Политички Компас – Македонија

Вовед

Деновиве правев едно истражување за на факултет. Темата ми беше „Македонски партии“, па јас се одлучив за малку необично и можеби дури и налудничаво истражување – изработка на идеолошки спектар за партиите во Македонија. Бидејќи бев сам, а времето прекратко, идејата се сведе на истражување за идеолошкото позиционирање на двете најголеми партии (кои имаат и најмногу пратеници во Собранието) – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Да се истражува идеологија на една партија е прилично комплексна работа, а според некого можеби и залудна. Сепак, чепкајќи по литература и сл., јас досега не најдов нешто слично кај нас, па ќе си земам за право да кажам дека и покрај тоа што целото истражување е неформално, има методолошки недостатоци и не е научно, е еден од првите обиди за лоцирање на двата столба на македонската политичка сцена на иделошкиот графикон (оној со две оски, лево-десно и авторитаријанизам-слобода).

Методологија

Што се однесува до методологијата, еве како накусо беше спроведено истражувањето:

  • го зедов прашалникот од Политички Компас и направив адаптиран превод на прашалникот, адекватен за македонските партии
  • сметав дека прашалникот треба да се одговори преку симулација на ставови, односно да се раководам од статутите, прогласите и платформите на партиите; но како ресурси тие беа преоскудни за одговарање на прашањата, па затоа се решив да ги прашам партиите директно кои се нивните ставови во врска со дадените прашања, т.е. се одлучив за поинакво решение – тие да ми ги одговорат прашањата (што значи дека е оставен поголем простор за тенденциозно одговарање, но идеологијата бар за ова истражување ја дефинирав како „верувања насочени во акција во даден момент“, така што кога некого прашуваш за неговите убедувања, не постои точен одговор)
  • стапив во контакт со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и соработував со по еден висок претставник од двете партии (не би било етички да ги кажам имињата поради тоа што одговараа во име на партиите, но и двајцата се пратеници, имаат искуство во Европски институции, дел се од раководствата), и верувам дека одговорија на прашањата во име на партиите, а не во нивно лично име, и со тоа колку-толку се санираше недостатокот од соодветен репрезентативен примерок (првична замисла ми беше анкетирање на цели пратенички групи, комитети, одбори и сл. ама тоа малку потешко)
  • нивните одговори ги процесирав преку Политички Компас, и потоа направив анализа

Неколку други работи околу истражувањето:

  • намерно не ги приложувам одговорите на партиите за прашање-по-прашање, бидејќи фокусот на истражувањето е идеологијата во целина, а не дебати по определени ставови
  • изоставена е емпириска анализа за време на владеењето и сл. симулации, затоа што тестот на Политичкиот Компас се однесува само на ставовите во даден момент (и се работи за ставови на партии, додека Владите се коалиции, а и идеологијата често пати се губи во фотељата)

Значи, во куси црти – преку претставници, им правев Политички Компас на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Резултатите

Резултатите кои ги добив, сигурно ќе ве изненадат сите.

ВМРО-ДПМНЕ

Од графиконот кој се доби по внесување на одговорите од претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, може да се заклучи дека:

  1. од аспект на економијата и производството, ВМРО-ДПМНЕ е партија на центарот со тенденција за придвижување кон десницата;

  2. од аспект на балансот меѓу индивидуалната слобода и автократијата, ВМРО-ДПМНЕ е партија која ги негува традиционалните вредности.

Од одговорите во поодделните области на прашањата, може да се заклучи дека:

  • во поглед на односот кон татковината и меѓународните односи, ВМРО-ДПМНЕ е со јасна национална определба, притоа не застранувајќи во расизам и ксенофобија, со тоа што понекогаш оправдуваат и неполитички средства за остварување на определни цели;

  • во поглед на економијата, ВМРО-ДПМНЕ го поддржува пазарното стопанство, но е резервирана во однос на социјалната функција на државата, но сепак води сметка за невработеноста, и поддржува регулатива во име на заштитата на животната средина и сузбивањето на монополите.

  • во поглед на социјалните вредности, ВМРО-ДПМНЕ држи до традиционализмот и конзервативизмот, за нив моралот и работната етика имаат клучна улога во општеството.

