Breaking News: втор дел

Драмата која настана во скопската повеќекатница, во која загинаа три лица, меѓу кои две деца, се повеќе се замрсува. Засегнати се` повеќе и повеќе граѓани, меѓу кои и познатите членови на влашкото лоби Лажнар и Концепти.

Дополнителни грижи создава ајкулата на еден од станарите, која слободно пливаше цел ден низ зградата, за на крајот да се заглави во мезанинот меѓу третиот и четвртиот кат 

Поплавата која настана вчера во една повеќекатница на периферијата на Скопје, во населбата Хшоунж, наместо да го дочека својот епилог, повеќе делува како пролог во еден македонски Вотергејт.

Поручекта телата на починатите беа тргнати од купот мебел од становите, и се чека некој да ги земе и да ги однесе на обдукција во Клиничкиот Центар. „Ако не денес, тогаш сигурно утре ќе биде“, ни јавија од таму.

Инаку, на вчерашниот прес во НВО инфоцентарот, МАССО излегоа со соопштение дека двајцата хомосексуалци заглавени меѓу деветтемината во поткровјето, кои од страв од ајкулата која плива во мезанинот меѓу трети и четврти, биле предмет на вербална тортура. Тие ќе поднесат пријави против седумтемината хомофоби од поткровјето.

Македонскиот Хелсиншки Комитет засега е резервиран. Тие ќе се огласат во соопштението на крајот на месецот. Единствено изразија загриженост околу потенцијалното насилство врз жените кои фрлале улошки во клозетите, бидејќи наводно се јавиле неколку анонимни граѓани кои директно ги обвинија Перса и комшиките за запушувањето на санитарниот чвор што предизвика таква застрашувачка поплава.

Метаморфозис пак соопштија дека зградата во која живеат дури петмина блогери, била значаен бастион на интернет – пенетрацијата во Републиката, па сега со наводнувањето и следствено, расипувањето на нивните модеми, целиот тој процес се враќа чекор наназад.

Вечерта, по пресот на НВ Организации, некаде пред полноќ, стигна и рекција од штабот на ДПА. Имено, од сите станови, втора по значителност штета претрпел станот на единственото албанско семејство, под сомнителни околности. Затоа, Џафери смета дека сето тоа е заговор и разработена тактика за нарушување на етничката хармонија во маалото и дека е уште една провокација од страна на националистите.

Други контроверзи предизвика и соопштението на ДРУМ, кои посочија дека единствен ненатопен стан во зградата е станот на влашкиот бизнисмен Концепти. Станот се наоѓа на третиот кат, а единствена штета која ја претрпел е изгребаната влезна врата поради налетите од страна на гладната ајкула, која како што наведовме, се мрести во мезанинот.

Сабајлето се случија низа нови настани кои ги замрсија конците. Куќниот совет, на чело со Персеј Алексоски (инаку сопруг на споменатата Перса, која всушност беше првата жртва на оваа катастрофа, а е осомничена за несовесно фрлање на улошки во тоалетот, а доколку тоа е вистина, таа е и еден од причинителите на оваа трагедија), поднесе барање до осигурителната компанија за исплаќање на оштета од 38,62 милијарди евра во денарска противвредност. Вистинска контроверза настана кога се откри дека во барањето, како повод се наведува „пожар“, а не „поплава“, за што куќниот совет го обвини адвокатот Лажнар, инаку истакнат член на влашкото лоби во оваа земја, и соработник на ненатопениот Концепти. Персеј и останатите, наведуваат дека тој сака да ја заврти целата ситуација во друг правец, при што би извлекол сопствена корист. Затоа ги оставил граѓаните сами да го изготват актот, при што тие од разбирливи причини, сосема случајно го погрешиле клучниот збор. Лажнар беше недостапен за информација.

Инаку, денеска конечно заврши фарсата со итните служби. По неколкучасовни преговори со „Гласот за светлина“, тие успеаја да ги поминат блокадите на „Гоце Делчев“ и околу 16.15 веќе беа на улица Будевајн Зенден, пред дворот претворен во базен каде замотани во пешкири, фротирки и завеси ги чекаа потресените граѓани, сведоци на најголемиот потоп после Библискиот.

За утре е закажан состанок на Владата, која од Мрзенци замина на шопинг во Солун. Исто така, повеќе поп ѕвезди меѓу кои и тинејџерската атракција Ноне најавија дека ќе организираат акција на која ќе испеат по некоја песна и ќе поделат по некој пакет хуманитарна помош за настраданите.

Кај жртвите владее страв од ширење на зарази од фекалиите кои ги има во значителен број во истечената вода. Тие рекоа дека ќе се обратат и до Европа и до Обединетите Нации.

Нашата екипа будно ќе го следи развојот на настаните, како би можеле да усознаеме повеќе за нашите сограѓани, а евентуално и да им помогнеме.

Related posts:

  1. Breaking News

1 Trackback(s)

  1. From Martin Markovski | Dec 23, 2009

RSS Feed for This PostPost a Comment