Mein Kamm од Ефраим Кишон

Ефраим Кишон (1924-2005) е Евреин по потекло од Унгарија, автор на проза и драмски текстови, пред се` со сатирична содржина. Студирал сликање и вајарство; а подоцна се бави и со режија на драми и филмови, како и со продукција. Пишувал и политички есеи и колумни, промовирајќи се како конзервативец и ционист.
За време на Втората светска војна е заробен и разнесуван низ логорите во Европа; еднаш се спасува благодарејќи на својата дарба за шах (на командирот му требал соодветен партнер за игра); подоцна, го извлекува посреќниот крај при „жрепките“ за стрелање; за на крајот да избега од возот кој требало да го транспортира за Собибор. Од Европа пребегува во Израел во 1949, а животот го завршува во Швајцарија.
Во неговата кариера, понатаму, еден од носечките мотиви ќе му биде токму Холокаустот и нацистичка Германија. Едно дело кое директно го исмева првенствено Фирерот, но и Рајхот во неговата целокупност е Mein Kamm („Мојот чешел“). Инаку, речиси сите негови дела (околу 50) ги пишува на германски.
Од самата зборовна игра (камф – камм), преку целата приказна за „обесправениот во својата татковина“ и узурпацијата на ресурсите и богатството од страна на определен ентитет (во овој случај тоа се „ќелавковците“, од таму и чешелот како орудие со толкава моќ :) , Кишон прави една толку верна пародија, што на моменти изгледа како реалност. Психолошката толпа и губењето на свеста и совеста, манипулацијата со интересите и злоупотребувањето на механизмите кои го формираат јавното мислење, креирањето на незадоволството; односно „создавањето на виновник“ кој би бил одговорен за потресите во општеството преку демонизирањето на цела група луѓе, а во суштина само лечење на сопствените фрустрации е суштината на една историска епизода која човештината сака да ја заборави што поскоро (ама за жал живееме во репризата на истата). Но, истата таа епизода, Кишон ја преместува во една многу поинаква поставеност, при што таа станува крајно банална, апсурдна, дури и психоделична ноќна мора. На крајот, при самиот врв, се случува целосен крах, и главниот „протагонист“ се освестува на местото каде што таквите умови заслужуваат да бидат – во посебна институција.

Кишон, за некого контроверзен, за некого само ироничен, дава добра поука; јас Мајн Камм ја доживувам како книга без некоја поголема уметничка вредност (слободно може да се рече дека е тривијален „лака коњица“ роман); но книга која би можела да биде влијателна во поделените општества (а зар веќе постојат неподелени?) делувајќи како аналгетик за болката предизвикана од нереализираните историска права (што пак произлегува од напливот на социјални проблеми) од една страна, и спермоцид за раѓањето на нови Фирерчиња од друга. Со доза на резерва, се разбира, поради кармата која со себе ја носи име како Ефраим Кишон.

No related posts.

RSS Feed for This PostPost a Comment