Изјава за студентското движење

За Макфакс, 21 јули 2010

Во Македонија исклучително ретко сме имале случаи на автентични граѓански акции кои завршиле успешно, во смисла на промена на некоја конкретна практика или политика. Дополнително, системот е така дизајниран да ги индоктринира граѓаните, вклучително и средношколците и студентите дека промените може да се издејствуваат само од позиција на моќ. Од најмали нозе луѓето се воспитуваат дека “ведната глава сабја не сече”, наместо дека “подобро е да се умре стоејќи, отколку да се живее на колена”. Во таква ситуација, личниот интерес и безбедност се поставени високо на пиедесталот, при што многумина тоа го сфаќаат и како амнестија за сопствената одговорност за подобрување на општеството, што пак е неизоставен дел од концептот на “граѓанство”. Сепак, мислам дека проблемот не е само во тоа дека “младите се апатични” – значаен дел од нив всушност се прилично бунтовни; вистинскиот проблем е постоењето на формални тела како СПУКМ и СУМ на кои им е припишана улогата на официјален претставник на една цела категорија граѓани.

[...]

Мислам дека не треба да се работи на промена на свеста на младината, туку промена на перцепцијата на тоа “кој” е младината. Постојат неформални автентични студентски само-организирани движења кои жестоко застануваат во одбрана на студентските интереси. Меѓутоа, поради тоа што немаат средства и логистика како што имаат официјалните претставници, тие се сметаат за аутсајдери во целата приказна и не добиваат збор ниту внимание. На големо се говори за корумпираноста и инструментализираноста на СПУКМ, но повторно кога се бара студентски претставник, тие се првата адреса на која се обраќаме. Кога можеби “исклучоците” како на пример “Слободен индекс” би добивале повеќе шанси и не би биле така злобно изложени на етикетирање и оцрнување, можеби и самата свест на обичните пасивни набљудувачи би се променила – би си рекле, “еве, има некој кој не ведне глава”. На крајот, не смееме да заборавиме дека на системот му требаат послушници.

Линк: Студентите и средношколците – пиони наместо лидери

No related posts.

RSS Feed for This PostPost a Comment