  • во поглед на останатите општествени прашања, ВМРО-ДПМНЕ негува ставови во кои делумно се провлекуваат патријахални елементи, духот на доверба и верба во државата, со тоа што нивната строгост не значи и нехуманост.

  • во поглед на религијата, кај ВМРО-ДПМНЕ се забележува значително приближување кон духовните вредности, и тие на религијата гледаат како на ефикасно средство за подигнување на етичноста во општеството, а на црковните фондови како на ефикасно средство за помош на социјално загрозените.

  • во поглед на сексуалноста, ВМРО-ДПМНЕ негува строги традиционални вредности, но притоа ја почитува приватноста и индивидуалноста при сексуалното остварување на поединците.

Оттука, ВМРО-ДПМНЕ може да се опише како партија чија идеологија е:

  • демократска и национална според својата генерална определба;

  • конзервативна според вредностите кои ги негува;

  • либерална според својата економска ориентација;

  • демохристијанска според начинот на солидаризирање со социјално загрозените и инволвираноста на религијата во нивните политики.

СДСМ

Од графиконот кој се доби по внесување на одговорите од претставникот на СДСМ, може да се заклучи дека:

  1. од аспект на економијата и производството, СДСМ е лево-ориентарана партија со наклон кон центарот;

  2. од аспект на балансот меѓу индивидуалната слобода и автократијата, СДСМ се движи во насока на претпочитање на слободата отколку на традицијата.

Од одговорите во поодделните области на прашањата, може да се заклучи дека:

  • во поглед на односот кон татковината имеѓународните односи, СДСМ е со јасна национална определба, не застранува во расизам и ксенофобија, и се залга за конвенционално дејствување;

  • во поглед на економијата, СДСМ во основа го поддржува пазарното стопанство, ја потенцира социјалната улога на државата, но не смета дека има потреба да ги ограничува компаниите во име на заштитата на животната средина;

  • во поглед на социјалните вредности, СДСМ е за поголема слобода за граѓаните при одлучувањето во нивните животи, но е резервирана и делумно конзервативна за определени производни дејности;

  • во поглед на останатите општествени прашања, СДСМ држи до ставови во кои провејува делумно егалитаријански дух, генерално ја поддржува сегашната улога на државата, е делумно строга во однос на правните прашања, и е против патријахалните вредности;

  • во поглед на религијата, СДСМ се движи во насока на секуларизмот, и за неа религијата не е фактор за подигање на моралниот код во општеството;

  • во поглед на сексуалноста, СДСМ има исклучиво конзервативни и строги ставови, ја почитува приватноста при сексуалното остварување, но е загрижена за опаѓањето на моралот во општеството.

Оттука, СДСМ може да се опише како партија чија идеологија е:

  • социјалдемократска и национално свесна според својата генерална определба;

  • либерална и секуларна според вредностите кои ги негува, освен значително построгите ставови кога станува збор за сексуалноста;

  • делумно интервенционистичка, но пред се` либерална според својата економска ориентација;

  • социјална според начинот на солидаризирање со социјално загрозените;

Споредба со идеологии на партии и коалиции во други земји

За да биде малку повесело, и полуцидно, решив да направам и компарација на идеолошкото позиционирање на нашите партии со партиите од другите земји, кои можат да се најдат на сајтот на Политички Компас (значи се правени преку слична методологија, но на истиот тест).

Партиите во Обединетото Кралство, низ времето

Од споредбата со дијахронискиот графикон за идеолошкото позиционирање на партиите во Обединетото Кралство, можат да се извлечат следниве заклучоци:

  • идеологијата на СДСМ е блиска до онаа на Лабуристите пред Ентони Гиденс и внатрепартиските реформи во доцните 1990-ти;

  • идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ е блиска до онаа на Конзервативците во 1970-тите, пред Маргарет Тачер и реформите во 1980-тите.

