Стожерот на фригидноста

Стожерот на фригидноста

Античка трагедија во еден чин

од Пастократ*

Улоги:
Зевс – Бучко
Хера – Раца
Арес – Николче
Атена – Илинка
Посејдон – Кондарко

Сцена – Олимп (во случајов Владата на Република Македонија)

Пролог

Хорот: Која ли е ах проклета таа
Ќерка на Дракона свирепиот
Херината страст меѓу Сцила и Харибда
Што ја протера
Ах кој ли е тој душман
Либидото нејзино
Во крв што го задуши

(влегуваат Арес, сиот растревожен и Зевса, видно налутен)

Арес: Ах, Татко на сите богови, услишај ја мојата желба, дозволи ми да го спалам оној смртник Сократ кој шири неморал и безбожништво меѓу другите смртници
наши покорни. Дозволи ми татко, да наплатам за гревовите кон нам сторени.

Зевс: Сакан Аресе, господаре на копјето и војсководецу смел, верувај дека и јас би ја сакал неговата глава, меѓутоа не смееме да ги растревожиме масите народни. Свежи се сеќавањата на Прометеја, Аресе. Сократ сам ќе си ја испие животта во него.

(влегува Атена)

Атена (воскликнува): Ах татко, прекрасни новости Хермеса донесе. Статусот насушен, татко, доделен ни е нам. Статусот татко, за кој ги секнавме морињата, за
кој сон немавме, статусот, го заработивме.

Арес (го менува изразот на лицето): Ах, благословена сестро, Атено Палада преубава, премудра и прехрабра, величествена новост носиш ти во собава чемерна. (кон Зевса) Па татко, молњевит господаре, можеме да заборавиме и на Сократа, и на Платона, и на се` натаму или наваму, наши се изборите! Моќта наша долго ќе трае!

Зевс (со болка во душата): Ах деца мои палави! Залуден и кобен е статусот наш новоздобиен, залудни се ветриштата наклонети, залудни се и изборите однапред искачени врвински, залудно е и тоа што Сократ ќе оди во неврат. Искрен да бидам кон вас, местото од каде што сте излезени, меѓуножјето мајчино ваше, веќе 2 недели е задушено во крв, според Херините зборови. А тоа е неизводливо деца мои горски, лаже блудната, како што и за Херкула ме излажа.

Атена: Ох татко, со сета покорност кон твојата величественост, те прекорувам за искажаните зборови према мајка. Знаеш колку таа беше посветена на статусот наш непреболен.

Арес: Но, сестро, нам мажите ни треба чинот на облагодорување на телото за нормална функција. А тебе татко, ако ти текнува, и Артемида, па дури и преубавата Афродита од време на време доживуваа изблик на гневна одбивност кон твојот громомовнички жезол, но притоа ти им прости. Громовнику пресветол, прости и уште еднаш, а впрочем ако твојата гордост тоа го непровидува нарасни со друга светлина, некоја од сестрите мои или обична смртничка на крајот на безизлезот.

Зевс: Прав си Аресе синко, брате Дионисов, кој исто така ме имаше порано советувано. Меѓутоа, имам друга јад на душава, која не би имал смелост пред сестра ти преубава да ја кажам. Атено, би те замолил да отидеш до градот твој кај Акрополисот омилен, и маѓепсај го Сократа да го испие еликсирот на смртта. Прати го во кабинетот мој Посејдона, нека исплива од синилото, неговиот совет и повеќе од неопходен ми стана.

(Атена излегува, а Ареса почнува да свири на лира. Влегува Аполон.)

Посејдон: Громовнику тажен, штом слушнав дојдов. Исплачи ја маката твоја горка нам, мене и Ареса, чедата покорни.

Зевс (растреперено): Уф, ти господаре на големите води, ти, брановит синко, заштитнику Ликургов, и Ареса лукавиот војсководец и херој Тројански најубаво ќе ја разберете пепелта на мојата рамковност. Замисли Посејдоне, како тризабецот твој, пред сирените е отапен и смекнат, или ти Аресе, замисли како копјето твое, во битка поткршено и непослушно е. Така мојот громовнички жезол пред мајката ваша родилка, е смекнат и неспособен кога ветерот низ нашиот Олимп дува. Ниту Тезеја не би се справил со маката моја, а и Ахила, кралот Мирмидонски и син Тетизов би потклекнал знам.

Арес: Ох таксират е тоа голем татко несреќен, затоа и мајка потклекна на искушението да лага за крвта меѓуножна и заболената глава.

Посејдон: И затоа таа се фрли на работа на статусот татко, а те остави тебе, сам во кочијата и со молњите да се играш.

Зевс (по кусо размислување, отсечно извикува): Деца пресветли, соберете ги само премудрите смртници и вашите браќа и сестри, лекот за оваа несреќа да се изнајде мора во овој зол час, а во исто време и судбоносен момент, кога статусот наш веќе пристигна!

Епилог

Хорот: Громовникот велик на мака се беше сторил
На жезолот негов молњи му секнаа
Облагородена не бидна Хера
Па мораа двајцата
На статусот да работат
Прехрабар громовнику
Запомни
Маката твоја судбоносна беше
Ако жезолот твој беше тврд
Статусот можеби немаше
Никогаш да го добиеме
А ти жено Зевсова, Херо наша трпелива
Добро е што се согласи
Необлагородена да шеташ
По падините Олимписки
Затоа што можеби ако гората твоја
Проодна беше
Статусот насушен
Немаше никогаш да дојде

___
* Пастократ – од Пастор, Овчар

No related posts.

1 Trackback(s)

  1. From Martin Markovski | Dec 23, 2009

RSS Feed for This PostPost a Comment