пресрет секому. На долг рок, СДСМ може да ја искористи сликата на партија блиска до Црквата, или на партија во мир со Црквата за привлекување на верници или поклоници на МПЦ, и со тоа да го наруши монополот на ВМРО-ДПМНЕ помеѓу конзервативните гласачи.
Дали таквите средби се примерни за едно секуларно општество какво што е македонското?
За македонското општество, во моментов, не би рекол дека е секуларно. Македонските закони даваат основа за градење на секуларно општество, но за жал, практиката е спротивна. Посетите на партиски седишта се само еден од аспектите на десекуларизираноста во Македонија. Се разбира, никому не може да му се наметне рестрикција на правото на среќавање со кого што сака, но она што е рефлексијата од ваквите средби помеѓу политичкото и верското лидерство е една анахрона и лоша слика на испреплетеност на религијата со политичката сфера.
Вие застапувате мислење дека симбиозата меѓу црквата и политичките партии ја пречекорува граница границата на пристојноста. Зошто сметате дека тоа е така?
„Ујдисувањето” на Црквата со политичките партии е спротивно на темелните вредности на македонското општество (Уставот), но тоа и ја компромитира духовната улога на религијата. Симбиозата меѓу религијата и политиката е спротивна на идеалот на прогресивноста. Преку политизањето на религијата значително се стеснува јавната сфера и се воведуваат нови критериуми за политичка „подобност“ – значи не е доволно само да се биде граѓанин, туку станува важна и верската припадност. Во Македонија, тоа оди вака: со легитимирањето на МПЦ како неоттуѓив дел од политичката реалност но и од „националниот идентитет” (тврдење што ќе го сретнете и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај СДСМ), значењето на терминот Македонец/македонско се бои религиски. Па така, тие што не се православни, или што не се поклоници на МПЦ, веднаш имаат полоша стартна позиција. Со други зборови, легитимирањето на МПЦ како институција од такво суштинско значење ги маргинализира Македонците- муслимани, неправославни а христијани, Евреи, будисти, спиритуалисти, а најмногу – Македонците атеисти.
Денес во политиката нема место за Господ, вера и метафизчки нарации. Живееме во 21 век каде што се повеќе работи се објаснуваат со помош на наука и бројки, а трендот да се враќа Господ во политичката дебата е многу штетен. Јас искрено би бил загрижен ако навистина лидерот на мојата држава мисли дека со верба во Господ може да ги оправи работите. Во исто време, би бил и загрижен ако вербата во Господ е само стилска фигура за манипулирање на публиката. Религијата, институционализирана и политизирана, создава омраза и поделба. Создава (замислени) заедници (каде што ги нема) и табори (кои не прифаќаат луѓе различни од себе). Во случајот на МПЦ тоа се гледа преку примерот со изградбата на храм на Плоштадот, каде што „христијанската омраза” под симболите на МПЦ, пред точно една година беше преточена во вербално и физичко насилство.
Неодамна во вашата колумна напишавте дека Владата свесно продуцира меѓурелигиски тензии фаворизирајќи ја МПЦ во однос на другите верски заедници…
Македонија е земја со диверзитет на конфесии. Фаворизирањето на МПЦ како државна институција е спротивно на таквата реалност. Владата треба да биде свесна дека фаворизирањето на МПЦ создава имиџ дека државата за едни е мајка а за други маќеа. Често пати се прави погрешна аналогија – на пример дека насекаде никнувале минариња, па тоа било слика за еднаквоста на МПЦ и ИВЗ. Но, тука се испушта од предвид дека минарињата и џамиите се градени од страна на цивилното општество, без многу помпезност и интервенции од страна на Владата. Ако во Скопје има повеќе џамии од цркви, тоа прво не е лошо (за МПЦ), а второ нема врска со политика. (Сепак тажно е што живееме во средина со повеќе минариња отколку фабрики.)
Познат сте и по критиката дека МПЦ од верска се претвора во политичка институција. Од каде го изведовте таквиот заклучок?
Парадоксално е што православието се повикува на некоја универзалност, а постојат толку многу национални цркви кои се создавани паралелно со политичките граници. По тој образец, и МПЦ во голема мера е создавана како политичка институција, со посредство на Комунистичката партија во времето на СФРЈ. Денес,пак, политичката функција на МПЦ е и повеќе од очигледна – имате владици кои тврдат дека без црква нема држава, имате свештени лица кои сметаат дека треба да им бидат простени даноците затоа што биеле камбани за одредени политичари да дојдат на власт. Тука и не ви треба моето мислење, затоа што и самите претставници на Црквата нема да одречат дека МПЦ објективно е исполитизирана.
No related posts.