Бидејќи ме интересира политичката аналогија, од горенаведеново, веднаш ми дојдоа следниве идеи:

  • идеолошката поставеност на двете најголеми партии во Македонија е иста како онаа во Обединетото Кралство пред околу 30-35 години; тогашната економска состојба во која се наоѓа Кралството е во константен пад; македонската економија исто така е во константен пад
  • најодговорни за таквата лоша економска состојба на Кралството се Лабуристите; па затоа во 1979 на власт доаѓаат Конзервативците, реформирани, на чело со Тачер со цел да сменат нешто во економијата
  • ситуацијата во Македонија е слична: економијата бележи константен пад, па затоа левицата паѓа од власт
  • Конзервативците, кои се тогаш десен-центар, со текот на времето (и пред, но и по освојувањето на мандатот) ретерираат цело време кон десно – и ВМРО-ДПМНЕ мошне извесно е дека по првичните интервенционистички потези полека ќе го ослободува пазарот од државната регулатива

Се разбира, секоја аналогија си има свои недоследности:

  • Обединетото Кралство долги години е светски хегемон, колонијална сила и има најголема светска економија, а Македонија е…; економијата во Кралството тогаш се бори да си го поврати нивото од порано, додека македонската економија никогаш не доживеала значителна експанзија
  • Лабуристите се партија на работништвото, народот; СДСМ е партија која е наследник на „комунистичката елита“
  • Конзервативците се про-елитистичка партија, додека ВМРО-ДПМНЕ е партија која се претставува како „блиска до народот“

Сепак, ако сте љубители на аналогијата, очекувајте Никола Груевски да се изроди во Маргарет Тачер.

Идеолошко позиционирање на партиите во Германија во 2005

Значи:

  • идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ е блиска до идеологијата на Шредер и СПД од 2005;

  • идеологијата на СДСМ е блиска до идеологијата на Германската „Лева Партија“ (Демократските социјалисти) од 2005.

Занимливо е што ВМРО-ДПМНЕ е практично „збратимена“ со ЦДУ, а сепак во ставовите е блиска до главниот опонент на ЦДУ – СПД.

Идеолошко позиционирање на владејачките партии/коалиции во земјите од ЕУ во 2006

Од споредбата меѓу графиконите за идеологијата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ може да се заклучи дека единствена „блискост“ може да се забележи меѓу идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ и идеологијата на Волфганг Шусел и коалицијата која беше на власт до 2007, предводена од Народната Партија на Австрија.

Заклучок

Имајќи в предвид дека Македонија сеуште е во тешка економска состојба, со значителен број на невработени и социјално несигурни и загрозени лица, партиите сеуште легитимитетот го црпат од „левите“ вредности (тоа доаѓа од фактот што огромна целна група се социјално загрозените). Самото тоа што тие две партии го зафаќаат центарот (со поголем наклон на лево, а не кон десно, како што генерално преовладува во неформалното јавно мислење), кажува дека допрва се отвара просторот за нивно ретерирање и прифаќање на неолибералната концепција. Перцепирајќи го „европскиот графикон“, јасно може да се заклучи дека и скандинавските бастиони на социјалната правда (Шведска и Финска) веќе се десно од оската. Tоа за граѓаните допрва ќе значи соочување со пазарот.

Во однос на авторитаријанизмот и слободата, и двете партии имаат умерени ставови, но загрижувачки е што и таму има доволно простор за ретерирање „нагоре“, ако го следат трендот во другите земји.

За тоа колку кореспондираат верувањата на партиите (нивната идеологија) со реалноста, останува читателите сами да проценат.

No related posts.

RSS Feed for This Post13 Comment(s)

  1. Комитата | Mar 23, 2007 | Reply

    Дай отговорите на отделните въпроси.. така не е интересно

  2. zeroSignal | Mar 23, 2007 | Reply

    Многу добро срочено.. и интересно за читање. Аналогиите се многу на место.

    Интересно е ако земеш во предвид политичка еволуција во Европа – кога станува збор за ЈуКеј, нашите партии се споредуваат со партии од пред 20-30 години.. а во споредба со германија, партии од пред 2-3 години..

    Добро де, не партии од пред 20-30 години, туку нивната агенда и филозофија од пред 20-30 години..

