Не го заслужувате мојот глас

Еве мое толкување на некои од ставовите во писмото од групата интелектуалци, или „зошто ја поддржувам граѓанската иницијатива `Жолт картон! Не го заслужувате нашиот глас!’“:

  • Најдрско, и најбезобразно партиите си ги промовираа кампањите недели пред официјалниот почеток, а со нивните ноншалантни изјави уште го оправдаа истото. Капак на се` беше и компромитирањето со вмешување на фудбалот како актуелна тема при што споменуван беше и младиот фудбалер Славковски, како и светското првенство и тн.
  • Кампањата, освен што почна пред официјалниот рок, уште од нејзиниот неофицијален kick-off, e проследена со насилство, пукање, тепање, фалат уште жртви.
  • Македонските политичари се обврзаа на мирни избори пред светата (меѓународна) заедница. За жал, насилството продолжи, дури и ескалираше – изборните активности станаа ризични. Толку од вредноста на нивниот збор и нивните прогресивни определби.
  • Во кампањата од страна на партиите беа вклучени деца, малолетници. Тоа е против сите закони.
  • Во кампањата беа изречени одредени политички ставови и беше демонстрирано политичко однесување, кои се судираат со државното уредување и Уставот на Р. Македонија. Кулминацијата се случи со директните лични напади и навреди меѓу политичарите, што за мене е крајно неприфатливо.
  • Изборите се процес, кој си има свој определен тек. Досега, тој процес беше пропратен исклучиво со нерегуларности. ИЗБОРИТЕ ВЕЌЕ СЕ ПОКАКАНИ (и од правен, и од политички аспект), гледајте да не ги покакате уште повеќе, на пр. некој да загине на гласачко место.
  • Институциите (министерството за внатрешни, полицијата), не смее да се дистанцираат од предизборните инциденти, затоа што тоа е селективно дејствување кое е својствено за авторитативни режими. Наместо превентивното малтретирање и претресување на основано осомничени малолетници, одете и спроведете истрага!
  • Дали можеби средства од буџетот или пак профитите од нелегалните бизниси се одлеваат во кампањите? Дајте транспарентност, дајте сметки, затоа што со сомнителна или условно кажано „валкана“ кампања не ни може да има поинакво владеење.
  • Дали Советот за радиодифузија е доследен на своите постапки, како на пр. забраната за емитувања на песната со Ѕинго?! Дали сите платени политички реклами се навистина платени? Дајте извештај!

Зошто го поддржувам активното бојкотирање на изборите (прешкртувањето на ливчето на 5и јули):

  • Со тоа што излегувам на изборите, јас имам потполно легитимно право како активен учесник во изборниот процес (гласач), да се вклучам во јавната дебата. Секој кој на 5-ти јули ќе може, но нема да го искористи своето право на глас, а со тоа и нема да земе учество во изборите, доколку подоцна се обиде да се вклучи во дебатата за изборите, ќе биде само спасувач на плажа, кој не знае да плива.
  • Со тоа што ќе излезам на изборите, и ќе го прешкртам ливчето (или ќе му нацртам нешто, или сл.), јас ги отфрлувам понудените опции, и со тоа ја пренесувам пораката, која е и во заглавјето на оваа иницијатива – „не го заслужувате мојот глас!“.
  • Со искористување на моето право на глас (преку гласање за никој), јас директно влијаам на демократските процеси и спречувам некој друг да го злоупотреби ливчето наменето за мене (понењето кутии е пракса на досегашните избори, и ништо не ме одвраќа од мислата дека ќе си продолжи така и на овие).
  • Следствено, поголемата излезеност на изборите повлекува намалување на можноста за фалсификат (помалку неискористени ливчиња).
  • Некои велат дека со шкртањето на ливчето им се помага на големите партии, а им се одмага на малите. Вистината е дека прешкртаното ливче им штети на сите. Ја зголемува излезеноста на граѓаните, а им го намалува процентот на СИТЕ партии. Затоа, ако си против овој политички предизборен геноцид на демократијата, правилниот потег е да излезеш и да го шкртнеш ливчето, отколку да останеш дома, или да заокружиш некој „на тепка“.
  • Некои други пак, велат дека целата граѓанска иницијатива, и активниот бојкот на изборите, се премногу стереотипизирачки, односно дека неправедно се врши генерализација на сите политичари, и сите партии. Според мене, тој однос, е најискрен и најдиректен. Никој не треба да биде амнестиран од одговорноста. Јас не видов ниедна политичка партија да се повлече (не да протестира, да се повлече) од изборите, но во контекст на општата регуларност, насилството, манипулациите. Ако за некои партии изборите се нерегуларни и нелегитимни, зошто тогаш учествуваат во нив? Никој не може да ги ослободи од одговорноста, освен самите.

Линк – Време
Линк – прогласот

No related posts.

RSS Feed for This PostPost a Comment