  3. оксиморон | Mar 23, 2007 | Reply

    Супер ти е истражувањево. Ми се допаѓа. Значи, и двете најголеми партии у Македонија се втрат околу центарот. Сал со различни намери, де ;) :)

    Туку, остај тоа…. шо ми направи, дете – се збркав скроз наскроз со моиве резултати од тестов :) ))))) Секој ден откривам нови работи за себе :) ))

  4. Алекс Букарски | Mar 23, 2007 | Reply

    точно. убо ти вика Комитата. не интересираат одговорите конкретно. вака стрелкиве во координативниот систем не значат ништо. ниту споредбите со европските партии. сакам да знам која од партииве, има прецизно формулиран став за одредено за мене значајно прашање. од табеливе, јас тоа не можам да го дознаам.

  5. Shepard | Mar 23, 2007 | Reply

    ајде да се повторам, за комитата и букарски:
    -истражувањево се однесува на идеолошкото позиционирање, а не на поединечни ставови. дебата која сакам да ја покренам е токму на тој топик.

    кога ќе правам истражувања по поединечни теми, тогаш ќе има ставови на партиите по поодделни прашања.

  6. tv-set on blue | Mar 25, 2007 | Reply

    aj sledniot pat i Ljubcho obavezno da bide, oti Ljubcho koa beshe..

  7. ribaro | Mar 28, 2007 | Reply

    многу исцрпно Shep. Посебно интересна е компарацијата на ВМРО ДПМНЕ со Германските водечки партии. А за нас, покорисно би било како споредбени со нашите партии да си ги зел партии на успешните поскомунистички земји како Словенија или Унгарија и да се видиме каде сме спрема нив.

  8. Сатаниел | Mar 29, 2007 | Reply

    Интересно. Нема многу разлика меѓу двете, очекувано можеби. Но едно е како го решиле тестот, а друго како не решаваат нас секој ден во пракса. Мислам дека реално, би излегле и двете партии поблиску до горе-десно ќошето одошто се сега.
    Споредбата со другите партии и оттука што вадиш прогнози, сето тоа е произволно поради различен политички контекст тогаш и сега, таму и овде, како што и самиот забележуваш. Интересно би било да се проследи ова со обичните граѓани кај нас, да видиме каде се, па колку партиите ја одразуваат таа политичка кила. Јас жртва доброволна. Ево прицни овде:
    http://sataniel.blog.com.mk/node/76978#comment-337572
    јавно блог истражување почнува сега.

    Инаку овој тест го правев пред едно 5 години можеби, и оттогаш ми се изгуби сајтот, и сега кога го најдов повторно кај тебе се израдував. Излегува дека сум напреднал према центарот благо – од (-8.2, -5.6) на (-6.4, -4.1). За пет години, и не е така лошо.

  9. Сатаниел | Mar 29, 2007 | Reply

    Мислам дека би се изненадил колку јавноста кај нас е природно лево позиционирана, а исто и во Европските земји. Тоа доаѓа од таму штои политиката у пракса секогаш е понеидилична од политиката во теорија. Инаку заклучокот, дека следува „окрет ппрема десно„ мислам дека ти е на место.

  10. ribaro | Mar 29, 2007 | Reply

    за тестот: Знам дека сум „лев“ ама малку се изненадив од мојата одповеќе лева либерална ориентација

  11. Развигор | Apr 11, 2007 | Reply

    Би било супер истото да се примени и на уште неколку парламентарни партии, особено ДУИ, ДПА, НСДП, ВМРО-НП, ЛДП, ДОМ. И на крај, а се прикажат сите во ист графикон.

  12. Shepard | Apr 12, 2007 | Reply

    би било супер, да соработуваат :)

  13. Jove Hagievski | Apr 24, 2007 | Reply

    Jas sum desnicarski anarhist so leva ideologija,aj sega na ova najdete mu go krajot,hahaha.
    Sto se odnesuva do tvoeto istrazuvanje,naucno kazano,se gleda
    deka si napravil dosta strucen napor,but man WHAT’S THE POINT?
    KOJ E C’ARO?,PO NASE KAZANO.
    Momentalno makedonskata politicka i religiozna oligarhija prat rastur vo drzavata.
    Noviot premier e svetla tocka so crni damki.
    So edna recenica kazano:
    GOSPODE PROSTI IM,TIE SEUSTE NE ZNAAT STO PRAVAT

1 Trackback(s)

  1. From Martin Markovski | Dec 23, 2009

RSS Feed for This PostPost a Comment